Македонија
Промовирана нова генерација магистрирани и дипломирани студенти на Градежниот факултет во Скопје, Јаневска им порача да ги употребат знаењата за подобра иднина на Македонија

Министерката за образование и наука Весна Јаневска се обрати на свечената промоција на магистрирани и дипломирани студенти на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„За вас, изминатите години беа период на учење, градење пријателства, стекнување нови искуства и растење во личности со вредности и самодоверба. Верувам дека дипломите што ги заслуживте ќе ви донесат успех во работата и воопшто во животот. Би сакала за добар дел од вас, овие дипломи да бидат основа за идно академско и професионално усовршување. Затоа што, вие сте најдоброто што оваа земја го има, и од вашите знаења, умеења и работа зависи напредокот на сите нас. Да бидете оние кои градат добри патишта, стабилни мостови и безбедни згради, да бидете цврстата потпора на иднината на Македонија во делот на градежништвото“, рече Јаневска.
Посочувајќи дека со знаењето кое го стекнале, за дел од младите може да биде предизвик да заминат од државата, Јаневска кажа дека поголем предизвик треба да им биде градењето на својата држава и со нивниот ангажман да ја направат поубаво место за живеење.
„Колку ќе биде поголема бројката млади што размислуваат на овој начин, толку и Македонија ќе биде попросперитетна. А како министерство работиме за да овозможиме во текот на студиите да стекнат што поквалитетни знаења. Во оваа насока се промените во делот на регулативата, одвојувањето повеќе пари за наука, реформите, соработката со студентските здруженија, подобрувањето на студентскиот стандард“, нагласи министерката.
Градежниот факултет во Скопје е најстарата и најзначајна научно-истражувачка установа во Македонија од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката што ги вклучува современите технолошки достигнувања во едукативниот и истражувачкиот простор.
„Градежните инженери од овој факултет се покажаа како добро стручно оспособени лица и се добро прифатени во македонското и светското градежништво. На Градежниот факултет му посакувам и натаму да го задржи и надгради академското рамниште и да продолжи со општествено одговорни ангажмани, како што е учеството во довршувањето на зградите на Факултетот за физичка култура и на ФИНКИ во Скопје, за што им благодарам на професорите предводени од деканот Марковски“, рече Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Албанците се недоволно застапени во неколку клучни институции

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост во врска со најновите извештаи за недоволната застапеност на Албанците на одлучувачки позиции во државните институции на Република Северна Македонија, велат од ДУИ.
„Според анализа објавена во неколку медиуми, Албанците се недоволно застапени во неколку клучни институции, вклучително и Претседателството, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за спорт, Народната банка, МЕПСО и Агенцијата за администрација.
Овој диспропорционален однос е особено загрижувачки по укинувањето на механизмот „Балансер“ од страна на Уставниот суд на 9 октомври 2024 година, кој претходно обезбедуваше правична застапеност на заедниците во државната администрација. По оваа одлука, отсуството на ново законско решение доведе до исклучување на Албанците од клучните одлучувачки позиции.
ДУИ потенцира дека правичната и соодветна застапеност на сите заедници претставува темелен столб на Охридскиот договор и предуслов за еднакво и демократско општество. Апелираме до надлежните институции итно да преземат мерки за надминување на оваа нееднаквост и да обезбедат правична застапеност на Албанците на сите нивоа во јавната администрација.
ДУИ останува посветена на унапредувањето на еднаквоста, правичната застапеност и целосната интеграција на Албанците во институционалниот живот на државата“, пишува во соопштението на ДУИ.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Филипче лично имал профит од препродажбата на трипати поскапиот јаглен од Грција на ЕСМ

Венко Филипче лично имал профит од препродажбата на трипати поскапиот јаглен од Грција на ЕСМ од 2022 до 2024 година, рече денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најскап договор за јаглен, кој го склучила ЕСМ, а е по цена од 82.5 евра за еден тон со вкалкулиран ДДВ, е со компанијата „Зобек мининг груп“. Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, а потоа за уште 48 илјади тони, со што доаѓа до вкупна цифра од 288 илјади тони. Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“, рудникот во Грција каде се копал јагленот, пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дошле истражувачките новинари од Македонија, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена помеѓу 28-30 евра по тон. Тоа е три пати помалку од тоа што Зобек мининг груп продава“, рече Петрушевски.
Тој на прес-конференцијата истакна дека „Зобек мининг груп е компанија која води директно до Венко Филипче“.
„Ова е возилото Ауди Q8 кое Венко Филипче го вози од изборната кампања наваму. Истото е купено на лизинг од компанијата Зобек мининг груп и дадено на Венко Филипче. Газдата на Зобек мининг груп за новинарите потврдил дека тој го купил аудито на Венко Филипче, преку фирмата која препродавала три пати поскап јаглен на ЕСМ и дека сега возилото е на Филипче. Ова е фрапантно и безобразно. Народот плаќа поскапа струја денес за Венко Филипче да вози Ауди Q8. И истиот овој Венко Филипче без грам срам води политичка партија и бара гласови“, кажа пратеникот Петрушевски.
Македонија
(Видео) Филипче: Бугарија треба да каже дека нема да има барања на непринципиелна основа

Бугарија треба да каже дека нема да има барања на непринципиелна основа, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на маалска средба во Прилеп.
„Бугарите треба да направат навистина еден чекор, еден нивни сосед којшто имаа аспирации да стане земја членка во Европска Унија да се однесуваат по европски. Ако ние стравуваме дека утре може да има некаква блокада на непринципиелна основа, на основа на јазикот, идентитетот итн нека покажат европско однесување и нека кажат дека нема да го има. Толку. Нека кажат не, ние сакаме нашите соседи да се во Европа, еве ќе ви дадеме поддршка, не се грижете нема да има такви барања. Е тоа е вистинска добрососедска политика не само да притискаш некого што е помал и послаб од тебе“, рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ работи и лобира кај сестринските партии од ПЕС за поддршка на извештајот потенцирајќи дека благодарение на храбрите и државнички политики на владите на СДСМ, денес македонскиот јазик е признат во ЕУ.
„Ние нашиот идентитет и јазикот го потврдивме. Се потпиша договор за првпат со Европска унија – Фронтекс договорот, на македонски јазик, нема ѕвездички, нема фусноти – е тоа е патриотизам“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.