Македонија
Речиси 40 отсто од светската популација е нетолерантна на глутен
Речиси 40 отсто од светската популација е нетолерантна на глутен, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје, објавен по повод 16 мај – Меѓународен ден за подигање на свеста за целијачна болест.
Секоја година, Националните здруженија за целијакија ширум светот овој ден го користат како можност да ја подигнат свеста кај јавноста за целијачната болест и други прашања поврзани со интолетанција на глутен. Во различни земји, се организираат кампањи и информативни сесии за споделување информации за најновите истражувања, третмани, кампањи за рана дијагноза и диети кои можат да им помогнат на луѓето со целијачна болест и проблеми поврзани со глутен за да ја подобрат својата состојба.
Целијакија или Целијачна болест е хронична автоимуна болест што се одликува со неподносливост на организмот на глутен, кој е белковина од пченица, јачмен, ‘рж и овес. Целијачна болест е медицинска состојба кај која имунолошкиот систем ги напаѓа сопствените ткива кога се конзумира храна што содржи глутен. Се верува дека повеќе од еден милион Европејци боледуваат од целијакија. На еден дијагностоциран болен има најмалку седум што не се препознаени (дијагностицирани). Знаењето за целијакија и одржувањето на здравјето кај оваа болест е на изразито ниско ниво. Болеста ги зафаќа сите возрасни групи од двата пола, Пријавените случаи на инфекција се повисоки кај жените отколку кај мажите. Ризикот од целијачна болест се зголемува кај оние со автоимуна болест на тироидната жлезда, дијабетес тип 1, Даунов синдром и Тарнеров синдром. Целијачна болест може да се развие на која било возраст, а може да се појави кај доенчиња или кај возрасни.
Симптоми на целијакија
Кога велиме целијакија, се мисли на автоимуно заболување, односно состојба при која организамот самиот се напаѓа, напаѓајќи го глутенот. Штетата настанува кај цревните ресички кои се одговорни за апсорбирање на нутриентите во тенкото црево,а глутенот ја оштетува слузницата на ѕидовите од тенкото црево. Во отсуство на здрави цревни ресички, апсорпцијата на неопходните нутриенти е нарушена и доведува до недоволна апсорпција на истите и со тоа до потхранетост. Оттука следува дека сите заболувања поврзани со нутритивните дефицити или недостатоци се возможни.
Последиците можат да бидат навистина сериозни. Различните симптоми на оваа болест долго може да бидат прикривани. Возрасните и децата можат да имаат различни симптоми на ова заболување. Децата најчесто имаат дигестивни симптоми, како надуености гасови, хроничнадијареа, стомачни болки, проблеми со столицата итн. Нутритивните дефицити знаат да бидат особено проблематични кај децата во развој, па така нетретирањето на оваа состојба може да доведе и кон поопасни импликации, како одложен пубертет, нарушено расположение, забавен раст и развој и пореметување на менструалниот циклус. Неспецифичноста на симптомите честопати може да води кон тешко препознавање на болеста. Повозрасните, покрај дигестивните, често имаат и други симптоми, како хроничен замор, анемија, депресивност, главоболки, болки во зглобовите, афти во устата, проблеми со фертилноста препознавање на состојбата.
Дијагностицирање
Ако консумирањето храна со глутен прави одредени проблеми, потребно е да се искомуницира со лекар и тој може да препорача подетално следење на исхраната или тестирање.
За дијагностицирање на целијакијата, но и за алергијата на пченица се препорачуваат крвни тестови, односно тестови кои утврдуваат присуство на специфични антитела (најчесто tTg-IgA тест).
Биопсијата пак (или ендоскопијата), се смета за најрелевантниот доказ за постоење на целијакија. Ако веќе се утврди оваа состојба, тоа може да биде индикатор за понатамошни испитувања за интолеранција на глутен.
Безглутенска исхрана
Кај целијакија, глутенот, кој е белковина што се наоѓа во пченицата, ‘ржта, овесот и јачменот, ја оштетува слузницата на ѕидовите од тенкото црево, што доведува до недоволна апсорпција на нутритиентите и со тоа до состојба поврзана со потхранетост. Штом глутенот се исфрли од исхраната, ѕидовите на цревата се обновуваат, но луѓето со овој проблем целиот живот мора да внимаваат на исхраната со цел да спречат повторно појавување на оштетувањето. Целијачната болест е сериозна, генетска автоимуна болест и во моментов не постои лек за неа. За 3 милиони Американци и 1 од 100 луѓе ширум светот со целијачна болест, единствениот третман е строго придржување кон диета без глутен. Нетолеранцијата на глутен е доста честа појава во денешно време и се карактеризира со негативни реакции на глутенот и се проценува дека 99 % од луѓето кои имаат нетолеранција на глутен, или целијакија, не се дијагностицирани со оваа состојба. Исто така, се проценува дека речиси 40 % од светската популација се нетолерантни на глутен.
Голем дел од луѓето ја прифаќаат безглутенската исхрана поради промовирање на безглутенските производи, како поздрави, корисни при намалувањето на тежината и многу други бенефити кои и немаат баш некоја поткрепа во науката. Така, дури 63 проценти од Американците веруваат дека безглутенската исхрана може да го подобри нивното здравје, дури и менталното здравје, па една третина од нив се обидува да го избегнува глутенот во секојдневието.
Добро е тоа што во последно време има се’ повеќе ,,опции” на оброци и прехранбени производи кои се безглутенски. Безглутенската исхрана (односно избегнувањето на глутенот) е неопходна за лицата со целијакија и единствен третман,за да можат да ги избегнат воспалителните процеси во дигестивниот тракт и симптомите воопшто,а со тоа и да го подобрат сопственото здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Цветаноски: Доволно е власта да се откаже од криминални тендери и ете пари за минимална плата од 600 евра
Имајќи ја предвид тешката економска положба на работниците, намалениот животен стандард и барањата на синдикатите, СДСМ поднесе закон за зголемување на минималната плата на 600 евра.
И наместо да ги покачи платите на работниците и да обезбеди пари, ВМРО тргна во медиумски напади врз СДСМ, а потоа и врз синдикатите, истакна на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Владата вели за работниците „нема пари“. Но има пари за криминални тендери, има пари да се планира купување нов владин авион и туристички патувања, како оние во Давос, со државни пари.
Затоа веднаш се стави во погон партиската говорница на ВМРО и медиумските кујни под контрола на Орбан.Секојдневно се напаѓа СДСМ. Вистината е тешка за власта. СДСМ беше конструктивна, СДСМ поднесе закон неколкупати за покачување на платите, за стандардот на граѓаните, за минималната плата. Власта одби. ВМРО и Мицкоски си поигруваат со достоинството на работниците. ВМРО тера црна кампања, Мицкоски јавно се шегува, им поставува услови, им дели задачи, им порачува кого „ќе чекал во четврток“, додава таа.
Ова, како што вели, е ароганција кон оние што едвај врзуваат крај со крај.
Според неа, наместо да ги напаѓа работниците и СДСМ, Владата треба да обезбеди пари за поголеми плати.
„Доволно е да се откаже од криминалните тендери и ете ги парите. 600 евра минимална плата не е луксуз – тоа е минимум за достоинствен живот“.
Македонија
Гаши во Вашингтон: нагласена важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, престојува во работна посета на Вашингтон, САД, каде што оствари низа средби со високи претставници на американските институции и меѓународни организации, во рамки на зајакнувањето на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.
Гаши оствари средба со членката на Конгресот на Соединетите Американски Држави, Клаудија Тени, копретседателка на Парламентарната група за Северна Македонија во Конгресот. За време на средбата, соговорниците разговараа за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави, засновано на заеднички демократски вредности, како и за значењето на улогата на американскиот Конгрес во развојот и стабилноста на регионот.
Гаши ја истакна посветеноста на Северна Македонија како членка на НАТО, при што ја нагласи и важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност, особено на Западен Балкан.
Во продолжение на посетата, претседателот на Собранието оствари средби и со директори на меѓународни организации кои со години ги поддржуваат демократските процеси и институционалниот развој на Собранието на Република Северна Македонија, односно со претставници на IRI и NDI.
На средбата со Даниел Твајнинг, претседател на Меѓународниот републикански институт (IRI), и Стивен Никс, директор за Европа и Евроазија, се разговараше за досегашната соработка и за стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.
Исто така, на средбата со Тамара Витес, претседателка на Националниот демократски институт (NDI), и Скот Бејтс, регионален директор за Европа и Азија, се разговараше за вредноста на долгорочната соработка меѓу Собранието и NDI. Гаши изрази благодарност за проектите насочени кон зајакнување на независноста и парламентарниот капацитет , дигитализацијата, транспарентноста и приближувањето на Собранието до граѓаните, вклучително и Програмата за парламентарна поддршка, која со години дава видливи резултати.
На сите средби, претседателот Гаши високо ја оцени континуираната поддршка од американските партнери за унапредување на демократските стандарди, потврдувајќи ја повторно подготвеноста на Собранието на Република Северна Македонија за продолжување и продлабочување на соработката во функција на зајакнување на демократијата, стабилноста и подоброто претставување на граѓаните.
Во овој дел од агендата, Гаши беше придружуван од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, како и од владината делегација на Република Северна Македонија, во чиј состав беа министрите Стефан Андоновски и Златко Перински, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Инаку, за време на посетата, Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), а покрај бројните средби со значајни институционални претставници, се очекува да се обрати на Форумот за безбедност во Американскиот конгрес, како и да учествува на панел-дискусијата на конференцијата „Balkans Forward Summit“, организирана од Атлантскиот совет.
Македонија
Поради јавен собир во прекин сообраќајот кај Плетвар
Од 11:30 часот започнат е најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на ЗБСП, на крстосница за с. Ореовец на планински превој Плетвар на магистралниот пат А1 Прилеп- Градско, патниот сообраќај е во прекин во двата правци. На блокадата има поставено возила, гуми и други предмети, соопшти АМСМ.
Кај Касарната во Кичево блокирана е една сообраќајна лента во правец од Скопје према Охрид, возилата се пренасочуваат преку регионален пат за Осломеј, додека другата сообраќајна лента правец Охрид према Скопје е слободна за движење.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40м. има на патниот правец Попова Шапка – с.Лисец.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

