Македонија
Протест на ивент-компаниите пред Владата
Асоцијацијата на ивент-индустријата – ИВАП, попладнево, во 12 часот, ќе протестира пред Владата со мотото „Помен – една година тишина!“ поради една година од забраната за одржување јавни настани.
„Со овој собир сакаме да ѝ го свртиме внимание на Владата, но и на јавноста, за состојбата во нашата дејност, која навистина е голем губитник поради пандемијата. За жал, ние како дејност немаме никаква помош од страна на нашата држава, ниту сме препознаени и разбрани како сектор, а без помош и поддршка не е возможно да опстанеме по цела година неработење“, се наведува во најавата на протестот.
Од Асоцијацијата наведуваат дека зголемениот број на случаи деновиве ги загрижува бидејќи тоа значи
дека уште долго нема да може да почнат со работа.
„Како одговорни граѓани и компании, сметаме дека е неумесно да бараме да одржуваме јавни настани при ваква состојба. Ние не правиме тајни настани, не ги прекршуваме законите и прописите и не ѝ создаваме проблеми на пазарната инспекција. Затоа, сметаме дека немаме друг избор, освен Владата да изнајде начин и да му помогне на овој сектор“, велат од ИВАП.
Во последниот пакет-мерки, додаваат од таму, Владата објави дека се наменети средства за секторот за организација на настани, но моделот што го предложила ниту некому му е јасен ниту, пак, има најава кога би можел да се реализира.
„За жал, изведувачките уметности, музиката и јавните настани се вториот најголем губитник од ковид-пандемијата во Европа и светот според последното истражување на европската агенција EY Consulting, веднаш зад авиотранспортот и, според истражувањата, закрепнувањето на оваа важна општествена гранка мора да биде сериозно поддржано и помогнато од локалните влади“, велат од ИВАП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

