Македонија
Пријави до МВР: Агитирање, нудење пари и организирано носење луѓе на гласање

Во периодот од 11:00 до 12:00 часот во МВР биле пријавени повеќе настани во врска со изборниот процес. Од МВР велат дека се постапува по добиените пријави и откако ќе се утврдат фактите соодветно ќе информираат.
– Околу 11:05 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, Ф.А. пријавил дека негов сосед на улица Гарсија Лорка ги зел другите соседи со своето патничко возило и ги убедувал да гласаат за политичка партија во ОУ „26Јули“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Околу 11:12 часот во Полициската станица Бит-пазар од политичка партија било пријавено дека на гласачко место во ОУ „Никола Вапцаров“ на ул. Дижонска, околу 10 лица се движеле околу гласачкото место. Полициски службеници излегле на местото, но такви лица не биле затекнати.
– Од политичка партија од Кочани во Полициската станица Кочани било пријавено дека три лица вршат агитација врз гласачи на избирачките места бр.844 и бр.845 во Кочани. Се работи на расчистување на случајот.
– Од политичка партија во Кочани во Полициската станица Кочани било пријавено дека пред избирачките места бр.834 и бр.834/1 непознато лице со патничко возило вршело евиденција на лица кои се движат кон гласачките места. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Во 11 часот во Полициската станица Кочани, П.П. од Кочани пријавил неправилност при гласањето пред ОУ,,Раде Кратовче“ во Кочани, односно дека З.С. наводно делел пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Од политичка партија во Кочани во Полициската станица Кочани било пријавено дека три лица со патничко возило во нас. Оризари носат организирано гласачи на гласање. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Од политичка партија во Кочани во Полициската станица Кочани било пријавено дека четири лица ги попречувале гласачите да го остварат своето право во нас.Оризари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Во 10:35 часот во Полициската станица Крива Паланка, Н.Т. од Ранковце пријавил дека лице од Ранковце доаѓало до избирачко место број 0987 со повеќе луѓе и агитира. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Во 11:05 часот во Полициската станица Крива Паланка, М.Т.С. пријавила дека на ул. 8 Септември неколку лица ги фотографирале граѓаните кои влегуваат да гласаат на избирачко место во градинка ,,Детелинка”. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– На 15.7.2020 во Полициското одделение Ново Село, било пријавено дека во дворот на училиштето во селото каде што биле сместени избирачките места Т.Ќ. вршел агитирање. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Исто така, по преземени мерки во врска со претходно пријавени настани, кои веќе беа објавени од МВР, утврдено е дека:
– Во врска со настанот во кој Е.Е. од Битола пријави дека непознати лица и нуделе пари за гласање, биле преземени мерки и не биле потврдени наводите во пријавата.
– Во врска со настанот во кој Ф.Г. од Прилеп, пријавил дека пред ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп група на граѓани вршеле агитирање, преземени се мерки и не се потврдени наводите во пријавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицевски: Луѓе на Заев се кандидатите за градоначалници што ги предлага Филипче

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, и денеска упати критики до раководството на СДСM, обвинувајќи дека кандидатите за градоначалници кои ги предлага партискиот лидер Венко Филипче се, како што рече, луѓе на Зоран Заев.
„Луѓе на Заев се кандидатите на Филипче, истата матрица само различни луѓе“, рече Мицевски, додавајќи дека СДСM продолжува да функционира под влијание на поранешниот премиер.
Според него, кандидатите се определени со одобрување од Заев, а Филипче е само обична фигура без право на глас. Како пример го наведе кандидатот за Куманово, Мартин Костовски, за кого рече дека е близок соработник и функционер на СДСМ под влијание на Заев.
„Човекот кој беше директор на Службен весник, пратеник, а сега организационен секретар на СДС, е таму само затоа што е послушник на Заев. Како ќе каже Заев, така Костовски прави“, изјави Мицевски.
Тој посочи дека Филипче, како претседател на партијата, нема реална моќ и дека предлог-кандидатите мора да ги испорача во знак на благодарност кон Заев.
Според Мицевски, кандидатите се синоним за неспособност и пораз уште во првиот круг на локалните избори.
Македонија
На граничните премини Богородица и Табановце се чека по 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица и на Табановце е 20-30 минути, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Поднесено обвинение против директорот на болницата за геријатрија за примање поткуп од 20.000 евра

Обвинителството поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и уште едно лице, кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.
Директорот е обвинет дека сторил кривично дело – Примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
„Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата“, соопшти Обвинителството.
Со Обвинителниот акт е доставен и предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.