Македонија
Свечености во неколку градови по повод одбележувањето на Денот на полицијата

Денеска во Струмица, Струга, Велес, Крива Паланка и Крушево започнаа свечените активности по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција. Под мотото „МВР за граѓаните“, согласно веќе етаблираниот концепт ,,Полицијата во служба на граѓаните”, се одржаа свечености на кои присуствуваше раководството на МВР на различни локации во државата, но со заедничка цел – полицијата да биде заедно со граѓаните, да се демонстрира партнерството коешто беше започнато во 2017 година и кое во континуитет се унапредува.
Министерот Оливер Спасовски беше почесен гостин на дружењето на граѓаните и полицијата во Струмица, заменик министерот на МВР Назим Буши беше во Струга, државната секретарка Магдалена Несторовска во Велес, директорот на БЈБ Сашо Тасевски присуствуваше на свеченоста во Крива Паланка, а заменик директорот на БЈБ Ариф Асани, на Гумење во Крушево.
„Ќе се согласите со мене дека е невозможно да дискутираме за партнерство меѓу граѓаните и полицијата, без тоа партнерство да го промовираме на терен. Целта е нашите граѓани одблиску да се запознаат со работењето на полициските служби, нивните задачи, униформи, опрема, со сето она што значи индикатор на успех на нашиот план за континуирано материјално-техничко опремување и унапредување на капацитетите на полицијата”, изјави Спасовски пред присутните граѓани давајќи осврт на сработеното во изминатиот период во насока на остварување на приоритетот – задоволна полиција за безбедни граѓани.
Информираше и за активностите кои Министерството ги има проектирано за периодот што следи, како што е дополнителното покачување на платата за 5% за сите вработени во МВР започнувајќи од месец септември годинава, како и продолжување на активностите за создавањето подобри услови за работа преку реновирање на објектите на ОВР Берово, ОВР Делчево, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе, а преку капитални инвестиции во текот на 2022 во тек е реконструкција на два витални објекта – Одделението за управни работи во Скопје и Центарот за обука во Идризово, како и една целосно нова градба – полициска станица во Аеродром.
На сите пет локации низ државата присутните имаа можност да се запознаат одблиску со високите стандарди на опремата со која располага Министерството, вклучувајќи и дел од специјалните возила и хеликоптерите на полицијата. Припадниците на Единицата за брзо распоредување ја искористија можноста пред граѓаните да прикажат боречки вештини и техники за самоодбрана, а припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар”, поточно од специјализираниот алпинистички тим, пред присутните покажаа вештини за алпинистичко спуштање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Пендаровски од Давос: Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО, туку и за ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“.
Учесници на дебатата беа Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и шефот на претседателската администрација во Украина, Андриј Јермак, модерирана од новинарката Френсин Лаква, уредничка во Блумберг.
Во фокусот на дискусијата беше војната во Украина, како заедничка закана што го урна безбедносниот поредок кој со децении ѝ помогна на Европа да напредува во мир, но и чекорите што Европската Унија треба да ги преземе во радикално променетиот контекст.
Учесниците на панелот ја осудија руската агресија и изразија поддршка за украинскиот народ. Тие ја посочија важноста од превенција на ескалација на конфликтот во Украина и неопходноста да се обезбеди заштита на НАТО сојузниците.
Претседателот Пендаровски истакна дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата кон земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.
Нагласи дека НАТО, но и Европската Унија, се двата коридори за подобра, побезбедна и попросперитетна иднина.
„ Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати“ не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за Европската Унија, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина“ додавајќи дека Северна Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош и дека политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија.
„Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО Алијансата, туку и за Европската Унија. Во спротивно, концептот за обединета Европа, во мир со себе и со светот од Атлантикот до Урал, ќе биде само сон“, рече претседателот Пендаровски.
Македонија
Утре сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне, претежно во источните делови, ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 29 до 34 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло, попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 33 степени.
Во следните денови ќе продолжи сончево и натпросечно топло време. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.
Македонија
Муцунски: Автокефалноста на МПЦ ни носи духовна радост и душевен мир

Честитки по повод упатувањето на томосот за автокефалност на Македонската Православна Црква – Охридска Аерхиепископија од страна на светиот синод на Српската Православна Црква, упати градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„ Искрено посакуваме и веруваме дека наскоро ќе следи официјалното прогласување на автокефалноста на нашата вековна Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Овие значајни одлуки и благопријатни вести ни носат голема радост, духовен мир и надеж за поубава и посветла иднина на сите нас во татковината, на сите Македонци ширум светот и на целиот христијански православен свет“ напиша Муцунски.