Македонија
Променливо облачно, во југозападните делови со врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег
Времето денеска, променливо облачно, во југозападните делови со врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје претежно облачно со умерен северен ветер. Кон крајот на денот облачноста ќе се намали. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев се сретна со министерката на Албанија: „Делиме заедничка визија за администрација фокусирана на отчетност“
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари билатерална средба со министерката за јавна администрација и антикорупција на Република Албанија, Адеа Пирдени, во Тирана.
Средбата се одржа во рамките на настанот посветен на Партнерството за отворена власт, иницијатива која ги промовира транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во јавниот сектор.
Министерот Минчев и министерката Пирдени разменија искуства и достигнувања од тековните реформи во јавната администрација, нагласувајќи ја важноста на градењето капацитети и одговорноста на институциите во насока на подобрување на јавните услуги и воспоставување на силни механизми за спречување на корупцијата.
Ова беше и можност да се дискутираат иницијативи за поттикнување на транспарентноста и зајакнување на вклученоста на граѓаните и невладините организации во креирањето на јавни политики.
Министерот Минчев изрази задоволство од успешната соработка со Албанија и потенцираше дека Република Македонија и Албанија делат заедничка визија за поефикасна и транспарентна јавна администрација, фокусирана на отчетност и ефикасно управување со ресурсите. Тој ја нагласи важноста на партнерството за отворена власт во градењето доверба меѓу граѓаните и институциите.
Министерката Пирдени, од своја страна, го поздрави партнерството со Република Македонија, истакнувајќи ја потребата од заедничка работа и споделување на добри практики, особено во борбата против корупцијата. Таа ја изрази подготвеноста на Албанија за продлабочување на соработката со Република Македонија преку заеднички проекти и иницијативи, кои ќе придонесат за создавање на поефикасна и транспарентна јавна администрација.
Оваа билатерална средба ја потврди заложбата на двете земји за отворена и отчетна власт, а заедничките напори ќе придонесат кон развој на инклузивно и демократско општество.
Македонија
Од денес задолжителна зимска опрема за возилата
Од денес почна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година, информираа од АМСМ.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата пред неколку дена ја почна кампањата „Користи зимска опрема“, која се реализира со цел потсетување на возачите на законската обврска.
Зимската опрема за лесни моторни возила подразбира зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 милиметри (6 мм за возила со погон на сите четири тркала) или летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4мм (6 мм за возила со погон на сите четири тркала) и носење синџири за снег во возилото.
За тешки моторни возила подразбира зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат (лопата).
Зимските пневматици имаат подлабока шара, која овозможува лесно истиснување на водата и снегот и се изготвени од материјал, кој е флексибилен и во услови на ниски температури. Обезбедуваат стабилен контакт со подлогата и стабилно управување и запирање на возилото при зимски услови на патот. Зимските пневматици странично имаат ознака: MS, M+S, M&S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Комбинацијата, односно истовремената употреба на зимски и летни пневматици, е исклучително опасна бидејќи го нарушува управувањето со возилото, особено траекторијата на движење и запирање на возилото.
Македонија
Герасимовски: Во сите училни поставивме прочистувачи за воздух, мора да се реши проблемот со загадувањето
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на конференцијата за локална енергија и социо-еколошка агенда потенцираше дека во секое училиште и во секоја училна имаат поставено прочистувачи за воздух, но и дополнителна заштита на прозорците за дечињата да дишат почист воздух.
„Нашата грижа и за највозрасните, но и најмалите е огромна. Во секое училиште имаме поставено во секоја училна прочистувачи за воздух и дополнителна заштита на прозорците во делот на загадувањето, за да нашите дечиња барем додека се во училиштата и градинките дишат почист воздух”, рече Герасимовски.
Тој посочи дека неговата цел како градоначалник е да ги менува навиките на подобро.
„Гледаме дека со отпочнување на зимата, секоја година по ред сме меѓу десетте најзагадени градови во светот. Мора да изнајдеме начини и ние како општина и останатите 10 општини кадешто преку одредени стратегии и програми овој децениски проблем со загаденоста да го намалуваме. Во однос на загадувањето, треба да се вклучат сите општини, вклучувајќи го и градот Скопје“, истакна Герасимовски.