Македонија
СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Градевте новокомпонирани споменици на археолошки остатоци
СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Градевте новокомпонирани споменици на археолошки остатоци
СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за негрижа за вистинското културно наследство, наспроти трошењето огромни пари на сомнителен барок.
„Освен по огромниот степен на сиромаштија, криминал и корупција, 11- годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметено и по целосната неодговорност и негрижа за културното и историско наследство на Македонија.
Состојбата со Музејот на Македонија, кој е целосно запуштен и руиниран, со срушени плафони и мувлосани ѕидови, каде над 120 вредни икони се чувале во крајно несоодветни услови, е само еден од доказите за незаинтересираноста и негрижата на ВМРО-ДПМНЕ за заштита на културното наследство.
Долгогодишната негрижа на ВМРО-ДПМНЕ за вистинското културно наследство, за која јавноста и СДСМ долго укажуваа, резултира со огромни штети врз најзначајните културно-историски градби. Такви се случаите со грозоморните градби врз археолошките остатоци на Плаошник, алармантната состојба со античкиот локалитет Хераклеа, целосната запуштеност на скопскиот аквадукт, пропаѓањето на фреската „Ангелот од Курбиново“ во црквата „Свети Ѓорѓија“ во Курбиново, запуштеноста на скопското Кале и негово искористување во политички и партиски цели, како и загрозувањето на културното наследство во локалитетот „Скупи“.
Додека вистинското историско и културно наследство беше занемарувано и оставено да скапува и да се распаѓа, ВМРО-ДПМНЕ ги трошеше парите на граѓаните на сомнителни тендери за градење лажен барок, скапи споменици и „новокомпонирани“ културни наследства како Порта Македонија и Музејот на ВМРО за кои се потрошија над 23 милиони евра пари на граѓаните“, стои во реакцијата од оваа партија.
Со таквиот однос кон културното и историското наследство, ВМРО-ДПМНЕ ги погази идентитетот, националните и државните интереси. Времето на лажен барок и скапи споменици заврши. Новата Влада предводена од СДСМ посветено ќе работи на санирање на штетите што ВМРО-ДПМНЕ им ги направи на граѓаните и државата, а посебен акцент ќе се стави на заштитата на објектите кои се од вистинско културно и историско значење за граѓаните на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

