Македонија
СДСМ: Мицкоски запнал да ги казнува луѓето што не се во брак

Со шок и неверување СДСМ ја проследи намерата на Мицкоски да ги казнува дополнително граѓаните и да воведе данок на неженети и немажени, велат од опозициската партија.
Како што велат, оваа длабока конзервативна и погрешна идеја директно гази на правата, слободниот избор на граѓаните и ја ништи нивната волја.
„Ваквите недемократски мерки немаат место ни во земјите од третиот свет, а не пак во демократски држави за кои се смета Македонија. Од друга страна, Мицкоски со ова уште еднаш потврдува колку нема допир со реалноста и не ги разбира граѓаните ниту нивните проблеми. Не ги разбира ниту младите, ниту луѓето што живеат сами, ниту семејствата што едвај врзуваат крај со крај. Наместо решенија, тој нуди казни. Има огромен број на луѓе кои сакаат да се во брак и да имаат деца што ќе ги гледаат како растат во радост, но од здравствени или други причини и не можат да ги имаат“, велат од СДСМ.
Тие прашуваат дали е свесен Мицкоски дека секое трето дете живее во сиромаштија и дека половина милион граѓани живеат со плата под просечната?
„Мицкоски е човек од високата класа со саати од 60.000 евра кој јаде папаја и манго за доручек. Тој не разбира што значат економски проблеми“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека понекогаш луѓето не остануваат сами затоа што така избрале — туку затоа што животот ги принудил, а има и такви кои се плашат дека нема да можат да се изборат со сè што оваа држава им става на плеќи.
„Партнерството, љубовта и децата не се само желба, туку и одговорност, и тие многу добро ја знаат таа одговорност. Проблемот не е што луѓето се себични, туку што државата ги остава сами во таа борба. Ова не е време за казнување на луѓето, туку време за вложување во нив. Време е да се обезбедат плати од кои може да се живее, училишта со учебници, градинки со доволно места, здравство кое не ги остава родителите да молат и да чекаат со месеци. Време е да им се даде на луѓето причина да останат, да сакаат, да се венчаат и да имаат деца тука — затоа што веруваат дека тука има иднина“, се наведува во соопштението.
Според СДСМ, решението за негативниот наталитет и иселувањето не е во понижувачки даноци.
„Решението е во тоа да се покаже дека секој тука има своја вредност, своја шанса и своја поддршка. Оние што сакаат да останат и да изградат живот овде се храбри. Наместо да ги казнуваме, треба да ги поддржиме“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Поради завршување со градежните работи на „Санација на мостот преку река Вардар кај Башино село“ на регионален пат Р1312, делница Башино Село-Велес, од 08.07.2025 година се воспоставува нормален режим на сообраќај во двата правци, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја дел од Сопиште и дел од Карпош

Од ЕВН Македонија АД известуваaт дека денеска ( Среда ) без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:00 до 12:00 часот, дел од с.Сопиште (на главен пат околу,,Давидоф“).
. во периодот од 12:30 до 14:30 часот, дел од ц.Долни Нерези-Карпош.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за повремен дожд

Сончево со мала до умерена облачноста. Во северните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер, во западните делови од западен, а долж Повардарието и во источните од северен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Поради продор на посвежа воздушна маса од север и засилен северен ветер (над 60 km/h) во четврток дневната температура значително ќе опадне (од 8 до 10 степени). Во петок ќе се задржи посвежо време и ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Во деновите потоа ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, а температура ќе биде во постепен пораст.