Македонија
Работниците што не добиле покачување на платата за март од 4.000 денари може да тужат, ССМ обезбедува и бесплатна правна помош

Тужби до работодавците може да поднесат сите работници кои со мартовската плата не добиле покачување од 12,6 % колку што предвидува Општиот колективен договор. За оваа можност, која им стои на располагање на работниците, денес зборуваше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. Тој укажа дека право на тужби имаат сите работници кои се потписници на договорите, а не добиле околу 4.000 денари повисока плата за март. Такви се вработените во образованието, кои, место 12,6 %, добија 7 % покачување, вработените во здравството, на кои им беше ветувано 5 % зголемување на платите со онаа од март, но сè уште го немаат добиено и тоа мало покачување место покачување од 12,6 % и сите вработени во јавниот сектор што не добиле плата за март во согласност со Општиот колективен договор, односно не им е зголемена 12,6 %, туку им е зголемена само линеарно за износот на усогласувањето на минималната плата за речиси 1.800 денари.
„Работниците имаат право врз основа на колективните договори потпишани од синдикатите, пред сè, од ССМ и со гранските синдикати, а кое може да го користат во наредниот период, за тужби. Иако обезбедуваме бесплатна правна помош за сите работници, нам нè загрижува тоа што некој свесно сака да предизвика крах на јавниот буџет преку тужбите од страна на адвокатски канцеларии, адвокати. Според адвокатските тарифи, тие би зеле огромни адвокатски трошоци на сметка на една месечна плата на еден работник. Во пракса, доколку на работникот не му е исплатена плата за 12,6 % покачена или не добил приближно 4.000 денари за еден месец зголемување на платата предвидено со Општиот колективен договор, адвокатските трошоци до последната инстанција изнесуваат речиси 60.000 денари. Адвокатите ќе земат десетпати повеќе од она што им следува на работниците“, рече Трендафилов.
Отворена можност за работниците да поднесуваат тужби Трендафилов потсети дека имаше во 2008 година во Министерството за внатрешни работи.
„Тогаш министрите трчаа во полициските станици да ги спречат работниците да не тужат за тогашниот 10 % додаток на нивните плати. Она што е клучно, и денеска вработените во Министерството за внатрешни работи, наместо 12,6 % зголемени плати, добија 10 % и се остава простор некој од вработените да тужи за 2,6 % во согласност со Општиот колективен договор. Најчесто тужат оние што први се пензионираат и потоа создаваат пракса. Меѓутоа, загрижува тоа што изминатите денови, особено преку медиумите и преку некои други наши канали, слушаме дека ќе се прави притисок врз судството да се создаде судска пракса преку која ќе се отфрлаат тужбите за барањата за зголемувањата на платите во согласност со колективните договори. На таков начин ќе се обидат да го стивнат овој процес“, вели Трендафилов.
ССМ апелира да се почитуваат законските обврски и платите да одат во џебовите на работниците, кои ги заслужуваат и кои ги одработуваат, а не во џебовите на адвокатските канцеларии, адвокатите или во судовите и во државната каса за судски такси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР ја демантира партијата Левица: Паушални и целосно неточни наводи кои не соодветствуваат со фактичката состојба

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија категорично ги демантира неточните информации изнесени од страна на политичката партија „Левица“, поврзани со работењето на Конзулатот на Република Северна Македонија во Њу Џерси.
„Станува збор за паушални и целосно неточни наводи кои не соодветствуваат со фактичката состојба. Воедно, ја информираме јавноста дека дипломатско-конзуларното претставништво функционира со редовно работно време и е целосно на располагање за сите услуги и потреби на македонската дијаспора во Соединетите Американски Држави“, велат од Министерството.
Македонија
Перински во Зелениково: Инвестирањето во локални проекти е основа за подобар квалитет на живот

Во рамките на иницијативата „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети Општина Зелениково, каде што одржа работна средба со градоначалникот Коста Маневски и членовите на општинскиот Совет. Средбата беше искористена за размена на идеи и ставови во однос на актуелните предизвици со кои се соочува општината, но и за планирање на идни чекори за понатамошен развој и напредок на локалната самоуправа. Фокусот беше ставен на најважните приоритети за подобрување на животните услови на жителите и за унапредување на инфраструктурата.
Една од темите што беше разгледана беше предлогот за измена и дополнување на Законот за локална самоуправа. Министерот Перински истакна дека оваа измена ќе донесе значајни подобрувања во управувањето на сите општини, со зголемена отчетност и транспарентност, што ќе овозможи поефикасни услуги за граѓаните. Според министерот, измените ќе ги зајакнат општините и ќе им овозможат да се справат со предизвиците со кои се соочуваат, создавајќи подобри услови за живот.
Општина Зелениково, која се наоѓа во јужниот дел на Скопската котлина и ја сочинуваат 14 населени места со рурален карактер, сериозно го насочува својот фокус на подобрување на патната инфраструктура. На првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, на Општината и беа одобрени три проекти, а на вториот повик, таа аплицираше за седум проекти.
Министерот Перински нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува локалните самоуправи и да инвестира во нив што е од големо значење за остварување на заедничките цели за создавање на пофункционални и современи локални заедници. Поддршката од Владата, како што беше нагласено, претставува значителен фактор за успешната реализација на инфраструктурни проекти и за обезбедување на континуиран развој на сите општини и региони. Таа со засилен интензитет ќе продолжи и во иднина во насока на создавање пофункционални општини кои овозможуваат подобро секојдневие за сите.
Македонија
Речиси третина од фирмите чии лиценци ќе се одземаат имаат блокирана сметка или се неактивни, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за фирмите коишто се на списокот што го објави Министерството за транспорт и врски за одземање на нивните лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање, а по спроведените контроли и трагичниот настан во Кочани.
Иако на списокот на фирми на коишто ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски има 479 фирми, всушност лиценци ќе им се одземат на 426 фирми, бидејќи на списокот има некои фирми што се повторуваат, а други на коишто им се одземаат по неколку лиценци.
Истражувањето за фирмите на коишто ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски, покажува дека на фирмите ќе им се одземаат 11 различни видови лиценци. Вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.
Истражувањето открива дека:
– Лиценци ќе им се одземат на 426 фирми, бидејќи од 479-те фирми на списокот има некои што се повторуваат, а други на коишто им се одземаат по неколку лиценци.
– На фирмите ќе им се одземаат 11 различни видови лиценци, а вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.
– За најголем дел од фирмите, лиценците што ќе им се одземат не се услов за фирмите да работат и да добиваат државни тендери.
– Во моментов, само 49 од фирмите што се на листата за одземање лиценци имаат актуелни договори за јавни набавки во вкупна вредност од 26 милиони евра.
– Сепак, само 23 фирми кои имаат важечки договор за јавна набавка всушност ќе ја загубат лиценцата којашто била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра.
– Од сите фирми на списокот, 101 има добиено тендер во последните три години, во вкупна вредност од 77 милиони евра.
– 28 % од фирмите за одземање лиценца се со блокирана сметка или се правно или деловно неактивни, а останатите фирми се активни.
– Приходи оствариле 85 % од фирмите во вкупна годишна вредност од 128 милиони евра (за 2023 година која е последната година за којашто има објавено податоци).
– Најголем дел од фирмите остваруваат ниски годишни приходи. Секоја трета (31 %) од фирмите има годишен приход помал од 15 илјади евра, додека приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 фирми, односно 8 %.
– Во сите овие фирми работат 2188 луѓе. 4 % од овие фирми немаат вработен, а 3 % имаат само еден вработен. Со повеќе од 10 вработени се само 3 % од фирмите.