Македонија
СДСМ: Документи откриваат дека Владата однапред решила да ја оштети државата со паркингот во Клинички

Од СДСМ истакнуваат дека излегуваат на виделина сè повеќе докази за криминалната зделка на Владата на Мицкоски и Таравари за паркингот во Клиничкиот центар. Објавениот оглас за тендерот јасно како што велат, потврдува дека Министерството за здравство и министерот Арбен Таравари уште од самиот почеток однапред ја договориле оваа зделка за „Ѓока Констракшн“, при што приватната компанија ќе добие 99% од приходите, а државата само мизерен 1%! Документите кои ги криеше Таравари објавени во медиумите, додаваат дека го потврдуваат она во што се сомневаше СДСМ.
„Огласот објавен во ноември минатата година покажува дека самото Министерство за здравство поставило услов концесионерот да плаќа само 1% од приходите на државата! Тоа значи дека не понудувачот, туку министерството тоа го ставило како услов.
Таравари и Мицкоски свесно решиле паркингот да го предадат на приватна фирма, оставајќи ја државата без приход, додека пациентите ќе плаќаат речиси двојно поскапо паркирање! Ова е јасен доказ дека целата постапка е сомнителна и дека некој од власта ќе профитира од оваа зделка на грбот на граѓаните!
Но тоа не е сè – од истата објава јасно се гледа дека еден од условите за учество на тендерот бил компанијата да има изградено мостови! Каква врска има изградбата на мост со поставување монтажни гаражи во Клиничкиот центар?! Ова е класичен доказ дека тендерот бил специјално скроен за „Ѓока Констракшн“, компанијата што го има изградено мостот „Ваша“ во Албанија. Со овој сомнителен услов, Владата оневозможила реална конкуренција и обезбедила однапред познат победник“.
СДСМ бара итна истрага за корупција. Нагласуваат дека институциите не смее да молчат.
САпоред нив, Владата не смее да го забошоти овој случај, а Мицкоски и Таравари ќе мора да одговараат за овој класичен пример на корупција.
„Ова не е само обичен тендер – ова е обид за директен грабеж на јавните ресурси! Додека граѓаните плаќаат скапи услуги, владините функционери си договараат зделки што носат милионски профити за приватни фирми“, додаваат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска дел од Карпош

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Козле крак – 2, општина Карпош.
Македонија
Делови од Аеродром и Гази Баба денеска без вода

По добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје информира дека денеска поради планирани зафати без водоснавбдување ќе останат:
· поради изведување на водоводен приклучок ф 80 мм на улица Блажо Орландиќ бр.38 А, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците на потегот од булевар Србија до улица Тодор Чангов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности. (општина Аеродром)
· поради дефект во шахта (промена на прв вентил ф 2.5“) на улица Ташко Караџа бр.3, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Ташко Караџа, Трифун Хаџијанев и Христо Ботев од 09:00 часот до завршување.(општина Гази Баба)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне услови за краткотраен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 25 до 30 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Времето во наредните денови
Од петок до почетокот на следната седмица под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 l/m²). Во петок ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура значително ќе опадне (од 10 до 13 степени) во однос на денешната.