Македонија
Работа од далечина, ослободување за ранливите категории на граѓани: власта со препораки за работодавачите поради топлотниот бран
Министерството за здравство информира дека согласно најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), топлотниот бран со температури над 40°C ќе продолжи до 26 јули 2025 година.
„Имајќи го предвид кумулативниот ефект на продолжената изложеност на високи температури врз здравјето на ранливите категории на население, Владата, на предлог на Министерството за здравство усвои дополнителни препораки за работодавачите, кои ќе важат во периодот од 23 до 26 јули 2025 година:
-Се препорачува ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години.
-Каде што е можно, да се овозможи работа од далечина, флексибилно или двократно работно време.
-Овие препораки не важат за вработените во критичната инфраструктура, како што се здравството, полицијата, армијата, транспортот, енергетиката и јавните комунални претпријатија.
Дополнително, Владата потсетува на веќе важечките мерки од акцискиот план:
• Одложување на работниот процес од 11:00 до 17:00 часот за работници изложени на директна топлина.
• Обврска за обезбедување микроклиматски услови за работа – простории со температура до 25°C, освен каде што природата на работата не дозволува поинаку.
• Континуирано информирање на јавноста преку институциите.
• Активирање на интерните протоколи за работа во вонредни услови во сите здравствени установи, домови за стари лица и образовни институции.
Сите останати институции опфатени со Акцискиот план се повикуваат да продолжат со спроведување на своите обврски и активности. Истовремено Министерството за здравство апелира населението да се придржува до постоечките препораки за самозаштита:
• Престојувајте во разладени простории, особено од 11:00 до 17:00 часот.
• Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци.
• Носете лесна и светла облека, користете заштита за глава и очи.
• Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови.
• Посветете внимание на деца, стари лица, хронично болни и бремени жени – тие се особено ранливи.
• При симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош.
• Одложете активности на отворено во критичниот дел од денот.
• Обезбедете разладени простории (до 25°C) на работното место и во домот“.
Министерството за здравство, како што соопштуваат од оваа институција, продолжува со дневен мониторинг на состојбата и ќе постапува соодветно согласно проценките и потребите.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

