Македонија
56 проценти зголемен бројот на заразени од коронавирус, Пановски советува брисевите да се земаат на отворено
Вчерашните 807 новозаразени и неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, кој покажува зголемување на новозабоените од 56 отсто во однос на претходната недела, укажуваат на нов бран коронавирус во земјата.
Бројката на новозаболени од крајот на јануари и во текот на февруари беше под 500 дневно, сè до минатата среда кога скокна на 716, во саботата на 720, а вчера на 726 нови случаи. Процентот на позитивни лица од вкупниот број тестирани повторно се искачи над 20 отсто.
„Трет бран веќе има, не очекувам да биде посилен од вториот“, вели микробиологот и професор на Медицинскиот факултет, Никола Пановски за „Макфакс“. Тој постојано предупредува дека треба да се зајакнат мерките, но овој пат вели дека нема да укаже на зајакнување.
„Мерките што ги препорачував не се прифатија пред вториот бран, нема да се прифатат ни сега, па не ги препорачувам“, вели микробиологот Пановски.
Микробиологот има совети за тоа што може граѓаните сами да направат за да се заштитат од коронавирусот, а предлага лицата што се тестираат на Ковид-19 да бараат брисот да им биде земен на отворено оти просториите за тестирање смета дека се гнезда за ширење на вирусот.
„Во затворен простор да не се користатат платнени маски, марами и други импровизации, само Н95 или хируршки. Автобусите и автомобили да се возат со отворени прозорци, да се проветруваат канцелариите, да се прави провев колку што може повеќе. Сите активности да се изведуваат на отворен простор. Брисеви за ПЦР да се земаат на отворено, како што е во ’Жан Митрев’ и ’Аџибадем’, инаку тие се гнезда за ширење на вирусот, заразените влегуваат во затворен мал простор, ја вадат маската, а потоа влегува друг итн. Во лифт, во тоалет на работа, задолжително да се носат маски и особено во тоалети во рестораните да се носи маска“, советува микробиологот Пановски.
На трет бран коронавирус на крајот на ноември предупреди Дејвид Набаро, специјален претставник за Ковид-19 на Светската здравствена организација. Тој рече дека реакцијата на Европа за заштита од коронавирусот не била доволна.
„Имаше неуспех да се изгради потребната инфраструктура во летните месеци откако првиот бран беше ставен под контрола. И сега има втор бран. Ако не се изгради потребната инфраструктура сега, на почетокот на следната година ќе има и трет бран“, предупреди Набаро.
Според него, само неколкумина носители на политички одлуки разбираат дека вирусот се шири експоненцијално и оти бројките може да се зголемат осум пати во една недела, 40 пати во две недели, 300 пати во три недели и 1.000 пати во четири недели.
Можно е заострување на мерките
Од Министерството за здравство немаат објаснување на што се должи последното зголемување на бројките и покрај тоа што кога беше регистриран британскиот сој на коронавирусот во земјата, не беше исклучена можноста бројките и на новозаболени и на починати да скокнат.
Зголемените бројки засега не повлекоа зајакнување на мерките за заштита од Ковид-19. Нова мерка од денес има само за лицата што доаѓаат во земјата од африканските земји.
„Комисијата за заразни болести донесе одлука во која ќе се предложи задолжителен карантин од 14 дена за лица што доаѓаат од сите африкански земји. Во моментот мерките што се во сила даваат резултат. Во зависност од епидемиолошката состојба и врз основа на процена од страна на стручните лица, можно е и понатамошно заострување на мерките со цел заштита од ширење на вирусот во државата“, велат од Министерството за здравство.
Домашниот карантин за лица што доаѓаат од африканските земји е предложен откога брачен пар се врати од патување од Занзибар и двајцата со симптоми на Ковид-19.
Од Министерството известија дека во земјата сè уште не е откриен јужноафриканскиот сој на вирусот, а попладнево известија дека во МАНУ, по анализа на брисевите на двајцата пациенти вратени од Занзибар, утврдиле дека тие се заразиле со британскиот сој на вирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

