Македонија
Прилепските средни стручни училишта денес ги отворија вратите за идните средношколци
Прилепските средни стручни училишта денес ги отворија вратите за идните средношколци, со цел нивно запознавање со придобивките и можностите кои ги нуди стручното образование. Активностите се дел од кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука која се спроведува со поддршка на швајцарската амбасада во Скопје и преку која во рамки на првата фаза се водеше интензивен дијалог со општините и компаниите за дефинирање на потребите од отворање нови образовни профили и паралелки согласно состојбите на пазарот на трудот на локално ниво, информираат од надлежното министерство.
„Ѓорче Петров“, „Орде Чопела“, „Ристе Ристески – Ричко“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ согласно конкурсот за упис во средно образование во учебната 2021/2022 година имаат на располагање вкупно 1.059 слободни места со кои треба да се оформат 33 паралелки. Учениците можат да одберат една од понудените струки – машинска, електротехничка, сообраќајна, графичка струка, економско-правна и трговска струка, лични услуги, здравствена, хемиско-технолошка струка, градежно-геодетска, земјоделско-ветеринарна, геолошко-рударска и металуршка струка, шумарско-дрвопреработувачка струка и текстилно-кожарска струка“, стои во дописот од министерството.
Во поголемиот дел од струките, објаснуваат од таму, е воведен концептот на дуално образование, кој се спроведува во партнерство на училиштата со локални компании и кој подразбира повеќе практична настава за учениците директно на работно место, а помалку изучување теорија, што пак, овозможува стекнување на квалитетни и потребни вештини за обезбедување на соодветен работен ангажман веднаш по формализација на средното образование, но и добра основа за понатамошна високообразовна надградба.
Како дополнителна стимулација за идните средношколци да го одбираат стручното образование, покрај воведувањето на концептот на дуално образование кој е доста интересен за младите, од оваа година МОН ја менува и политиката за стипендирање на средношколците.
Имено, сите ученици кои ќе се запишат во средно стручно училиште имаат можност да аплицираат за стипендија, и тоа во вредност од 3.500 денари за 9 месеци во годината, доколку ученикот е дел од дуална паралелка, односно 2.200 денари за 9 месеци во годината, доколку ученикот е запишан во струка која е дефицитарна, како угостителско-туристичка струка, машинска, електротехничка и други дефинирани со конкурсот кој ќе биде објавен вообичаено во третиот квартал од календарската година, информира МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

