Македонија
СДСМ го спасува Авировиќ од затвор

Во Собранието се менуваат членови од Кривичниот законик со што се отвора патот одговорност да избегнат дел обвинети во предмети на СЈО. Ова се сфаќа како дел од таканаречениот процес на „помирување“ или протнување амнестија за оние кои треба да гласаат за уставните измени.
Па така, Василије Авировиќ, обвинет во случајот „Труст“ на СЈО и син на пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ, која гласаше за уставните измени, ќе може да добие условна казна со денешните предложени законски измени во Кривичниот законик.
Ќе се менува членот 275-в од законот што се однесува на злоупотреба на постапката за јавен повик и доделување на договор за јавна набавка – минималната казна затвор ќе се намалува од пет на четири години. Ова значи дека ако некое лице е осудено на 4 години затвор, повисокиот суд може да му ја намали казната на половина, односно на 2 години. Условна осуда, пак, може да му се определи на лице осудено на најмногу 2 години затвор.
Во јули годинава бизнисменот Сеад Кочан беше осуден на шест години затвор за случајот „Труст“, а Авировиќ на три години. Тие се осудени за злоупотреба на постапка за јавна набавка. И двајцата добија забрана за вршење дејност и да бидат управители или одговорни лица на правно лице во траење од 3 години.
Тие поднесоа жалби на пресудата до Апелацискиот суд, кој сè уште се нема изјаснето по жалбите на осудените.
Со предложените законски измени, ќе се отвори можност Апелацискиот суд да ја ублажи казната за Авировиќ, односно тој ќе може да добие можност за условна казна.
Адвокатот Јанаки Митровски вели дека најверојатна е можноста Апелацискиот суд му ја усвои жалбата и да го врати предметот на повторно судење.
„На првото рочиште тој ќе го признае делото и со примена на вонредно ублажување на казна ќе му дадат услов“, вели тој.
Кочан, Авировиќ и Ватиќ и две фирми беа обвинети за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Според обвинението, обвинетите со фалш документи учестувале и добиле тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра. Обвинетите на ЕЛЕМ му доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.
„Макфакс“ вчера објави и дека власта подготвува измени во членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената положба според кој се обвинети десетина лица од предмети на СЈО. Овие измени денеска беа ставени на дневен ред a под притисок на јавноста, тие беа повлечени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Имаме 828 потпишани проекти, без разлика градоначалникот од која партија доаѓа

На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, пратеничката Драгана Бојковска му постави прашање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски за капиталните инвестиции кои се однесуваат на општините од вториот повик од унгарскиот кредит, кои се проектите, какви се проектите и каков бенефит за граѓаните тие ќе носат.
„Ова за прв пат се случува во Македонија, ваков тип на инвестиција која што од Владата директно ќе биде наменета за општините. Во минатото сме сведоци на многу проекти од Владата кои што биле со одреден фокус и имале поинаква оптика и ова е сосема различен пристап. Јас сум многу задоволен бидејќи нема поубаво чувство кога ќе се организира настан и ќе се соберат градоначалниците од сите општини, од сите политички партии кои што имаат свои градоначалник, но и независни и кои што во мое присуство ќе потпишат договори за реализација на ваков тип на проекти. Овој проект преставува модел како треба државата да функционира, кога имаме заеднички интерес. Во случајот тој заеднички интерес се проектите во општините. И сите тие без да постои било каква замерка, дојдоа и потпишаа договори во една апсолутна хармонија, и тоа е примерот како треба да функционира. Од една страна е добро за граѓаните, кои не се тие кои треба да ја платат сметката поради политичките разлики кои ги имаат политичарите“, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека имаме 1.200 градилишта, активни и идни, во државата и дека истото е добро за бизнисот, градежни компании градат булевари, спортски сали, паркови, училишта, градинки и други капитални инвестиции. Тој додаде дека до сега над 20 милијарди денари е вкупниот обем на инвестициите и процесот е целосно транспарентен.
„И самото тоа што никој не негира и негодува, туку напротив се заблагодаруваат и опозицијата и тоа е добро. Еве да речеме градоначалникот на една општина во југоисточна Македонија, излезе и јавно се заблагодари исто така и други градоначалници кои што се од опозицијата излегоа и се заблагодарија и овој пример треба да се следи. Тоа е добро затоа што од истата таа опозиција слушавме дека станувало збор за апсолутистичка власт, јас сум бил деспот, сум имал елементи на деспотско однесување, а од друга страна се заблагодаруваат на Владата што финансира и поддржува општини кои што не се само дел од власта, туку и од опозицијата“, објасни Мицкоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова свика втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи утре, 1 август 2025 година, петок, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Фатон Селами предложен за нов Народен правобранител од владеачката коалиција

Пратениците од владеачката коалиција во Комисијата за избори и именувања го избраа 40-годишниот Фатон Селами за предлог кандидат за нов Народен правобранител.
Селами во моментот е општински советник во Тетово од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата Вреди, а предложен е од координаторот на пратеничката група Беким Ќоку. Опозициските пратеници од Европскиот Фронт го оспорија изборот.
За избор на Народен правобранител потребни се најмалку 61 глас и најмалку 20 гласови од пратениците од помалите етнички заедници.
Селами има десетгодишно искуство во канцеларијата на Народниот правобранител, магистратура, и минато како државен секретар во Министерството за правда. Исто така, има положено правосуден и нотарски испит и има авторски трудови за човекови права.