Контакт

Македонија

Само три жени во Владата на Мицкоски значат итна потреба од субвенции за повеќе сервиси за чистење, готвење и пеглање

Објавено пред

Владата на Христијан Мицкоски, со само три министерки, ја врати земјата децении наназад во напорите за родово изедначување. Активистите за женски права и родова рамноправност овој чекор на премиерот го оценуваат како катастрофален и алармираат на итна потреба од отворање субвенционирани сервиси за чистење, готвење, перење, пеглање и сѐ што традиционално важи за примарна обврска на жената, квоти за учество на жените во влада и кампањи за разбивање на стереотипот дека водењето на државата е машка работа.

dobivaj vesti na viber

„Ова не е лошо, ова е катастрофа. Само три жени на министерски позиции сме имале пред две децении, а од тогаш досега водевме многу битки. Владата на Мицкоски значи назадување и уште повеќе значи итна потреба од отворање субвенционирани сервиси за сите работи дома, кои традиционално се сфаќаат како обврска на жената. Тука се чување деца, чистење, перење, пеглање, готвење… Треба жената да е растоварена од овие обврски за да може да се посвети на потенцијалот што го носи за понатаму оние што ќе се пронајдат себеси во политиката, да се охрабрат и да може неоптоварени да застанат на државнички позиции. Субвенции за вакви сервиси се повеќе од потребни. Ако една услуга, карикирам, чини 1.000 денари, државата да субвенционира 500 денари, на жените ќе им биде многу полесно да одвојат уште 500 од домашниот буџет и обврските да бидат завршени, а тие да се посветат на она што би сакале да го работат. Недозволиво е земја со 51 отсто од населението жени и повеќе високообразовани жени отколку мажи да има само три министерки“, вели Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност.

Од Националниот совет за родова рамноправност, пред изборите, на разговори и консултации ги повикале сите политички партии, но се одѕвала само ВМРО-ДПМНЕ. Добиле ветување од неколкумина претставници на партијата дека, доколку победат на изборите, нема да ја чепкаат Истанбулската конвенција, нема да го менуваат Законот за абортусот и ќе се залагаат за повеќе жени да влезат во извршната власт. Од тука, по назначувањето само три жени за министерки, Националниот совет за родова рамноправност испрати реакција до Владата, во која укажа на сериозната загриженост од недоволната вклученост на жените на сите нивоа на управување.

„Вознемирувачки е што исклучувањето на жените од извршната власт е силно евидентно во новоформираната влада. Претходната влада имаше скромни 25 % застапеност на жените во министерски улоги (5 од 16 министерства). Сепак, оваа бројка сега е намалена за половина, при што само 3 жени се на министерски позиции од вкупно 24 (или само 13 %). Овој регрес е особено алармантен со оглед на иницијативата на Комисијата за еднакви можности при Собранието на Северна Македонија од 2023 година, која имаше цел да воведе промени во Изборниот законик, кои подразбираа промена на постојните квоти за репрезентативни позиции (пристап 50-50, односно 50 % учество на жените во советите на локалните самоуправи и во Собранието), како и вклучување квоти за позициите со извршна и одлучувачка моќ (30 % за градоначалнички и 40 % за министерски позиции)“, стои во реакцијата на Националниот совет за родова рамноправност.

Во реакцијата Националниот совет укажува дека една од главните причини за недоволното учество на жените во политиката се токму недостигот на политичка волја и несоодветната поддршка од политичките партии за вклучување на жените што, пак, потекнува од родовите стереотипи.

 

ВМРО-ДПМНЕ молчи, во ЗНАМ немале соодветни жени за министерки, „Вреди“ ќе компензира на локалните избори

Иако поминаа речиси три недели од формирањето на новата Влада, и премиерот Христијан Мицкоски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, како носител на победничката коалиција, молчат по реакцијата на Националниот совет за родова еднаквост. Претседателката на Националниот совет, Тодоровска, вели дека не добиле никаков повратен сигнал, ниту од власта ниту од опозицијата.

Христијан Мицкоски не даде никаков одговор ниту на прашањата од „Макфакс“ за недоволната застапеност на жените испратени и до Владата, и до партијата, и на социјалните мрежи.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија имаат објаснување зашто не предложиле барем една жена за двете министерства што ги добија.


„Се базираме исклучиво на квалитет и немавме соодветни жени, кои би ги предложиле на понудените министерски места. Сите наши членки, кои се во тесното раководство на партијата, добија функции, но кадровски не беа соодветни да ги предложиме за министерки“, вели портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, за „Макфакс“.

За Тодоровска, немањето соодветен кадар не е оправдување.

„Сите партнери во владината коалиција ги навредија жените членки во партиите. Не им ги почитуваа професиите ниту, пак, им го препознаа и вреднуваа квалитетот. Во крајна линија, можеа да го следат примерот на ВМРО-ДПМНЕ, која за претседател поддржаа жена што не е нивен член. Сите можеа да го направат вакво нешто, а Мицкоски како мандатар можеше уште повеќе. Верувам дека можел да влијае кај коалициските партнери и да издејствува да предложат повеќе жени. Албанскиот партнер во владите неколку изборни циклуси наназад не предлага жени за министерки. Предлозите доаѓаат или од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ во зависност од тоа кој е на власт, а тоа многу ни зборува за тоа каде треба се работи на разбивање на родовите стереотипи во следниот период“, вели Тодоровска.

Албанскиот партнер во Владата, коалицијата „Вреди“, најави дека сегашниот пропуст ќе го компензира на локалните избори в година со повеќе кандидатки за градоначалнички.

Волјата на партиите, која се наведува како еден од главните фактори за учество на жените во политиката, не е единственото нешто на кое треба да се работи. Анализата „Политичарките и медиумската пристрасност“ на Институтот за комуникациски студии ги отслика штетните родови наративи и родово базиран говор на омраза во онлајн-просторот насочени кон жените во политиката за време на претседателските и парламентарните избори годинава. Покажа дека речиси и да нема жени политичарки што се поштедени од навреди, сексизам, „ејџизам“, мизогинија, а на површина излегоа и традиционалните стереотипи, кои дополнително ги обесхрабруваат жените да се охрабрат да учествуваат во политиката.

„Преку онлајн-вознемирување, сексистички коментари и мизогини наративи жените во политиката често се изложени на понижувачко портретирање, кое ги зајакнува стереотипите за жените како слаби, емотивни или неспособни лидерки. Овие наративи не само што ги дискредитираат политичките достигнувања на жените туку ги обесхрабруваат и другите жени да влезат во политичката арена зацврстувајќи ја идејата дека нивното место не е во политиката. На овој начин дигиталниот простор служи како моќна алатка за перпетуирање на штетните стереотипи и инхибиција на целосното и еднакво учество на жените во политиката“, стои во анализата.

Од осамостојувањето до денес најмногу жени, шест, имаше во техничката влада на Оливер Спасовски од 2020 година

Од сите досегашни влади од осамостојувањето до денес жените биле најмногубројни во техничката влада предводена од Оливер Спасовски во 2020 година. Владата, заедно со премиерот, имаше вкупно 26 члена, а шест од нив беа жени, односно 23 отсто од членовите на тогашната влада беа жени. Радмила Шекеринска беше министерка за одбрана, Мила Царовска министерка без ресор, Нина Ангеловска беше министерка за финансии, Рената Дескоска раководеше со Министерството за правда, Рашела Мизрахи беше министерка за труд и социјала и Зорица Апостолска беше министерка без ресор задолжена за странски инвестиции. Оваа техничка влада, место 100 дена, имаше мандат од 3 јануари 2020 година до 31 август 2020 година оти ковид-кризата ги одложи изборите.

Нема ниедна жена само во првата експертска влада на Никола Кљусев од 1991 година. Веќе следната година, со изборот на првата политичка влада, во извршната власт влегуваат две жени. Сегашната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова беше назначена за министерка без ресор, а Софија Тодорова за министерка за развој.

Четири години подоцна, во 1998 година, Љубчо Георгиевски формира влада со четири жени. Меѓу нив е Мерие Рушани, првата жена Албанка која беше министерка за образование. Во оваа влада Милијана Даневска беше министерка за развој, а Доста Димовска и Радмила Кипријанова-Радовановиќ беа вицепремиерки.

Ако се исклучи првата влада, во која немаше жени, минимално е учеството на жените и во владата на Никола Груевски од 2014 година. Тогаш имаше две министерки, но владата броеше, дотогаш рекордни, 26 члена заедно со премиерот, па учеството на жените беше 8 отсто. Во оваа влада министерка за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска, а министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Во периодот што следува здруженијата за женски активизам најавуваат пожестока борба со која ќе се издејствуваат измени во Изборниот законик, а кои ќе предвидат квоти за учество на жените во секоја влада и задолжителен процент жени градоначалнички.

 

Македонија

Mарт – месец за подигнување на свеста за симптомите од ендометриоза

Објавено пред

Од

Март е месец посветен на подигнување на свеста за ендометриозата – време да зборуваме отворено, да ги разбиеме митовите и да ги охрабриме жените да побараат помош, велат од Македонската асоцијација на гинеколози и опстеричари (МАГО).

dobivaj vesti na viber

Ендометриозата е хронична болест при која ткиво слично на ендометриумот (ткиво кое ја обложува внатрешноста на матката) расте надвор од матката, предизвикувајќи воспаление, болка и понекогаш неплодност.

Се проценува дека околу 190 милиони жени и девојки во репродуктивна возраст (околу 10%) во светот се погодени од оваа состојба.

Дијагнозата често доцни – во просек од 8 до 12 години од појавата на првите симптоми. Причина за ова е што болката често се смета за „нормален дел од менструацијата“, а многу жени не бараат медицинска помош навреме.

Ендометриозата може значително да го намали квалитетот на живот, да влијае на менталното здравје и работната способност, а кај 25–50% од жените со неплодност е присутна ендометриоза.

Митови и факти за ендометриозата

Мит: Силната менструална болка е нормална.

Факт: Болка која ве спречува во секојдневните активности не е нормална и бара медицинска проценка.

Мит: Само постари жени имаат ендометриоза.

Факт: Ендометриозата може да започне уште во адолесценција.

Мит: Ако имате ендометриоза, нема да можете да забремените.

Факт: Многу жени со ендометриоза успешно забременуваат, особено со соодветен третман.

Мит: Болеста се лекува со бременост.

Факт: Бременоста може привремено да ги намали симптомите, но не ја лекува болеста.

Зошто е важно раното препознавање?

Раното препознавање и соодветниот третман можат да помогнат во:

• намалување на хроничната болка

• подобрување на квалитетот на живот

• зачувување на репродуктивното здравје

• намалување на компликациите

Достапните третмани вклучуваат медикаментозна терапија, хормонска терапија и хируршки третман, во зависност од симптомите и индивидуалните потреби на пациентката.

Ниту една жена не треба да живее со хронична болка како „нормална“.

Препознавањето на симптомите, навременото обраќање кај гинеколог и информираноста се клучни чекори за рана дијагноза и подобар квалитет на живот.

Прикажи повеќе...

Македонија

Почна спроведувањето на Законот за работно ангажирање на лица: нов чекор кон фер услови за работа и формализација на сезонскиот труд

Објавено пред

ФЕР АНГАЖМАН

dobivaj vesti na viber

Со усвојувањето на Законот за работно ангажирање на лица, државата прави значаен исчекор кон унапредување на условите за сезонска и повремена работа, јакнење на социјалната заштита и намалување на неформалната економија.

Законот воспоставува јасна и поедноставена рамка за легално ангажирање лица за работи од сезонска или повремена природа, со што се овозможува регулирање на правата и обврските на ангажираните лица и работодавачите, како и воведување на дигитализирана постапка за пријавување и плаќање.

Со новото законско решение, ангажираните лица добиваат пристап до основни трудови и социјални права, вклучително и пензиски придонеси, осигурување во случај на повреда на работа и правна заштита, при што истовремено се задржуваат постојните социјални бенефиции. Од друга страна, работодавачите добиваат можност за брза електронска регистрација, намалување на административниот товар и поголема правна сигурност.

Законот е особено значаен за секторите со висок степен на неформално вработување, како што се земјоделството, туризмот и угостителството, и претставува основа за создавање пофер, потранспарентен и поинклузивен пазар на труд.

Ова законско решение е резултат на заеднички напори на релевантните институции и партнерските организации, во рамки на проектот „Подобри услови за вработување на сезонски работници во Северна Македонија“, имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Законот за работно ангажирање на лица претставува важен чекор кон формализација на трудот, јакнење на институционалната ефикасност и создавање одржливи и фер услови за сите учесници на пазарот на труд.

Повеќе информации за законот и начинот на негово користење се достапни на: av.gov.mk

Во наредниот период, во рамки на кампањата ќе се реализираат информативни сесии низ целата држава, каде работниците и останатите засегнати страни ќе имаат можност директно да се информираат и едуцираат за новите можности што ги носи законот. Првата информативна сесија е закажана за 4 март, 2026 во просториите на Општина Тетово, со почеток од 12:00ч.

За најнови информации, активности и корисни содржини, следете ги каналите на Центарот за истражување и креирање политики

https://www.facebook.com/crpm.org.mk

https://www.instagram.com/crpm.mk/

ПР

Прикажи повеќе...

Македонија

Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ

Објавено пред

„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.

dobivaj vesti na viber

„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.

Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.

За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.

Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.

Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.

Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет2 часа

(Видео) Нови ирански напади: експлозии и сирени во Доха, Кувајт, Дубаи, Абу Даби

Иран денес започна голем ракетен и беспилотен напад врз неколку градови во Заливот, вклучувајќи ги Доха, Кувајт, Дубаи, Абу Даби...

Свет2 часа

(Видео) Војна меѓу Израел и Хезболах: Бејрут гори, луѓето масовно бегаат, се појавија снимки

Израел утрово изврши тешки воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои се контролирани од Хезболах, откако групата поддржана од...

Свет3 часа

(Видео) Иран објави снимка од тунел полн со дронови

Иран објави пропагандно видео за кое тврди дека прикажува подземни тунели на Револуционерната гарда полни со дронови и друго оружје...

Свет3 часа

(Видео) САД: Нападите продолжуваат

Централната команда на САД објави кратко видео за Икс со снимки од „Операцијата Епски гнев“. U.S. forces are taking bold...

Европа3 часа

(Видео) Експлозија во британска база во Акротири, Кипар, се сомневаат на напад со дрон

Британското Министерство за одбрана соопшти дека реагира на „напад со беспилотни летала“ врз неговата воена база на Кипар. Експлозијата се...

Свет4 часа

(Видео) Хезболах го нападна Израел за прв пат од прекинот на огнот во 2024 година

Либанскиот Хезболах потврди дека ноќеска истрелал ракети во северен Израел, први откако во ноември 2024 година стапи на сила прекинот...

Свет9 часа

(Видео) Ново обраќање на Трамп: Веројатно ќе умрат повеќе наши војници, тоа е така

Американскиот претседател Доналд Трамп денес вети дека ќе се одмазди за смртта на тројцата американски војници убиени во конфликтот со...

Свет9 часа

(Видео) Британскиот премиер: Ги ставаме нашите бази на располагање на Американците

Велика Британија го прифати барањето од Соединетите Американски Држави да користи британски воени бази за напади врз ирански ракетни објекти,...

Свет11 часа

Германија, Франција и Обединетото Кралство најавија пропорционални чекори против Иран, можно е уништување ракети и беспилотни летала

Обединетото Кралство, Франција и Германија, познати како Е3, објавија заедничка изјава за нападите на Блискиот Исток. Ги опишаа иранските ракетни...

Македонија12 часа

Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста

Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја...

Македонија13 часа

Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација

Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни...

Македонија14 часа

Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше...

Свет14 часа

Во напад врз женско училиште во Иран убиени се 165 ученички

Сто шеесет и пет ученички се убиени во женско училиште во Минаб, Иран, објавија иранските државни медиуми. Иран вели дека...

Свет15 часа

Трамп се согласил да разговара со новите ирански лидери

Американскиот претседател вели дека новото раководство на земјата сака да разговара со неговата администрација и дека тој планира да го...

Свет16 часа

Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади врз земјата. „Никој не може...

Свет17 часа

Израелската војска пак го нападна Иран

Израелската војска соопшти дека нејзините сили започнале со спроведување нови воздушни напади врз иранскиот главен град. „Воздухопловните сили сега започнаа...

Свет18 часа

Папата го предупредува Трамп додека тој го крши молчењето за „спиралата на насилство“

Папата го повика Доналд Трамп да ја запре „спиралата на насилство“ на Блискиот Исток „пред да стане непоправлива бездна!“ Папата...

Свет21 час

Иранскиот претседател: Одмаздата е наше легитимно право по убиството на Хамнеи

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во ново соопштение порача дека одмаздата по убиството на врховниот лидер е легитимно право и должност...

Македонија23 часа

МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток

Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија...

Свет1 ден

Откриени детали за тоа како е убиен врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи

Израел и САД го темпираа нападот врз Иран за сабота, за да се совпадне со самитот меѓу ајатолахот Али Хамнеи...