Македонија
Расчистени две големи диви депонии во Чаир

Во скопската општина Чаир екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, денеска расчистиле две големи диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во Топаана и во близина на стадионот во општината Чаир.
„Денеска, во координација со Општина Чаир, нашите екипи отстранија огромно количество неправилно одложен отпад на две локации во оваа скопска општина. Во оваа пригода би сакал да апелирам до жителите на градот Скопје својот отпад да не го одлагаат на јавни површини затоа што секоја година бележиме драстично зголемување на количеството отпад од диви депонии, а во текот на изминатите три години бројките се зголемени дури десетпати“, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.
Тој воедно порача дека само со правилно и совесно одлагање на отпадот можеме да ги заштитиме животната околина и јавното здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на средба со шефот на ОБСЕ Вал: Владата не е реформска и не решава проблеми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Килијан Вал.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на државата.
Претседателот Мицкоски информираше за предизвиците со кои се соочува Македонија на политички и економски план, како и дека треба поголема подготвеност и енергичност во решавање на проблемите која што не се гледа кај актуелната власт.
Македонија оваа година претседава со ОБСЕ и таа треба да биде пример, а владата треба да оддаде поголема посветеност на безбедносните прашања, особено затоа што во изминатиот период видовме големо занемарување во тој поглед.
Претседателот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е активно посветена, но не гледа суштински реформи и сериозен пристап од страна на власта, па така државата е на врвот на листата на корупција, бизнис климата е нарушена, има партизација на јавната администрација и голема недоверба на судството, а не се споделуваат ниту европските вредности од страна на власта.
Соговорниците се согласија да се продолжи со натамошна соработка.
Македонија
Средба Џафери – Гир

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Хусни Исмаили и координаторите на пратеничките групи застапени во Собранието, Јован Митрески, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Сурија Рашиди одржаа работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог, работата на ЕУ-агендата и динамиката на усвојувањето на законите, вклучувањето на Собранието во скрининг-процесот и напредокот на дијалогот „Жан Моне“, а соговорниците се осврнаа и на уставните измени.
Заеднички беше оценето дека градењето доверба и добрата соработка меѓу партиите во Собранието не е важна само за успешна реализација на реформите врзани со евроинтеграцијата, туку дека и оваа соработка е важна бидејќи ја обликува политичката култура во земјата.
Беше договорено вакви средби да се одржуваат на редовна основа со цел да се разгледа одблиску напредокот на државата на патот кон Европската Унија.
Македонија
Муцунски на работна средба со претставници на Стејт департментот: Потврдени одличните билатерални односи помеѓу Македонија и САД

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, од вчера престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамките на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт департментот.
„Во рамките на средбата со Стивен Џи, директор во Директоратот за јужноцентрална Европа, и Бенсон Сивек, офицер, кој е одговорен за Македонија, ги потврдивме одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД, кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“, напиша Муцунски во својата фејсбук-објава.
Муцунски во својата објава потенцира дека на средбата ја нагласил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој како одговор на тешката економска состојба во државата и високото ниво на криминал и корупција.
Во следните неколку дена тој ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на националниот молитвен појадок, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.