Македонија
Реџепи: Самоволно се засолнив на денот на гласање, се плашев за мојата безбедност

Пратеникот Кастриот Реџепи кажа дека самоволно се засолнил на денот на гласање. Тој вели дека чекорот не бил лесен, особено поради разликите кои ги имал со неговите сопартијци од Беса, кои го исклучија од партијата ден откако тој не се појави на гласањето за недоверба на Владата.
Посочи дека планирал да дојде да гласа за опстанок на Владата и против изгласување недоверба, но тоа не го направил бидејќи ќе бил сам во салата.
„Проценувајќи ја целата состојба, затоа што се знаеше дека немаше да присуствуваат пратеници од мнозинството, ќе бев единствениот пратеник внатре кој ќе требаше да гласа против нешто, против една еуфорија која брзо се одвиваше. Не бев сигурен дека немаше да бидам нападнат вербално, па и физички. Во овој состав имало такви случаи. Јас тоа не го најавив ниту на семејството, но нормално во текот на денот додека ми биле исклучени телефоните сум добил пораки кои се пријавени во институциите. Поради проценка на ситуацијата, имам обезбедување, а не на мое барање“, кажа Кастриот.
Тој не кажа од кого се заканувачките пораки што ги добил, бидејќи истите се пријавени.
„Да им честитам на сите граѓани што земјата уште еднаш го избра вистинскиот, западниот пат. Јас сум мирен и со чиста совест, бидејќи нема подобро од тоа својата држава да ја носиш на патот кон НАТО и ЕУ. За да нема спинови, јас, Кастриот Реџепи, сојузник на своите сограѓани, Албанците и Македонците, стратешки сојузник на САД, во интерес на Македонија, самоволно и одлучно се засолнив на денот на гласање, за да не дозволам земјата да ни отиде во правец спротивен на моите идеолошки убедувања. Не е лесно да имаш суштински разлики во ставовите со сопартијците, но кога САД велат дека има можност за ЕУ-интеграции, срцето и умот велат дека некој мора да пресече за доброто на иднината. Не за нови избори, не за нови поделби, туку стабилно мнозинство, брза реконструкција на Владата ако е неопходна и многу работа“, кажа Реџепи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.