Македонија
Притвор за уште едно лице од групата која е под истрага за злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари

Управата за финансиска полиција информира дека во текот на вчерашниот ден, 28.08.2025 година, на граничниот премин „Долно Блаце“, при обид за влез во РСМ, е лишен од слобода С.А., државјанин на Р.Косово, за кој постои основано сомнение дека сторил кривично дело „Злосторничко здружување“ (чл.394 ст.2) и кривично дело „Даночно затајување“ (чл.279 ст.3).
Од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција, лицето веднаш било превземено и изведено пред судија на претходна постапка од каде му била определена мерка притвор во времетраење од 30 дена, по што истиот е спроведен во КПУ Куманово.
Притворањето, појаснуваат надлежните, е продолжение на акцијата од 25 август, кога беа притворени седум лица, како резултат на сложена предистражна постапка спроведена од страна на Управата за финансиска полиција, под раководство и во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, во рамки на која беа превземени низа мерки и активности и беше обезбеден обемен доказен материјал, што резултираше со поднесување на кривична пријава против 13 физички лица и 10 правни лица, за сторени кривични дела: злосторничко здружување, даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело, со што е предизвикана огромна штета на државниот буџет во висина од над 430 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.