Македонија
(Видео) Сведок во „Еразмус“: Шуклев бараше секс или пари од студентки за преодна оценка

Ексвработениот во бифето на Економскиот факултет, Дејан Трајковиќ, кој е сведок во случајот „Еразмус“, во судницата рече дека професорот Бобек Шуклев од студентка барал секс или пари во замена за преодна оценка. Трајковиќ бил посредник помеѓу две студентки и професорот и тврди дека не дошло до договор за секс во замена за оценка. Сведокот во исказот рече дека тој очекувал исто така да добие сексуални услуги од девојчињата во замена за посредувањето меѓу нив и професорите.
„Професорот Бобек најчесто доаѓаше во бифето. Со него сум појадувал, а сме разговарале за многу работи. Имавме седено со две девојчиња, кои доаѓаа во бифето. Тие бараа оценка кај професорот Бобек Шуклев во неколку наврати. Кога седевме јас и девојчињата во бифето, професорот појадуваше. Тие ме прашаа дали може да се реагира кај професорот да се добие оценка. Јас го прашав. Тој праша како се вика и потоа рече дека нема шанси оти била слаба студентка. Потоа пак ме викна и ми рече дека ако има секс со неа ќе ѝ стави оценка или во спротивно треба да плати околу 1.000 евра. Му кажав на девојчето по што тоа рече дека ќе си плати, но нема да има секс со него. Јас му пренесов. Професорот ми рече дека многу би сакал да има секс со неа, но ако таа не сака, да си плати. Му пренесов на девојчето“, рече сведокот Трајковиќ.
Во својот исказ Трајковиќ рече дека не знае како се викаат девојчињата. Тој додаде дека секој професор имал своја тарифа за да им даде преодна оценка на студентките.
„По некое време, во бифето дојде демонстраторот Драган Денковски и ми рече: ‘Ако сака некој да плати за оценка, може да му завршам работа’, со тоа што тој ќе ми кажел цена за одреден професор, а потоа со индексот и парите тој ќе заврши работа. Кога тоа им го кажав на девојчињата, тие ме прашаа за неколку професори од кои им требаат оценки. Тие ме прашаа за професорите Славе, Драги, Шуклев, но и за некоја професорка… Се слушнав со Денковски и ми кажа за кој професор колку пари треба. За Шуклев, требаше да го прашам директно, за Славе 500 евра. Бидејќи сумите се големи, девојчињата ме прашаа дали може да платат на рати. Јас го прашав Драган, тој рече нема шанси. Потоа ми дадоа пари за да платам кај Драги Јанев и Славко Ристевски, а јас ги предадов кај Драган Денковски. Девојчињата прашаа до каде е работата со оценките, јас го прашав Денковски по што тој ми рече да почекаат ако сакаат да се заврши работата. Едната ми покажа дека добила оценка, а другата беше кај професорот Славе Ристевски за да ѝ стави оценка“, додаде Трајковиќ во исказот.
Денковски не дозволуваше студентките да се запознаат со него, рече ексвработениот во бифето, додавајќи дека неговиот исказ не може да го потврдат студентките.
Професорот Славе Ристевски го праша Трајковиќ: „Каде се парите?“ по што сведокот рече: „Парите што ми ги дадоа девојчињата му ги дадов на Драган Денковски“.
Обвинителството за организиран криминал за предметот „Еразмус“ гони петмина осомничени, меѓу кои поранешниот декан и професор на менаџмент, Бобек Шуклев. Предметот е отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а имало случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија. Осомничени се професорите Бобек Шуклев, Славе Ристески, Драган Јанев и Стојан Дебарлиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.