Македонија
Свечено отворен спортско-рекреативниот комплекс „Теодор Стојановски-Тоше” во Драчево

Со голема свеченост проследена со огномет и многубројна публика, синоќа, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го пушти во употреба новиот спортско-рекреативен комплекс „Теодор Стојановски-Тоше“. Лоциран на некогашното култно место „Оксиген“, кое поради негрижа во последните децении беше претворено во депонија, од вчера беше предаден на користење на жителите во ново руво. Новиот спортско-рекреативен комплекс сега нуди голем број содржини насочени кон унапредување на квалитетот на живеење и збогатување на спортската содржина во Драчево и во целата општина. Во центарот, заедно со семејството на загинатиот бранител од Втората пешадиска бригада, Теодор Стојановски-Тоше, во чија чест беше реименуван овој комплекс, беше откриена и неговата биста, а потоа се одржа и меморијален турнир во фудбал, повторно посветен на овој млад бранител од Драчево.
„На 7.500 квадратни метри овој простор нуди можности за спорт, рекреација, одмор и релаксација за сите наши граѓани. Детското катче, пешачките патеки, скверот, летниковците, надополнети со фонтани, урбана опрема и многу зеленило, кое ќе се одржува преку систем за самонаводнување, ќе го направат ова место привлечно за секого. Спортскиот дух, пак, ќе може да се развива на новите современи спортски игралишта за фудбал и кошарка или на поставените фитнес-справи. Поставивме ЛЕД-осветление и рефлектори потребни за натпреварите што ќе се одигруваат во вечерните часови. Нешто што ќе имаме можност да го презентираме уште вечерва и драго ми е што ве има во толкав број! Лично и од срце, посакувам секогаш ова место да ни биде полно како вечерва“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски осврнувајќи се на историјата на ова, некогаш култно место во Драчево.
„Знам дека имате многу убави спомени од поранешниот комплекс, кој постоеше на ова исто место и до денес го носеше името ‘Оксиген’. Впрочем, ова било едно од најомилените места на нашата заедница, каде што граѓаните може да се одмораат, забавуваат и рекреираат. Ова било место каде што луѓето разговарале, се зближувале, граделе пријателства, каде што нивните деца си играле, каде што се бележеле првите спортски успеси, се навивало и се славело по победите. И затоа вечерва нема да говориме за негрижата и неодговорно однесување, кои од култна локација, ‘Оксиген’ го доведоа до дива депонија. Тие денови се зад нас бидејќи овој спортско-рекреативен комплекс од денес блеска во нов сјај и дише во духот на новото време, кое се чувствува во целата општина Кисела Вода. Оваа вечер да ја посветиме на нештата што се вредни за сеќавање и кои треба да се сочуваат за следните генерации. Во таа насока, со голема почит сакам да истакнам дека од денес овој спортско-рекреативен комплекс го носи името на загинатиот бранител од Втората пешадиска бригада, Теодор Стојановски-Тоше, кој потекнува токму од Драчево и чие семејство вечерва е меѓу нас. Во негова чест вечерва ќе се одржи и меморијален турнир, кој го носи неговото име, а сега ќе ја откриеме и неговата биста, која ќе биде трајно сведоштво за херојството на младото момче од Драчево, кое загина за својата земја, гордо носејќи ја македонската униформа! Слава му“, рече Ѓорѓиевски по што заедно со таткото на Теодор Стојановски го открија неговиот споменик.
По големиот огномет, се одржа и меморијалниот турнир, на кој учество зедоа фудбалските клубови „Партизан фудбал кидс Драчево“, „Кул“, „Њу старс“ и „Нова колонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таткото на Вања осомничен за помош при грабнување, останатите четворица и за две убиства на свиреп начин, Обвинителството отвори истрага

Доцна вечерва Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за грабнувањето на 14 – годишната Вања Ѓорчевска и нејзиното убиство и за убиството на 74-годишниот Панче Жежовски.
„Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин, едно на малолетно лице и едно од користољубие. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице“, соопштија од Обвинителството.
За четворица осомничени, кои веќе се наоѓаа во 48-часовен притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го продолжи притворот на четворицата за 30 дена.
„Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил ’цитроен’ за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените. На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен“, стои во соопштението од Обвинителството.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вонредна прес-конференција вечерва соопшти дека во Турција е уапсен Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за грабнувањето и двојното убиство, кој според исказите на останатите уапсени, бил организатор и извршител на двете убиства.
Македонија
Полицијата го пронајде и мобилниот телефон на Вања

Пронајден е мобилниот телефон на 14-годишната Вања Ѓорчевска која беше киднапирана пред својот дом и свирепо убиена за помалку од три часа.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната вонредна прес-конференција беше прашан дали е пронајден телефонот, на што кусо одговори „да“.
Кобниот ден, на 27 ноември, Вања утрото во 7:27 часот го напуштила домот, со цел да стигне на час во училиштето Песталоци. Од она што досега е познато, киднаперите минута подоцна ја фатиле на приземјето, и’ ги врзале рацете и ја ставиле во вреќа за спиење. Потоа ја турнале во „цитроенот“ кој бил украден од втората жртва, велешанецот Панче Жежовски. Со возилото се упатиле кон улицата Партизански одреди, а веќе во 7:35 часот, телефонот на Вања бил исклучен и последен пат лоциран во близина на „Броз кафе“, кај „Силбо“. Дента во 10 часот, Вања е убиена.
Македонија
Оперативен извор на македонската полиција во Баликесир клучен за апсењето на Палевски

Турската полиција го уапсила Љупчо Палевски-Палчо, осомничен за двојно убиство, откога директен оперативен извор на македонската полиција го лоцирал и известил за неговита намера да тргне кон Истанбул. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва извести дека нашите служби од секторот за меѓународна соработка стапиле во директен контакт со оперативниот извор во Баликесир откако добиле известување дека Палевски влегол во Турција.
„Во Турција оди во градот Баликесир и нашите служби од секторот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт, директно не само со власите, со полицијата, туку стапуваат во контакт со еден нивен оперативен извор кој што за многу кратко време ни врати повратна информација дека лицето се наоѓа во Баликесир и ни кажа за неговите намери дека од тука практично сака да замине во Истанбул. Таму останува, во Баликесир. Се подготвува најмува такси-возач за да оди во Истанбул и тука е практично симулирањето дека ќе оди, оти повторно се враќа назад во градот. Денеска попладнево од страна на колегите од турската полиција е уапсен додека се движел пешки по еден од автопатите, меѓутоа во Баликесир“, рече министерот Спасовски.
Оперативниот извор во Турција им јавил и дека Палевски симулира дека оди за Истанбул.
„Крајната дестинација му била Истанбул, според сознанијата од нашиот извор кој што ние го имавме таму, директен. Затоа земал такси и практично знаевме од изворот дека земал такси да оди во Истанбул, излегол од Баликесир, тргнал кон Истанбул и за кратко време се вратил пак назад во Баликесир. Тоа е таа симулација, веројатно мислел дека на тој начин нема да биде откриен“, објасни министерот Спасовски.
Тој вечерва се заблагодари на сите кои работеле на случајот, посебно на колегите од „пријателска Турција“, „пријателска Србија“, од Република Бугарија, но и од Хрватска која самоиницијативно направила проверки и ја известила македонската полиција дека Палевски не е кај нив.
Министерот Спасовски рече дека детали околу апењето, изјавите на Палевски по апсењето ќе се споделат кога ќе биде донесен кај нас, а на екстрадицијата ќе работи Министерството за правда.
Палевски е осомничен дека е организатор и извршител на убиствата на 14 – годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.