Македонија
СДСМ: Мицкоски да објасни што договарал со бугарските здруженија во државата наместо да се крие зад соопштенија од белиот дворец

Наместо од белиот дворец секојдневно да пласираат лаги и невистини, Христијан Мицкоски треба да излезе и да објасни што договарал со претседателите и основачите на бугарските здруженија и клубови во државава. Основачите на клубот „Ванчо Михајлов“ имаат објавено многубројни фотографии, на кои се во друштво на Мицкоски и високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека деновиве во јавноста се појавија и фотографии на кои Мицкоски во еден манастир е сликан со претседателот на здружението „Цар Борис Трети“. Која била целта на овие среди и што договарал Мицкоски, тоа треба да каже тој наместо да се крие зад соопштенија од белиот дворец.
Владата предводена од СДСМ во врска со прашањето со Бугарија постапува сериозно и одговорно заштитувајќи ги црвените линии поставени со резолуцијата усвоена во Собранието.
Ниту за Гоце Делчев, ниту за јазикот ниту за македонската посебност нема и нема да има какви било преговори, македонскиот идентитет денеска е меѓународно потврден и загарантиран, ВМРО-ДПМНЕ да престане да глуми патриотизам и да ги лаже и вознемирува граѓаните, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Францускиот предлог претставен пред Стратешкиот совет на МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, синоќа го свика Стратешкиот совет за надворешна политика со цел одржување на консултации за предлогот на ЕУ за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.
Стратешкиот совет претставува еден од столбовите за изградба на долгогодишната стратегија за надворешна политика на Северна Македонија, во процесот кој се иницираше минатата година од страна на Министерството – Рефлексија2030.
Османи на состанокот детално ги образложи главните елементи од последниот предлог, кои, како што рече, не задираат во идентитетските прашања и после речиси две децениски кандидатски статус овозможуваат да се отвораат заслужените пристапни преговори.
„Во светло и на пошироките геополитички импликации, како резултат на руската агресија врз Украина и потребата од политичка стабилност и предвидлив развој на нашиот регион, продолжувањето на нашите европски интеграции особено добива на значење.“, нагласи Османи.
Од МНР коментираат дека консултациите со сите релевантни општествени чинители претставуваат важен аспект од процесот на донесување на конечна одлука за овој историски момент за насоката на која ќе се движи државата.
Македонија
Шарл Мишел во посета на Скопје

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денес пристигнува во посета на Скопје.
Се очекува Мишел во рамките на посетата да ја покаже поддршката на ЕУ за францускиот предлог и да ја потврди заложбата за македонските евроинтеграции.
Од Владата информираа дека во рамки на посетата високиот претставник од Советот на Европа ќе има тет-а-тет средба со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Потоа е предвидено да присуствува на владината седница, по што во 13:15 часот премиерот Ковачевски и претседателот на Советот на Европа Мишел, ќе одржат заедничка прес-конференција
Македонија
Сончево и топло време, попладне пороен дожд и грмежи

Времето претпладне ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне и во вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, наместа со услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 31 до 39 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северозападен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 37 степени, информираат од УХМР.
Денес, ќе се задржи многу топло време, во попладневните и вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
В среда на повеќе места ќе биде нестабилно и ќе има пад на температурата, особено во северните делови за 3 до 5 степени. Нов влажен бран со пад на температурата насекаде ќе има од петок и за време на викендот. Од денес до крајот на периодот ќе има појава на локално невреме со интензивен пороен дожд, град и силен ветер.