Македонија
СДСМ: За состојбата со депониите во Скопје виновни се кадрите на ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ обвини дека Скопје е задушено во чад поради горење на депониите и дека граѓаните со сопственото здравје ја плаќаат цената на, како што велат, неспособноста и лагите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека Даме Димитровски, советник на премиерот Христијан Мицкоски за животна средина и поранешен претседател на комисија на ВМРО-ДПМНЕ, воедно е и претседател на Управниот одбор на „Дрисла“.
„Ќе побара ли сега Мицкоски одговорност од него?“ прашуваат од СДСМ и додаваат: „ВМРО-ДПМНЕ имаше и директор на Дрисла – Јане Мицевски, човек без никакво соодветно искуство, магистер за туризам и менаџмент.“.
Тие потсетуваат дека со депонијата Вардариште со децении управувале градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, како и дека партијата и нејзините кадри пред четири години ветувале фабрика за селекција на отпад во „Дрисла“, затворање на Вардариште и „зелена зона“ со рекреативни содржини, но ништо од тоа не е реализирано.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не само што не решија ништо, туку ги оставија депониите да го трујат градот. Вината за еколошката катастрофа е кај нивните кадри и градоначалници,“ стои во реакцијата на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и студено, на планините снег
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

