Македонија
Сашо Василевски дојде во Собрание
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски дојде во Собранието и се напи кафе со своите колеги пратеници. Не е во неговиот кабинет, но ќе се појави на седницата на која треба да се гласа за уставните измени.
Позади собраниската зграда забележливо е полициско обезбедување.
Василевски беше ослободен од домашен притвор, а премиерот Зоран Заев најави помирување за настаните во Собрание од 27 април.
Расправата за уставните измени продолжува денеска напладне во Собранието. За дискусија се пријавени уште петнаесеттина пратеници, повеќето од нив од парламентарното мнозинство бидејќи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се повлече од дискутирање и побара веднаш да се гласа.
Гласањето, сепак, е неизвесно дали ќе се случи во текот на денот ако се има предвид дека секој од пријавените говорници има право да зборува 20 минути, а од СДСМ не ја исклучуваат можноста ВМРО-ДПМНЕ сепак да го користи правото да реплицира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз нашите пријатели, велат од МНР и апелираат граѓаните да се воздржат од патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека со внимание и загриженост ги следи случувањата во поширокиот регион на Блискиот Исток, кои имаат директно влијание врз регионалната и меѓународната стабилност.
„Со оглед на очигледните обиди на Иран да таргетира, покрај Израел, и повеќе арапски држави, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Либан и Ирак, како и британската воена база на територијата на Република Кипар, се апелира до сите државјани на Република Северна Македонија да се воздржат од непотребни патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток“, велат од Министерството.
МНР недвосмислено ги осудува сите напади врз нашите пријатели и партнери, се вели во соопштението. Повредата на суверенитетот и таргетирањето цивилни цели, како што се додава, се неприфатливи и се во директна спротивност со основните принципи на меѓународното право. Мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток не се апстрактни категории, туку суштински предуслови за глобалната стабилност.
„Приоритет на Владата останува безбедноста и поддршката на македонските државјани кои по различни основи се наоѓаат во овој регион. Во текот на изминатиот период, надлежните дипломатско-конзуларни претставништва се во континуирана комуникација со нив“, велат од МНР.
Министерството, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва, разгледува повеќе можни сценарија за репатриација и евакуација, кои ќе бидат активирани кога тоа ќе го дозволат условите на терен и/или по повторно воспоставување на воздушниот сообраќај.
Македонија
Црвениот крст ја заврши последната исплата од собраните средства за настраданите oд пожарот во „Пулс“
Црвениот крст на 27 февруари 2026 година ја реализираше последната исплата од собраните средства за настраданите од пожарот во Кочани, во вкупен износ од 11.200.000 денари. Средствата се распределени на 18 лица, поделени во две категории.
Исплатата е извршена врз основа на доставен список на повредени лица, подготвен по втората евалуација на нивната здравствена состојба и прогнозата за понатамошно лекување, изготвена од Комисија при Министерството за здравство.
Со ова, вкупниот досегашен трансфер на средства од Фондот на солидарност изнесува 164.744.901 денари.
Од Црвениот крст информираат дека, со цел поголема транспарентност и отчетност, е подготвен извештај за фактичките наоди за приливите и одливите на сметката на Фондот на солидарност за периодот од 16 март до 22 август 2025 година. Извештајот е објавен на веб-страницата на организацијата.
Во тек е и подготовка на финален извештај за собраните и исплатените средства, кој ќе го опфати и останатиот период и ќе биде споделен со јавноста до 15 март.
Црвениот крст продолжува со активностите на терен, со акцент на обезбедување психолошка поддршка за настраданите и нивните семејства преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.
Фото: ЕПА
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.

