Македонија
РКЕ: Барањето на ВМРО-ДПМНЕ архивирано по стандардна процедура
Денес, пред Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги се одржа протест од страна на ВМРО-ДПМНЕ, при што нивните претставници доставија писмено барање до РКЕ.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го архивира барањето по стандардна процедура како и за сите правни и физички лица. Поради состојбата предизвикана од пандемијата и заштита на здравјето на граѓаните и вработените, РКЕ уште од март 2020 година воведе протокол за работа во кој, меѓу другото, дописите се доставуваат во изолирана кутија на влезот од РКЕ. Во однос на доставеното барање беше постапено по воспоставениот протокол. Здравјето на граѓаните и безбедноста на вработените во време на пандемија е клучен предуслов за функционирање на институцијата и затоа третманот на денешното барање од ВМРО ДПМНЕ е ист како и за сите правни и физички лица што се обраќаат до РКЕ.
Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги ја известува јавноста дека и покрај притисоците од политичките протести, продолжува да работи посветено со полн капацитет водејќи се од начелата на транспарентност и отчетност и ќе опстои во својата независност потврдена од Европската енергетска заедница.
Ја ставаме на увид на јавноста анализата и ги реафирмираме наодите добиени од Европската енергетска заедница со кои РКЕ добива позитивно мислење за да се стекне со статус набљудувач во Aгенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER – Agency for the Cooperation of Energy Regulators) затоа што ги има исполнето обврските и условите од Третиот енергетски пакет.
Во анализата доставена од Европската енергетска заедница до АСЕR се нотира:
„РКЕ ги докажа способноста и посветеноста кон развивањето регулаторни правила со висок квалитет и покрај притисоците од заинтересираните страни, покажа целосна автономија во процесите и го искористи својот независен статус даден во согласност со законот. Регулаторот покажа подготвеност и способност да се спротивстави на потенцијалните влијанија врз независноста што му е гарантирана според законот и да ја одбрани својата автономија. РКЕ покажа највисока експертиза, стандарди и посветеност за навремено развивање на регулаторните правила, како што се бара според Законот за енергетиката и воспостави напреден пазарен модел со висок степен на пазарна ориентација. Според тоа, подготовката на регулаторните акти во секторот на електричната енергија може да се смета за завршена“, стои во анализата на Европската енергетска заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

