Македонија
Свлечишта и поплавени домови и улици во Тетово и Гостивар
Како последица од обилните врнежи од дожд во северозападниот регион, подрачјата што ги покриваат Регионалните центри за управување со кризи Тетово и Гостивар бележат поголем број интервенции поради поплави и свлечишта, информира Центарот за управување со кризи, според последните информации од терен до 13 и 30 часот.
Во Тетово пријавен е паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улица 146. На терен се излезени Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа од ПС Тетово и општинските инспекциски служби.
Евидентирано е свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти.
Големо свлечиште е регистрирано на улица 195, на патниот правец од с. Џепчиште кон с. Џермо. Патот е непрооден за цело маало.
Свлечиште е пријавено и на улица „Прохор Пчински“.
Во село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.
Во Општина Желино, реката Вардар се излеа во село Стримница, при што се поплавени пет куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.
Во Општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце. Известени се надлежните институции.
Во Општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот.
Во Гостивар состојбата се стабилизира по престанокот на врнежите. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита.
Во село Форино, по излевањето на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се околу 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање на служби и локално население.
Кумановски регион
На подрачјето на Куманово, како и во Општина Липково и Општина Старо Нагоричане, во моментов нема опасност од излевање на реките – водостојот е намален и водата е повлечена во коритата.
Од вчерашните врнежи:
Во село Опае (Општина Липково) поплавено е земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река.
Дел од земјоделските површини се поплавени и во село Оризаре.
Во село Доброшане, кај мостот кон село Шупли Камен, имало насобран отпад и локално излевање на обработливо земјиште. Во моментов нема опасност.
Во населба Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река. Известени се надлежните служби.
Кичевски регион
Во Кичево врнежите престанаа и нивото на реките е намалено. Состојбата во градската болница е нормализирана.
Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства.
Екипите на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците: Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка.
Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината.
Скопски регион
Во Скопје е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери (граница меѓу општините Аеродром и Гази Баба), како и минимално излевање на реката Вардар кај село Пакошево – Ново Село, во Општина Зелениково. Засега нема други пријави.
фото/илустрација
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.

