Македонија
Реакции по навредите кон Силјановска: Срамно е да сатанизирате личност по возраст и пол
По серијата навреди на социјалните мрежи кон професорката по уставно право и претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, невладини активити за „Макфакс“ изјавија дека е срамно во 21 век да се дискриминира личност врз основа на пол и возраст. Активистката за родова еднаквост и права на маргинализирани групи, Ирена Цветковиќ вели дека вакви реакции во општеството во кое живееме допрва ќе следат, особено кога за претседателска функција се бори жена.
„Во еден од коментарите имаше споредба на професорката Силјановска со хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, ова е класичен сексизам и шовинизам. Крајно време е да се стави крај на дискриминацијата на жените и на нив да се гледа како на мајки, сопруги, баби…Ние гласно ќе говориме и ќе ги осудиме сите навреди кон жените. Живееме во 21. век во кој светот се бори за мултикултурализам и прифаќање на различностите, а ние за жал сѐ уште имаме проблем со ниска свест за овие вредности. Навредите упатени кон професорката покажуваат дека со свеста за родовите разлики сме останале 500 години наназад“, изјави Цветковиќ за „Макфакс“.
На Фејсбук коментари со реакции напишаа и професорката Катерина Колозова и Жанета Трајковска,директорка на Македонскиот институт за медиуми. Колозова ги осуди омаловажувањата на поединци кон професорката и на нејзиниот профил напиша:
„Мизерна е мизогинијата кон Гордана Силјановска и омаловажувањата кои висат така, неуверливи. Може по сто прашања да не се согласувам со неа но, дека е чесен човек, остар ум и дека има политички талент е факт. Барем признајте дека противникот е достоен“, напиша Колозова.
Трајковска од Македонскиот институт за медиуми вели дека шиканирањето и сатанизирањето на политички противници е недозволиво доколку Македонија сака да стане демократска држава.
„Не ве разбирам. Со дел од вас сум делела улици за правда, за нормализирање на општеството и за политички плурализам. Викавме силно против шиканирање на политички неистомисленици, сатанизирање на граѓанските активисти и игнорирање на експертската јавност и професорите. Викавме за правда и плурализам, мир и конкуренција, различни мислења и различност. Зарем сега вие сте други и е поинаку бидејќи власта се смени?! Па сега, иако повторно се случува истото: исмевање, сатанизирање, шиканирање на политичкиот противник и неистомисленик, сега е ок?! Само затоа што Вие сега тоа го правите, истите вие што силно викавте дека нема правда и нема мир. Па што ви е бре?! Вакво иронизирање и потсмевање беше дел од злото кое не смееше да се повтори. За ова се боревте, да го заземете местото за исмевање и сатанизирање на противниците?! Па кај ви е сонот за плурално, различно и живо општество полно со спротивставени ставови и идеи, ама со иста цел: Македонија да стане нормална, напредна и демократска држава. Изгледа не ни имало сон за Македонија,“ напиша Трајковска.
Реакциите следат откако на социјалните мрежи, поединици упатија навреди кон професорката Силјановска од типот дека е „стара баба“ која треба да чува внуци, а не да води полититика, а претходно ја прогласија и за „старомодна“, бидејќи немаше Фејсбук профил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот – глумец контра правата на културните работници, велат од Левицата
Министерот за култура, Зоран Љутков е тотално отсутен и очигледно незаинтересиран за условите и правата на своите довчерашни колеги – културните работници. Веднаш по стапување на функција, тој го сврте грбот на сѐ што значи култура во Република Македонија, реагираат од Левица.
„Министерот очигледно не ги разликува колективните договори, нивната важност и примена. Му укажуваме дека Колективниот договор за култура не е еден од најдобрите во Република Македонија, напротив далеку од тоа. Истовремено, Општиот Колективен договор за јавниот сектор, кој е донесен подоцна, важи за сите вработени во културните институции и неговите одредби задолжително се применуваат.
За на јавноста да и биде појасно, најголем проблем со испразнетите буџети произлегува од членот во Општиот колективен договор кој предвиде зголемување на платите на културните работници од 10 проценти, почнувајќи од септември 2023 година. Министерството за култура најпрвин го имплементираше ова право и ги зголеми платите за подоцна да донесе решенија со кои истотот зголемување го суспендираше..
За да биде поуверлив во своите настапи, министерот-глумец дури сам си ги спонзорира на социјалните мрежи своите настапи од собраниската говорница, нешто налик на самопромоција, имајќи во предвид декана културните работници повеќе не им се интересни неговите улоги“.
Ароганцијата, додават од оваа партија, оди дотаму што министерот јавно коментира судски одлуки од собраниска говорница и тоа, како што велат, на неправосилни пресуди кои културните работници ги добија во прв степен. „
Но, познавајќи го карактерот на владеачката партија и нејзините тесни врски со судството, сосем е можно повисоките судови да ги укинат првостепените пресуди, а не да ги поништат како што тврди неинформираниот министер.
Но, самиот факт што министерот за култура ги изложи своите колеги на судски процеси треба да му биде јасена слика дека води политика спорот на интересите на културата и културните работници. Да не заборавиме и дека министерот ги остави културните работници без плата за време на празниците, без никакво соопштение или објаснување“.
Левица го повикува министерот, како што истакнуваат, да се вразуми и конечно да ги заштити стекнатите права на културните работници.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од Центар и Чаир
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (Среда) имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Чаир)
Македонија
Министерството за здравство за случајот со „извоз на мозоци“: Немаме директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност
Во врска со актуелната тема во јавноста за научна студија за мозочни примероци меѓу Институтот за судска медицина и МАНУ, потенцираме дека Министерството за здравство нема директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност, истакнуваат од таму.
„Од Медицинскиот факултет сме информирани дека научно-истражувачката работа која е поврзана со биолошки материјал кој во себе содржи генетски карактеристики е предмет на ригорозно нормативно регулирање, како што е Закон за научно истражувачка дејност, Правилник за клинички испитување, Упатство за начинот на постапување при трансфер и транспорт на биолошки материјали, како и начинот на пакување и обележување биолошки материјали.
Дополнително потенцираме дека во посочениот временски период законската обврска за чување на оваа документација била 15 години, а од 2018 наваму законската обврска за чување на документацијата е 25 години.
Постапката за транспорт на ткива во тој временски период се состоела од: Информирана согласност на семејството, по што следувала одлука од Етичка комисија за истражување кај луѓе, за постапката да продолжи со дозвола за извоз на ткива од тогашно Биро за лекови, во кое прецизно се наведува дека ткивото е за научноистражувачка дејност и за кои цели се користи материјалот.
Дополнително појаснуваме дека кога се работи за извоз на биолошки материјал, пред да отпочне самата постапка, потребно е меѓу научните институции во земјава и странство, кои бараат одобрени за извоз на биолошки материјал, да постои склучен формален договор (меморандум), каде се наведени и прецизирани детални протоколи согласно денешната регулатива и нормативна рамка – строго определени услови каде се прецизно се третира секое постапување со биолошкиот материјал, како и зошто се спроведува истражувањето, децидно да биде наведено постапувањето со биолошкиот материјал, како што се земањето, транспортот, примањето од установата и натамошното постапување“.

