Македонија
Путин: Постои надворешен притисок за зачленувањето на Македонија во НАТО
Кога станува збор за ситуацијата на Балканот, тогаш може да се каже дека тука сериозен дестабилизирачки фактор претставува политиката на САД и на некои западни земји, чија цел е зајакнување на нивната доминација во регионот, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за „Политика“ и „Вечерни новости“, кое доаѓа во пресрет на неговата посета на Србија.
„Уште во 1999 година силите на НАТО, без санкција на ОН, два и пол месеца ја бомбардираа Југославија, а потоа насилно ја одделија автономната покраина Косово. Во 2008 година Вашингтон и неговите сојузници го поддржаа нелегитимното прогласување на независноста на Косово. Во 2017 година, и покрај ставот на половина од населението, Црна Гора беше вовлечена во НАТО. Беа исплашени од референдумот за ова прашање и како резултат на тоа, земјата сега минува низ период на политичка нестабилност“, изјави Путин.
Путин додава дека минатата година, како што посочи, поради форсирано зачленување на Македонија во НАТО, дури биле поведени и процесот на усвојување на уставните амандмани и промената на името на државата, како и ревизија на основите на македонскиот национален идентитет. И притоа, вели рускиот претседател, била игнорирана волјата на македонскиот народ, кој на референдумот за промена на името се изјаснил против, но надворешниот притисок вели Путин продолжи.
„Нашата земја, знаејќи и разбирајќи ги комплексноста на Балканот и историјата на регионот, секогаш ги сметаше за простор за конструктивна соработка. Денес, Русија на Балканот има многу пријатели, меѓу кои посебно место зазема стратешкиот партнер, а тоа е Србија“, истакна Путин.
Рускиот претседател во своето интервју исто така ги оцени како добри и односите со Босна и Херцеговина, особено со Република Српска, а за односите на Москва со Хрватска и Словенија тој рече дека прогресивно се развиваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

