Македонија
СДСМ бара прво формирање Влада, потоа свикување Собрание

Иванов да се вразуми и да го даде мандатот со тоа што ќе ги исполни своите уставни овластувања, бараат од опозициската СДСМ, која поднесе потписи од 67 пратеници до Претседателот, но тој одлучи да не им го даде мандатот.
„Ова претставува директно кршење на Уставот, рушење на уставниот поредок и токму заради тоа и денешната прес конференција и повикот навистина Иванов да направи се, да помогне Македонија да излезе од оваа криза. Изборот на Парламентот и сите други работи којшто претходат, сигурно дека мора да се случат меѓутоа најважно од се е Македонија да добие што е можно побрзо Влада“, рече генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, зошто не побараат свикување на Собранието и да се распишат локалните избори, за кои рокот истече вчера.
Тој не прецизира до кога ќе чекаат Иванов „веднаш“ да го даде мандатот, туку вели дека ќе направат сé, преку сите можни расположливи демократски и правни средства да ги остварат уставните начела и да ја формираат новата влада.
„Ние очекуваме дека кога има Иванов избор од една страна Македонија и граѓаните на Република Македонија, и од втора страна заштита на одредена политичка структура или спас од криминалот, дека сé уште има време да се предомисли и да застане на страната на граѓаните на Република Македонија, бидејќи знаете вие дека, имаше и протести претходно во Република Македонија, после една одлука за амнестија на одредени политички структури во Република Македонија“, рече Спасовски.
Појасни дека со тоа што го чекаат Иванов да се предомисли, не сакаат да ги разгорат страстите и дека преземаат сé што е во нивна можност.
„Наша цел е да се смират тензиите. Наша цел е да не продолжи конфликтната состојба и поделбата, наша цел е да не ја брануваме јавноста и да создаваме нереди кои можат да прераснат и во пошироки размери. Затоа постојано повикуваме кај граѓаните да преовлада разумот, да бидеме дел од луѓето кои ја имаат сериозната одговорност за мир и стабилност во Македонија и таа состојба на делување е најголемата порака до оние кои во овој момент креираат одредени кризи. Затоа, СДСМ прави сé и ќе прави сé и натаму да не дозволи во ниту еден момент да се случи да ескалираат состојбите, заради тоа што ескалација на состојбите најмногу му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство“, рече Спасовски.
За писмото коешто Иванов денеска го испрати до ЕУ, САД и Турција, со кое бара меѓународната заедница да ја осуди платформата потпишана од албанските партии во Македонија, Спасовски смета дека е само негово оправдување, што го прекршил Уставот со недавањето мандат на Зоран Заев.
Имајќи предвид дека претседателот и заменикот-претседател на партијата, денеска се сретнаа со амбасадори на неколку земји, до кои и е испратено писмото на Иванов, на прашањето што порачале тие, како гледаат на писмото, Спасовски рече дека главната порака е Македонија да добие Влада што е можно поскоро, заради тоа што само на таков начин може да се смират тензиите и кризата да го доживее својот крај, а Република Македонија да почне да се движи напред, да се прават реформи./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицевски: Луѓе на Заев се кандидатите за градоначалници што ги предлага Филипче

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, и денеска упати критики до раководството на СДСM, обвинувајќи дека кандидатите за градоначалници кои ги предлага партискиот лидер Венко Филипче се, како што рече, луѓе на Зоран Заев.
„Луѓе на Заев се кандидатите на Филипче, истата матрица само различни луѓе“, рече Мицевски, додавајќи дека СДСM продолжува да функционира под влијание на поранешниот премиер.
Според него, кандидатите се определени со одобрување од Заев, а Филипче е само обична фигура без право на глас. Како пример го наведе кандидатот за Куманово, Мартин Костовски, за кого рече дека е близок соработник и функционер на СДСМ под влијание на Заев.
„Човекот кој беше директор на Службен весник, пратеник, а сега организационен секретар на СДС, е таму само затоа што е послушник на Заев. Како ќе каже Заев, така Костовски прави“, изјави Мицевски.
Тој посочи дека Филипче, како претседател на партијата, нема реална моќ и дека предлог-кандидатите мора да ги испорача во знак на благодарност кон Заев.
Според Мицевски, кандидатите се синоним за неспособност и пораз уште во првиот круг на локалните избори.
Македонија
На граничните премини Богородица и Табановце се чека по 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица и на Табановце е 20-30 минути, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Поднесено обвинение против директорот на болницата за геријатрија за примање поткуп од 20.000 евра

Обвинителството поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и уште едно лице, кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.
Директорот е обвинет дека сторил кривично дело – Примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
„Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата“, соопшти Обвинителството.
Со Обвинителниот акт е доставен и предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.