Македонија
Пријавени осум случаи на непотребни операции на срце, ќе ги оценуваат и експерти од Словенија, Италија и Австрија
Јавна здравствена установа пријавила осум случи за извршени непотребни кардиохируршки интервенции во интерната комисија што ја формира Министерството за здравство по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба. Интерната комисија утре ќе се состане и овие осум случаи ќе бидат првите што ќе ги разгледа, а меѓународната комисија, пак, ќе почне со работа штом заврши потпишувањето на договорите за ангажирање на експертите.
„Во интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисија ќе ги обработи сите детаљно со цел да се утврди вистината врз основа на медицинските факти. Комисијата утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе биде постапено. Како Министерство за здравство веднаш направивме интерна комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицинските докази според највисоките меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила во кои се дефинирани. За членовите на меѓународната комисија постапката е при крај, треба да се заврши административниот дел – потпишувањето на договорите, за да може јавно да ги кажеме имињата. Се работи за светки признати имиња од Словенија, од Италија и од Австрија“, рече денес министерот за здравство Азир Алиу и нагласи дека побарал и вонреден стручен надзор од Лекарската комора.
Министерот Алиу, работењето на комисиите, кое сега е фокусирано на кардиолошките и на кардиоваскуларните интервенции, го нарече „терапија за здравствениот систем“ и најави дека ќе се прошири на сите сегменти и дека никој, ниту од јавното ниту од приватно здравство, нема да биде поштеден ниту, пак, неправедно стигматизиран.
Освен осумте случаи за непотребни операции, пријавени не од пациенти, туку од јавна здравствена институција, Министерството за здравство на сите расположливи алатки не добило друга пријава или претставка. Минатата недела здравствените власти повикаа сите што се сомневаат да ги пријават случаите, дури и ако не ја чуваат документација оти таа треба да стои во архивите на здравствените институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

