Македонија
Протестите на специјализантите имаат политичка заднина, колкав притисок и да прават, решение е можно по изборите, вели Демири

Министерот за здравство ги поддржува барањата за поголеми плати и платени придонеси на приватните специјализанти, но нема мерки што би можел да ги преземе до завршување на изборите за да им ги исполни. Демири смета дека протестот на специјализантите, организиран токму во овој период, има политичка заднина.
„Ги примив специјализантите и направивме една компарација каква беше нивната позиција пред 2017 година и каква е сега. Има една голема разлика оти до 2017 година немаа никакви примања, имаа 0 примања. Сегашните примања не велам дека се задоволувачки, јас сакам да бидат нивелирани со примањата на еден специјализант кој е вработен во јавна здравствена институција, но за тоа треба буџет и ребуџетирање, кое сега пред изборите не може да се оствари. Нивните примања за три месеци се доволни да платат рата за специјализација, без да ги вклучам примањата што ги земаат како надоместок за дежурствата. Сигурно ова не е генерирано од проста желба да го подобрат нивниот социјален статус, економските примања, туку генерирано е и со политичка заднина. Независно од притисокот што може да го направат во јавноста, ова е реалноста. Зошто не се задоволни кога правиме таква компарација, која е драстична. Зошто баш сега се иницираат нивните барања е многу индикативно. Треба да се има трпение“, рече министерот Демири.
По изборите, Демири најави дека ќе се избори да има ребаланс на буџетот и примањата на приватните специјализанти да се изедначат со примањата на специјализантите, кои се вработени во јавните здравствени установи.
Приватните специјализанти од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, по неколкунеделни најави, денес почнаа генерален штрајк. Клинички остана без приближно 400 лекари специјализанти, кои нема да се појавуваат на работа, нема да дежураат и нема прават амбулантски прегледи сè додека во писмена форма не добијат гаранција од Владата дека по изборите, ќе бидат исполнети нивните барања за платено пензиско и здравствено осигурување и поголеми плати, кои сега изнесуваат 26.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.