Македонија
Рашковски тврди дека го местат и побара Наќе Чулев да сведочи за софтверот
Ексгенералниот секретар Драги Рашковски тврди дека обвинителката Ивана Трајчева на компјутерски програм си пишувала пораки што ги прикажала како негова комуникација. Тој вели: „Заборавила да го смени времето, па во една секунда има 43 пораки. Еве кажете ми, јас проверував на интернет, тоа не е можно, Гинисовиот рекорд е дека за 50 секунди може да пишете една порака, а не 43 во една секунда“. Според него, Обвинителството не може да ги дава тие докази, бидејќи незаконски ги прибрале.
„ Обвинителството не може да импутира дека тоа се пораки, за коишто и самиот производител вели дека не може да утврди за каков тип податок станува збор. Од тоа што јас можам да ви го кажам е дека ќе имаме едно навистина интересно судење во македонското правосудство (особено во делот на компјутерската форензика, којашто слабо е применувана, а правосудството запознаено) коешто би требало да имплицира многу поквалитетен начин за прибирање на дигиталните докази. Бидејќи срамота е на лица кои немаат познавања, лиценци, ниту се вештаци, да им се дава да буричкаат, чепкаат по приватни податоци на лица на кои им се одземени телефоните. Податоци и факти што се апсурдни не може да бидат докази. 43 пораки во една секунда, на документ кој со форензичка анализа е докажано дека е правен на компјутерот на обвинителката, тоа не е податок извлечен од телефон, таму стои на кој компјутер е правено“, рече Рашковски.
Обвинетиот доставил и дваесетина нови докази со кои ќе докажува дека не е виновен. Меѓу нив е и предлогот Наќе Чулев, ексминистер за внатрешни работи, да сведочи на судењето.
„Доставивме докази дека не можете да тврдите дека мои средства, уплатени на моја сметка во 2015 година, потекнуваат од тендери во 2019 година. Срамота е тоа што се прави. Сите знаеме дека во 2015 година не сум бил ниту функционер, не може средства од 2015 г. да бидат од кривично дело во 2019 година. Не треба да сте правник, едноставно и Холивуд да го режира ова, не може да го направи така“, додаде Рашковски.
Прашан до каде е со градбата на куќата во Побожје, која новинарите ја нарекуваат хациенда, Рашковски одговори: „Такво нешто нема. Одете на местото, ќе видите, станува збор за плац, кој е купен од мои средства, со кредит за таа работа, и тие средства потекнуваат од времето кога не бев функционер, во 2013 година. Не влегов без средства на местото генерален секретар. Ако ги споредите имотните листови во 2017 година и 2021 година ќе видите дека нема разлика, освен во подароците на моите деца, прибрани од прослави. Друг податок, зголемување на имотот не постои. Децата имаат заштеда од родендени“, рече Рашковски.
Тој призна дека им ги препишал недвижнините на неговите деца.
„Сè друго е мој имот којшто сум го препишал, а сум го имал и пред тоа. Се вулгализира целата работа. Станот, имотот во Струмица, подвижните средства ги имав и пред да станам генерален секретар. Како и секој родител сакам моите деца да имаат нешто, ние сме традиционална земја, едноставно станот што сум го имал од 2011 година само сум го префрлил, имотот во Струмица што сум го имал од 2013 година само сум го префрлил на децата. Новиот имот во Побожје е на кредит“, додаде Рашковски.
Прашан како го вратил кредитот, бидејќи Обвинителството се сомнева дека тоа го направил преку злоупотреба на службената положба, Рашковски додава: „Станува збор за уплата на кредитни картички. Кога функционер оди на пат, има две опции, да земе аванс од институцијата каде што е вработен или, пак, да троши средства, а кога ќе се врати, тоа да го надополни. Обвинителството ја гледа само страната на уплати. Кога сум патувал, секој пат кога сум одел во хотел или ако сум патувал со автомобил сум точел гориво во странство, сум плаќал со моја картичка. Кога сум се враќал тие средства биле рефундирани. Сите знаат по благајничко работење дека тие средства се рефундираат во кеш. Кога ќе се вратат, нормално е вие да го покриете минусното салдо. Меѓутоа, Обвинителството тоа не сака да ви го прикаже како факт и вели ставал пари на својата картичка. А не ја гледа страната дека тие пари се трошени за оправдани трошоци“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.
Македонија
Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, велат од МНР.

