Македонија
СДСМ: И Арсовска ветува милијарди инвестиции како и Груевски, кој успеа да го донесе само туристот Субрата Рој

Со своите нереални ветувања Данела Арсовска почнува да личи на Никола Груевски кога предизборно ветуваше 8 милијарди евра инвестиции, а успеа да го донесе само туристот Субрата Рој, велат од СДСМ.
„Ветувањата на Арсовска за бесплатен јавен превоз со 250 екоавтобуси, мегапарковите, а сега и иновативен парк, личат на ветувањата на Субрата Рој дека ќе донесе 20.000 крави во Џумајлија, дека ќе направи Лас Вегас во Љубаништа и дека ќе донира милионски споменик на „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од сето тоа не видовме ништо, освен еден кич „мировен фестивал“, на кој Никола Груевски и Субрата Рој го промовираа барокното „Скопје 2014“. Скопјани многу добро ги знаат иновациите на ВМРО-ДПМНЕ: пиратските галии, жалните врби и прскалките во Вардар, палмите, градските плажи на Коце и стотиците милиони евра инвестирани во бетонски парк од споменици, кој Арсовска вети дека редовно ќе го одржувала.
Наместо да ја замајува јавноста со нови имагинарни паркови, Арсовска ѝ должи одговор на јавноста колку чини еден кинески електричен автобус, како тој што го објави на својата страница. Дали Арсовска упорно избегнува да одговори затоа што електричниот автобус од 18 метри чини околу 800 илјади евра, а 250 такви автобуси околу 200 милиони евра? Зошто Арсовска продолжува да ја манипулира јавноста дека толку пари за прескапи кинески автобуси може да се обезбедат ВЕДНАШ од европските фондови?
Наместо да даде одговори на новинарски прашања за тоа колку ќе ги чинат скопјани нејзините „проекти“, Арсовска со манирите на Мартин Протуѓер и Илија Димовски секојдневно им држи лекции на новинари што да прашуваат и кои теми да ги работат“, велат од СДСМ.
Додаваат дека скопјани веќе не наседнуваат на нереални ветувања, утописки проекти и не сакаат враќање во мрачното тоталитарно минато кога политичарите од ВМРО-ДПМНЕ не одговараа пред јавноста и бегаа од дебати.
Арсовска ќе биде казнета на 17 октомври од скопјани поради потценување на нивната интелигенција, бегањето од дебати и избегнувањето да даде одговор за лесните ветувања, такви какви што ги даваше Субрата Рој, порачаа од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.