Македонија
Реконструкција на улици во должина над два километра во Горно Оризари

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претставници од општинската администрација, извршија увид на работните активности во Горно Оризари, каде се врши реконструкција на 10 краци, со вкупна должина над 2 километри.
Проектот за реконструкција, покрај нов коловоз, вклучува и реконструкција на канализационата мрежа и нови водоводни приклучоци.
„Лошата инфраструктура во урбаната и руралните средини, мора да стане минато и да биде заменета со услови во какви што заслужуваат да живеат сите граѓани на нашата општина. Токму затоа, на врвот на приоритетите на оваа локална самоуправа е реализацијата на проекти кои ќе ги решат инфраструктурните проблеми и ќе овозможат промени и развој на општината, согласно барањата на времето во кое живееме.
Еден од инфраструктурните проекти за оваа градежна сезона е и реконструкцијата на водовод, канализација и коловоз на 10 краци со должина од над 2 километри во Горно Оризари, со вкупна инвестиција над 44.000.000 денари.
Со оглед на должината која треба да биде реконструирана, паралелно се работи на коловозот во должина на трасата од 2028,27 метри за што општината инвестира 23.939.792 денари, а екипите на Нискоградба работат на канализационата мрежа на трасата од 2504 метри, со вредност од 18.717.159. денари. За водоводната мрежа и околу 107 приклучоци, со ангажираност на екипите на ЈКП Водовод, инвестираме 1.706.663 денари.
Од констатираната состојба на терен, можеме да видиме дека станува збор за еден голем инфраструктурен проект, кој се реализира со задоволителна динамика и кој значително ќе ги подобри условите во Горно Оризари“, изјави градоначалникот Коњановски.
Покрај на реконструкцијата на улиците во Горно Оризари, општината согласно Програмата за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, развојната програма и во соработката со јавните претпријатија и други институции, работи и на улици во Долно Оризари, на улица „Бурса“, во населба „Недопирливи“, на улица „Солунска“, улица „Крушевска Република“, на патеката Тумбе кафе – Смолево и на други локации
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Урбаните џентлмени возеа низ Скопје за машкото здравје

Стотици урбани моторџии облечени во костуми, палта, вратоврски и елегантни чевли денеска по десетти пат продефилираа низ улиците на Скопје во рамки на глобалната акција The Distinguished Gentleman’s Ride, посветена на подигање на свеста за машкото здравје и борбата против ракот на простатата.
Со задолжителна кацига на глава и на класични мотори, учесниците беа дел од светско движење што годинава се одржа во 108 држави и собра над илјада учесници.
Скопје за првпат стана дел од оваа урбана и хуманитарна мото-приказна во 2016 година, благодарение на иницијаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои успеаја низ годините да го задржат ентузијазмот и интересот за ова уникатно дружење со хуманитарна цел.
Како и претходните години, собраните донации ќе бидат уплатени на сметката на фондацијата „Мовембер“ во Лондон, од каде потоа се распределуваат кон болници и институции кои се борат за подобрување на машкото здравје и заштита од рак на простатата.
Македонија
Таравари: Горд сум на Алијансата за Албанците, ќе победиме на локалните избори

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук изрази гордост за одлуката на партијата да ја напушти Владата, истакнувајќи дека, и покрај обидите да се прикаже како поделена, АА е посилна од кога било.
„Горд сум на секој од вас што е дел од Алијансата за Албанците, горд сум на сите вас што цврсто стоевте при нашето излегување од Владата“, напиша Таравари.
Тој им порача на критичарите дека обидите да се создаде слика за разединетост не успеале.
„На оние кои се обидуваат да нè прикажат како поделени, ви велам – вашата серија не е успешна. Гордо сме посилни од кога било“, истакна лидерот на АА.
Таравари заврши со порака дека партијата ќе излезе како победник на претстојните локални избори во октомври.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски направи хаос и задолжи три генерации

Опозициската СДСМ денеска со реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото признание за слабостите на Владата доаѓа предоцна и дека за десет месеци владеење, ВМРО-ДПМНЕ направила „непоправливи штети“ во државата.
„Касно е признанието на Мицкоски дека Владата му е катастрофа. Штетите што ги направи за неполна година се непоправливи, а иднината на граѓаните и нивниот стандард се уништени“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
Оттаму обвинуваат дека Владата за краток период „ја уништила економијата, го срозала стандардот и ги закопала перспективите“, без да реализира ниту еден сопствен проект.
„Сѐ што направија е што се шетаа со приватни авиони и бизнис-класи, јадеа манго и папаја, и ја задолжија државата за три генерации. Денес гордо се сликаат пред инвестиции што ги започна СДСМ“, велат од партијата.
Според нив, во јавноста постои „огромно незадоволство“ од политиките на Владата, што, како што посочуваат, ќе се одрази на следните избори.
„Мицкоски не е ни свесен за гневот меѓу граѓаните. Затоа сега најавува победи – затоа што знае дека задоволството од неговата работа паѓа од ден на ден“, стои во реакцијата на СДСМ.