Македонија
Реконструкциjа и велосипедски патеки и на булеварот 8 Септември
Екипите на Град Скопје од денеска го реконструираат булеварот 8 Септември на потегот од булеварот Илинден до улицата Скупи. Во текот на градежните работи ќе се изврши комплетна реконструкција на коловозот, обнова на тротоарите со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници во двете насоки, во должина од 980 метри.
„Реконструкцијата ја почнуваме со тротоарите и велосипедските патеки, а во текот на неделата ќе се префрлиме и на коловозот. Станува збор за релација долга 980 метри, која претставува главна артерија што ги поврзува населбите Карпош 2, 3 и 4 со Злокуќани, Бардовци, Момин Поток и другите населби во северниот дел од градот. Ќе изведеме и нова велосипедска патека, со што ќе го завршиме таканаречениот kонектор број 5 и ќе ги споиме населбите Карпош, Злокуќани и Бардовци со велосипедската патека на кејот на Вардар. Ќе формираме и нов дрворед од 100-ина дрвја, а ќе уредиме и средишна жардиниера“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
За реконструкција на булеварот 8 Септември ќе се вложат 43 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи треба да завршат во рок од 40 дена.
Булеварот 8 Септември е десетта реконструкција што ја почнува Град Скопје во изминатите две недели. Поради тоа, Шилегов упати апел до граѓаните да покажат трпение додека траат градежните работи на сообраќајниците за зимата да ја дочекаме со реконструирани улици во сите општини.
Значајно е да се нагласи дека пред 2 години Град Скопје на булеварот 8 Септември изгради велосипедска патека од улицата Варшавска до надвозникот кај „Александар палас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Николоски: Интензиво работиме на реконструкцијата на превојот Пресека во должина од 11 километри
Интензивно работиме на рехабилитација на превојот Пресека и очекувам до месец февруари целиот патен правец да биде завршен и да ја подигнеме безбедноста во сообраќајот, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Вицепремиерот Николоски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на градежните работи на превојот Пресека.

Тој потенцира дека се работи за проект за рехабилитација на 15 километри патен правец, што е од огромно значење за подобрување на безбедноста во патувањето и ќе го олесни поврзувањето на главниот град со Охрид и Струга.

„Се работи на 11 километри кои целосно се рехабилитираат. Можам да кажам дека во однос на рехабилитацијата на патниот превој Пресека, кој што претставува главна артерија, не само за спојување на Кичево со Охрид и Струга, туку генерално и за спојување на Скопје со Струга и Охрид, се работи со одлична динамика и до февруари месец би требало целиот патен правец да е завршен, што многу ќе помогне додека не се пушти целиот автопат Охрид-Кичево, побезбедно и побрзо да се патува, имајќи предвид дека патниот превој Пресека беше во една навистина катастрофална состојба“, изјави вицепремиерот Николоски.

Македонија
Намалена видливост на неколку патни правци
Поради појава на магла се бележи намалена видливост до 100 метри на патниот правец Страцин – Кратово, од 30 до 50 метри на патниот правец Скопје – Тетово, од 50 до 100 метри на патните правци Велес – Скопје, Скопје – Велес и Куманово – Скопје.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот корисниците на улица Христо Татарчев 14 према објект со куќен број 30. (општина Кисела Вода)

