Македонија
Русковска достави изменето обвинение за предметот „Организатори на 27 април“
Обвинителката Вилма Русковска достави изменето обвинение за предметот „Организатори на 27 април“, пред завршните зборови. Русковска одново го читаше пред обвинетите обвинението, кое овој пат е променето. Адвокатите на обвинетите бараа пауза за да судот се запознае со измените, а адвокатот Дончо Наков посочи дека не може да се продолжи со давање завршни зборови бидејќи за изменетите дејства, обвинетите треба да дадат докази со кои ќе се бранат.
„Обвинителството изврши мали измени во изреката на обвинението и сакам да го информирам судот, но и јавноста, дека овие измени беа готови пред повеќе од 10 дена и бранителите на обвинетите беа повикани да дојдат да земат примерок, но единствено дојде колегата Александар Новаковски. Другите изјавија дека сакаат да ги примат преку судот. Обвинителството има доволно примероци, па го замолила судот, бидејќи така инсистираат бранителите, да им ги даде“, рече Русковска.
Адвокатот Дончо Наков бараше да судењето да не продолжи со давање завршни зборови.
„Постојат мали измени во обвинителниот акт кажа обвинителката. Поднесокот што го добивме е без деловоден број и потпис, а влегувате во фаза на давање завршни зборови. Според мене, ако постои измена на обвинителен акт, тогаш во таа фаза треба обвинетите да се произнесат за измените, а за нив да достават докази и да се произнесат за вина. Според мене и колегите, ако се согласат, позицијата не дозволува да се продолжи со давање зборови на колешката или да го прочита, за да знаеме што е измената на обвинителниот акт. Доколку измените кои ги добивме се однесуваат на нови дејствија на извршување, одбраната смета дека правото на одбрана и правото да се дадат контрадокази за обвинетите да се бранат за изменетите дејства на извршување е право на кое судот треба да внимава“, рече Наков.
Во овој предмет обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски. Им се суди за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошкоски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни за органите на прогонот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

