Македонија
СВР Охрид: Граѓаните кои до 23 август поднеле барања за замена на старите лични документи новите може да ги подигнат во просториите на одделенијата во Охрид, Струга, Кичево и во Дебар
Отсекот за управни работи при СВР Охрид ги информира граѓаните, кои до 23 август оваа година поднеле барања за замена на старите лични карти, патни исправи и возачки дозволи, со нови лични документи, дека може да си ги подигнат во просториите на одделенијата во Охрид, Струга, Кичево и во Дебар.
Во Охрид тоа може да го направат секој работен ден од 7.30 до 18 часот, а во другите градови до 16 часот. Отсекот за управни работи при СВР Охрид секојдневно ги прима и навремено ги процесира сите барања за вадење нови лични документи што ги доставуваат граѓаните со цел забрзување на постапката и брзо решавање на апликациите доставени од граѓаните, извести СВР Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Интерпелациите од ДУИ и предлогот за пензионирање на 67 години немаат поддршка од СДСМ – заседаваше новиот состав на Извршниот одбор
Интерпелациите од ДУИ и предлогот за пензионирање на 67 години немаат поддршка од СДСМ, образложи опозициската партија по првата седница на новиот состав на Извршниот одбор посветена на повеќе политички, безбедносни и економски актуелни теми.
На состанокот беше заклучено дека СДСМ остро се спротивставува на секој предлог за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години. Таквиот чекор претставува директен удар врз работниците, нивното достоинството и труд.
Според нив, станува збор за продолжување на погрешните политики за систематско потценување и експлоатација на трудот на граѓаните и работниците од страна на Владата предводена од ДПМНЕ.
„Наместо да обезбедат покачување на платите и подобри услови за работниците, власта сака на мала врата да протне мерки кои ќе ги примораат работниците да работат подолго само за да се финансираат трошоците од нивните популистички потези. Ваква мерка ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата. Политиките на СДСМ во изминатите години го стабилизираa Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и значително ја намали финансиската дупка, дефицитот од 43% се намали на 33%. Сега ДПМНЕ спроведува погрешни политики со кои ja загрозува одржливоста на Фондот, го зголемува дефицитот“, велат од СДСМ по состанокот.
Нивниот приоритет, како што се додава, е заштита на интересите на работниците и обезбедување услови за достоинствен живот.
Втората точка на дневен ред за која се расправаше во СДСМ беше, како што велат, загрижувачките тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи.
Оценка на Извршниот одбор е дека неприфаќањето на лидерската средба од страна на власта испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата.
Во однос на поднесените интерпелации од политичката партија ДУИ, Извршниот одбор заклучи дека нема да ги поддржи и гласа за овие интерпелации.
„Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа. Потребен беше поинаков пристап, да се седне на лидерска средба и да се упатат заеднички пораки за смирување на тензиите затоа што тој пристап е базиран на политичка зрелост, но власта тоа го одби“, велат од СДСМ.
На состанокот стана збор и за внатрепартиските активности. Од СДСМ наведиа дека веќе е направен оперативен план и новото раководство на СДСМ од утре започнува со интензивни теренски активности, во сите општински организации. СДСМ најави промена на пристапот и враќање на гласот на членството при креирањето на политики. До крајот на годината ќе го заокружат и изборот на претседатели на општинските организации со што целосно ќе заврши процесот на обединување.
Македонија
Обвинители вршат надзор над работата на обвинителството за организиран криминал и корупција
Со одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, сите јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Претходно, согласно надлежностите на републичкото јавно обвинителство, контрола беше извршена во сите виши јавни обвинителства во државата. Надзорот се врши во согласност со член 21 од Законот за јавното обвинителство и Правилникот за вршење надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства донесен од Советот на јавните обвинители.
До крајот на годината ќе биде извршен надзор и над постапувањето на Одделението за меѓународна правна помош во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и над Канцеларијата за врски со Европравда во републичкото обвинителство.
Македонија
ЗНМ и ЕФН со заеднички напори за медиумска слобода и демократија во Македонија
Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), претседателот Младен Чадиковски и извршниот директор Драган Секуловски, заедно со генералниот секретар на Европската Федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез изминатите неколку дена остварија серија средби со првите луѓе од клучните институции во Македонија.
Работни состаноци беа одржани со премиерот Христијан Мицкоски , претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за правда Игор Филков и со ЕУ амбасадорот Михалис Рокас.
На средбата со претседателот на Владата и претставници на неговиот кабинет, Чадиковски и Гутиерез отворија важни прашања за унапредување на условите за работа на медиумските професионалци и усогласување на законската рамка со европските стандарди. Се дискутираше за подобрување на условите за медиумските работници, потребата од транспарентност и инклузивност при изработката на закони што ќе го унапредат медиумскиот сектор и ќе ја заштитат слободата на изразување, како и за потребата од создавање на Анти СЛАПП механизми, фонд за медиумски плурализам, кои ќе придонесат за создавање на стабилна и праведна медиумска околина.
Во Собранието акцент беше ставен на актуелните состојби со медиумскиот простор во земјава и за важноста од понатамошно унапредување на слободата на медиумите и независноста на новинарите. Од страна на ЗНМ беше нагласена потребата од професионален пристап при изборот на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), процес кој е во тек како и потребата во ова важно тело да има претставник на новинарската заедница. Тие апелираа при селекцијата да се имаат предвид критериумите за професионалност и независност на кандидатите.
На средбата со министерот за правда покрај актуелните предизвици со кои се соочуваат новинарите при вршење на нивната работа, се разговараше за СЛАПП тужбите кои создаваат притисок кај новинарите, финансиски и психолошки и го поткопуваат јавниот интерес, како и за потребата од заедничка соработка за правни реформи во согласност со европските стандарди.
Амбасадорот Рокас и неговите соработници беа информирани за потребата од механизми за заштита на новинарите од злонамерни тужби кои ја нарушуваат медиумската слобода, за фондот за медиумски плурализам што ќе обезбеди финансиска стабилност за независните медиуми и ќе го заштити јавниот интерес, а беше побарана и континуирана поддршка и помош од Делегацијата на ЕУ за унапредување на медиумската слобода и демократските вредности во земјава.
Овие средби претставуваат значаен чекор кон унапредување на медиумските слободи и зајакнување на демократските стандарди во Република Северна Македонија.