Македонија
Рот: Северна Македонија запиша историја со договорот со Бугарија, тоа сега треба и да се награди

Северна Македонија запиша историја со Договорот за пријателство со Бугарија, но и со решавањето на спорот за името со Грција, кој траеше скоро 30 години. Тоа сега треба и да се награди, вели германскиот министер за Европа, Михаел Рот, во заедничко интервју со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, за германскиот весник Die Welt.
На прашање до Димитров дали е изненаден од одлуката на Бугарија да ги блокира пристапните преговори поради јазичниот спор, Димитров вели дека не е изненаден, но дека е разочаран.
„Сето ова започна во октомври, 2019 година. Во бугарскиот парламент се донесе политичка декларација. Претходно Софија вложуваше многу во нашата европска иднина. Со самитот на ЕУ – Западен Балкан во Софија во мај 2018 година и потоа во јуни, кога министерката за надворешни работи Захариева се бореше за зелено светло за нашите пристапни преговори. Но, со Декларацијата во Парламентот, бугарската влада ги стави билатералните прашања на масата на ЕУ. Притоа, ние имаме Договор за пријателство, механизми за расправа за овие теми, историчари од двете земји кои работат на овие теми. Јас сметам дека не е воопшто продуктивно политичарите да расправаат околу историски прашања. Ние сме регион со богата историја, но досега не успеавме на помладата генерација да ѝ понудиме доволно перспективи за во иднина. Оттука, идејата беше: да ги оставиме историчарите да расправаат околу историјата – а ние да се погрижиме за најважните прашања за моментов и за во иднина. Што значи не бевме изненадени, но сме разочарани. Европската Унија, врз основа на Договорот од Лисабон, е Унија која ја почитува културната и јазичната разноликост. И навистина е тешко да им се објасни на граѓаните на Република Северна Македонија како дојде до тоа, нивниот јазик, македонскиот јазик, да биде пречка за пристап кон една заедница која ја цени јазичната разноликост како особено богатство. А, исто така, тешко е да се објасни и тоа зошто јазикот претставува пречка на патот кон добрососедските односи, кои патем треба да се засноваат на меѓусебна почит“, вели Димитров.
Рот, од своја страна, вели дека е оптимист за решение и дека преговорите не се неуспешни, но дека треба уште многу да се направи.
„Како уверен Европеец, секогаш останувам оптимист. Дадовме ветување дека во текот на нашето претседателство со Советот ќе се потрудиме да добиеме зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија. И јас се чувствувам должен кон ова ветување. Преговорите не се неуспешни, но треба уште многу да се направи. На состанокот на Советот на министри скоро сите делегации уште еднаш ставија до знаење дека билатералните теми помеѓу две земји би требало и таму да останат. И дека сега треба да се фокусираме на централните прашања кои се важни за започнување на пристапните преговори. Ова мора да се направи затоа што нам итно ни е потребен позитивен сигнал за Западен Балкан. Мора да признаеме дека Северна Македонија и Албанија во последниве години постигнаа извонредни резултати. Северна Македонија запиша историја со Договорот за пријателство со Бугарија, но и со решавањето на спорот за името со Грција, кој траеше скоро 30 години. Тоа сега треба и да се награди“, вели Рот.
Димитров во интервјуто вели дека една од главните причини зошто сме успеале да го решиме прашањето со Грција била таа што Договорот од Преспа не само што не влијаела врз македонскиот јазик и идентитет, туку го потврдила нашето право на самоопределување.
„Односите меѓу земјите функционираат врз основа на меѓународното право. Државите не ги признаваат јазиците или идентитетите, тие ги признаваат државите и владите. Живееме во Европа во 2020 година. Прашањето за тоа кој сум јас е прашање кое се однесува само на мене. Не дозволувам мојата земја да ми кажува кој сум јас, а да не зборуваме пак за друга земја. Јазиците на европските земји се нивна работа, тие се однесуваат само на соодветно засегнатите народи. Ова би можело да биде рамката која би ни помогнала да го избегнеме овој проблем. Македонскиот, покрај словенечкиот и српско-хрватскиот, беше еден од трите службени јазици на поранешна Југославија. Во меѓувреме, преку политичкиот развој на регионот, ги имаме и српскиот, хрватскиот, црногорскиот и босанскиот. Како народите го нарекуваат нивниот јазик, тоа е нивно право. Воопшто не е продуктивно ова да го претвораме во политички спор помеѓу две земји“, вели Димитров.
Вицепремиерот смета дека решението е да се фокусираме на решливите проблеми, а не на тоа нашиот идентитет да го направиме предуслов за европска иднина.
„Не е исправно Македонците во 2020 година да се одлучуваат за тоа дали сакаат да останат Македонци или да станат Европјани. Тоа си оди едно со друго, а предизвикот за национален идентитет во Европа е предизвик за Европа, бидејќи Европа е заедница на вредности која ја цени нејзината разноликост. Целите на градење пријателство со Бугарија, водење разговори за прием како и заштита на нашето право на самоопределување и на сопствениот идентитет, се надополнуваат меѓусебно. Значи, ние ќе продолжиме да преговараме, останаа уште неколку недели. И се надеваме дека со помош на германското претседателство со Советот на ЕУ ќе оствариме успех заедно со нашите соседи во Бугарија“, вели Димитров.
На прашање каква моќ има германското претседателство со Советот за постигнување компромис, Рот одговара:
„Моментално сме во секојдневен близок контакт со двете страни. На крајот од денот ова е централниот аргумент: Западен Балкан не е наш „заден двор”, туку „внатрешниот двор” на Европа. Стабилноста, мирот, регионалното помирување таму се од централно стратешко значење за Европа. А особено за соседството. И безбедноста и стабилноста на Бугарија би биле засегнати ако не постигнеме поголема стабилност во соседството. Во принцип се препознава и овој аргумент. Нашата преговарачка цел е да се разјаснат работите кои се повеќе од потребни за пристапните преговори, за што треба да води сметка и ЕУ. А потоа имаме неколку билатерални проблеми, кои, според бугарскиот став, произлегуваат од несоодветното спроведување на Договорот за пријателство. Во однос на ова ги охрабривме и двете земји да најдат решение кое овие билатерални прашања ќе ги доведе до еден структуриран процес, за да може да се решаваат чекор по чекор. Таквите пречки од минатото претставуваат многу чувствителни конфликти. За нив треба време и не може да се решат во рок од неколку недели. Бугарија и Северна Македонија основаа комисија на историчари. Такво нешто не се случува преку ноќ. Па со оглед на тоа, ова не би требало да го оневозможи почетокот на пристапните преговори и отворањето на меѓувладината конференција во декември“.
Димитров во интервјуто вели дека би било разочарување ако пристапните преговори дополнително се одложат.
„Резултатот би бил – разочарување. Луѓето губат надеж дека е навистина можно да се приближиме кон Европа. Целиот регион е во трка со времето. Младите луѓе се одлучуваат да заминат, да се преселат во Германија, Италија или некоја друга земја членка, бидејќи сакаат европска перспектива. А нам ни се потребни овие луѓе за токму оваа перспектива да ја создадат кај нас, во нашата земја. Секогаш кога постои пречка на патот кон Европа тогаш тоа оди во прилог на скептиците и националистите. Колку е помала надежта дека европската визија за оваа земја ќе стане реалност, толку тоа повеќе штети на проевропските реформатори и толку повеќе од ова профитираат негативните сили.
Нашиот претходен шеф на Владата го изгуби компасот во една вонредна ситуација, откако не успеавме да влеземе во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година. Тоа предизвика одолжување кое тој го искористи да ја прошири својата моќ. Верувам дека, ако не постигнеме успех – а се надевам дека ќе постигнеме со помош на Берлин и другите земји членки – но, доколку не успееме ќе мораме да се потрудиме да ја насочиме енергијата на вистинските нешта, да го забрзаме реформскиот процес. Бидејќи пристапот кон ЕУ е забрзувач на реформите. Доколку не можеме да ги водиме формалните пристапни преговори, најверојатно ќе ги повикаме заинтересираните земји членки да ни помогнат во тоа, да ги спроведеме понатамошните реформи во клучните области со цел да бидеме во добра форма кога околностите ќе се променат.
Ефектот на одложувањето врз нашата внатрешна политика се состои во тоа дека тој го прави уште поголем предизвикот да се задржи курсот. Тогаш ќе мораме да им објасниме на луѓето дека не смееме да се предадеме. Ја имаме визијата за европска Северна Македонија и се држиме до неа. Ако тоа може да се направи со помош на пристапните преговори, одлично – но дури и без нив мораме и понатаму да работиме за да ги реализираме европските стандарди во нашата земја. Верувам дека тоа можеме да го направиме со помош на нашите пријатели во европските престолнини, а ова ќе помогне во обезбедувањето на перспектива за нашиот народ. Но, опозицијата токму сега говори за изгласување недоверба, го повикува премиерот, мене и министерот за надворешни работи на оставка. Тоа е резултатот од досегашниот неуспешен развој на настаните“, вели Димитров во интервјуто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Арсовски: СДСМ и Заев ветиле во пописот да наштелуваат над 32 отсто албанско население

Пописот што го подготвуваат СДСМ и ДУИ ќе биде попис единствено на две партии, а не попис на сите граѓани и Република Македонија како статистичка операција, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Овој попис, кој го турка СДСМ, е политички попис, а не статистички, како што треба да биде и како што е секаде во светот и во развиените земји.
За жал, ова брутално силување на оваа статистичка операција – попис е единствено затоа што Заев има веќе договорени бројки на тоа колку жители има Република Македонија од одредени етнички заедници. Ова е цена на коалицискиот договор помеѓу Заев, СДСМ и ДУИ, кој мора да го исполни СДСМ.
Заев, СДСМ, Али Ахмети и ДУИ веќе имаат договорено и ги знаат резултатите и бројките што треба да ги даде резултатот од пописот. Попишувањето на населението само со издиктиран матичен број на одреден човек е услов поставен затоа што Заев има ветено дека бројката на Албанци во Република Македонија според пописот ќе биде над 32 % од населението.
Затоа, веќе пописот не е статистика, туку е гола политика и затоа ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на овој закон и носење нов со консензус, кој ќе им биде од корист на Република Македонија и на граѓаните, а не на одредени политички партии, конкретно парламентарното мнозинство.
Доколку СДСМ го изгласа на сила, ние ќе собираме потписи од граѓаните за да го поништиме овој закон и да донесеме сите заедно нов закон“, порача Арсовски.
Македонија
Нови 403 заболени и 10 починати од коронавирус во Македонија

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2.118 тестирања, а регистрирани се 403 нови случаи на Ковид-19, и тоа во: Скопје-165, Куманово-30, Дебар-9, Штип-4, Прилеп-10, Тетово-14, Струга-11, Велес-25, Битола-10, Охрид-19, Кавадарци-22, Гостивар-11, Гевгелија-8, Струмица-13, Радовиш-3, Крушево-4, Кочани-14, Пробиштип-1, Демир Хисар-1, Македонски Брод-2, Берово-3, Виница-2, Делчево-2, Свети Николе-1, Кичево-4, Ресен-4, Неготино-11.
Денеска, Институтот за јавно здравје регистрира 339 оздравени пациенти, и тоа од: Скопје-106, Куманово-22, Дебар-14, Штип-14, Прилеп-28, Тетово-10, Велес-13, Битола-15, Кавадарци-24, Гостивар-6, Гевгелија-8, Струмица-12, Крива Паланка-5, Радовиш-2, Кочани-12, Пробиштип-3, Демир Хисар-3, Македонски Брод-1, Пехчево-1, Берово-13, Валандово-1, Виница-6, Свети Николе-1, Кичево-4, Ресен-4, Неготино-11.
Починати се 10 лица – двајца од Скопје (54 и 90), еден од Куманово (73), двајца пациенти од Прилеп (59 и 56), еден од Охрид (72), пациент од ПЕ Гевгелија/Богданци (76), од Струмица (71), од ПЕ Делчево/ Македонска Каменица (74) и еден пациент од Кичево (76). Сите пациенти се починати во болнички услови.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 88.389, бројката на оздравени пациенти е 69.476, на починати е 2.682, а бројот на активни случаи изнесува 16.231. Според досега завршените епидемиолошки анализи, во моментот дистрибуцијата по градови е следна:
• Скопје 38.330, активни 9.985
• Куманово 4.981, активни 477
• Дебар 704, активни 134
• Штип 3.421, активни 194
• Прилеп 4.440, активни 305
• Тетово 4.939, активни 706
• Струга 2.126, активни 196
• Велес 2.933, активни 392
• Битола 3.162, активни 366
• Охрид 2.633, активни 443
• Кавадарци 2.372, активни 463
• Гостивар 3.515, активни 444
• Гевгелија 1.242, активни 206 (81 лице од ПЕ Гевгелија се жители на Дојран, 214 на Богданци и 12 се странски државјани)
• Струмица 2.456, активни 453
• Крива Паланка 697, активни 94
• Радовиш 668, активни 77
• Крушево 188, активни 35
• Кочани 1.687, активни 155
• Пробиштип 472, активни 34
• Демир Хисар 240, активни 27
• Македонски Брод 236, активни 16
• Пехчево 173, активни 24
• Берово 557, активни 55
• Валандово 323, активни 31
• Виница 474, активни 58
• Делчево 710, активни 230 (188 лица од ПЕ Делчево се од Македонска Каменица)
• Кратово 206, активни 14
• Свети Николе 1.061, активни 71
• Кичево 1.645, активни 190
• Ресен 692, активни 125
• Неготино 1.106, активни 231 (176 лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија)
Направените 2.118 теста се преку: ИЈЗ – 531, ЦЈЗ Скопје – 48, „Авицена“ – 263, „Биотек“ – 195, МАНУ – 97, „Жан Митрев“ („Филип Втори“) – 120, „Систина“ со PCR-метода – 171, лабораторија „Лаор“ – 103, Судска медицина – 48, ЦЈЗ Битола – 46, Инфективна клиника – 0, ГАК – 0, „Синлаб“ – 21, „Ремедика“ – 16, лабораторија во болницата во Козле – 0, ЈЗУ (рапид-тест) – 457, УК Пулмологија со алергологија – 2, лаборатории од странство – 0. Досега во земјата се направени вкупно 428.006 тестирања на Ковид-19.
Македонија
(Видео) Милошоски: Пописот треба и мора да се реализира, но не ваков каков што сака да го направи СДСМ

На денешната седница на Собранието се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој зборуваше за законот за попис, методологијата за неговото донесување, како и моментната ситуација со пандемијата на Ковид-19, која директно влијае врз одржувањето на пописот.
Во однос на донесувањето на законот за попис, Милошоски вели дека тој не само што има обид да се донесе на сила, туку и законот каков и да се донесе, не е исто што и неговото реализирање. Според Милошоски, пописот е операција што не треба да се спроведе за само да му пројде редот, туку да има значење и граѓаните да ги знаат точните информации во однос на населението во државата.
„Република Македонија сè уште се соочува со пандемијата на Ковид-19 и тоа е огромна причина да се размисли дали во моментот е потребен попис, кој ниту ќе биде релевантен ниту ќе придонесе за прецизирање одредени податоци“, изјави Милошоски, според кој голем број земји ги одложиле пописите што требало да се направат кај нив оваа година, само поради лошите и поразителни бројки на починати и заболени од Ковид-19.
„Не е нормално во време кога навистина се бориме со пандемија да ризикуваме дополнително со животите на граѓаните. Германија, Бугарија и уште низа земји ги одложија пописите што беа предвидени за оваа година и ги преместија за 2022 година. Политичарите кај нас, доколку размислуваат зрело, треба да ги направат истите чекори и пописот да не биде избрзан и фингиран, а потоа да се чекаат нови 20 години за нов попис“, додаде Милошоски.
Тој потенцира дека пописот треба и мора да се реализира, но не сега во овој момент и под вакви услови. Со мало пролонгирање на пописот, ќе се избегнат лоши ситуации во однос на пандемијата и ќе се изработи модел преку кој пописот ќе го добие своето вистинско значење и неговото реализирање ќе придонесе со нови точни статистички податоци за населението во државата, заврши Милошоски.
- Книги4 недели
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија3 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира