Македонија
Свечено отворање на регионалната вежба „РЕГЕКС 19“
Со денешната церемонија на свечено отворање почна петтата по ред регионална вежба „РЕГЕКС 19“, која ќе се реализира во период од 14 до 18 октомври во центарот за симулации во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес. Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски, во своето обраќање го нагласи значењето на оваа вежба како можност земјите да имаат специфични обуки за нивните единици и да ги доведат нивните способности до ниво со кое успешно ќе одговорат на моментните предизвици во областите каде што треба да се одржуваат безбедноста, мирот и стабилноста во регионот.
Оваа компјутерски асистирана вежба е прва од ваков тип што се реализира во нашата држава, на која, покрај припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, ќе учествуваат околу 230 претставници од 18 држави од 4 континенти.
На вежбата припадниците на нашата Армија и припадници на армиите на три земји членки на НАТО, партнерство за мир, Медитеранскиот дијалог, Истанбулската иницијатива, како и партнерски земји на НАТО во светот, заеднички, преку компјутерски симулации, ќе решаваат разновидни сценарија кои ќе ја покажат интероперабилноста во решавање на современите безбедносни предизвици во согласност со стандардите на НАТО.
Целта на вежбата „РЕГЕКС 19“ е оспособување и извежбување штабен армиски персонал за работа во мултинационална средина при планирање и водење мировни операции предводени од НАТО.
Симулацискиот центар од составот на Командата за обука и доктрини во следните неколку денови ќе има можност да ги покаже своите капацитети за изведување на овој вид активности од овој обем.
За успешна реализација на вежбата во планирачкиот процес претходеа 7 НАТО и 7 национални работилници. Претходно циклусот вежби РЕГЕКС се реализира: 2014 година во Турција, 2015 во Грција, 2016 во Босна и Херцеговина, 2017 во Јордан и 2018 во Србија.
В среда пред највисокиот воен врв на денот за високи гости ќе бидат презентирани активностите кои се изведуваат на вежбата, како и капацитетите на армискиот центар за симулации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

