Македонија
СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бегаат од избори

„Во овој тежок период со кој се соочи светот и нашата држава поради коронавирусот, на граѓаните им е потребна сериозна, одговорна, ефикасна и брза борба против невидливиот непријател којашто ќе им помогне на сите погодени од кризата и ќе им го врати нормалниот живот“, соопшти СДСМ.
Според партијата, за време на здравствената и економска криза, граѓаните прават јасна разлика помеѓу одговорно и неодговорно однесување.
„Граѓаните не ја забораваат срамната изјава на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на крајот од февруари, кога кажа дека „од СДСМ молеа бога да се случи корона вирус за да не може ВМРО-ДПМНЕ да излегува со народот на протести“.
Наместо со заедништво и солидарност да придонесе во борбата против коронавирусот, Мицкоски се исмеваше и ја потценуваше пандемијата. Истиот тој Мицкоски само два месеца по несреќната и скандалозна изјава, се исплаши и бега од одржување на предвремени парламентарни избори.
Мицкоски е соочен со неуспехот на неговите срамни, непатриотски надежи и напори да го одложи членството на Република Северна Македонија во НАТО, државата да не добие преговори со ЕУ, како и со пропаднатите подметнувања здравствените институциите да не успеат во справувањето со епидемијата, поради што знае дека е губитник. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажаа крајно неодговорно однесување во клучните моменти за здравјето на македонските граѓани. Тие се свесни за тоа и затоа бегаат од демократски мегдан. Тоа е причината поради којашто не сакаат функционално Собрание, нормализирање и избори.СДСМ ќе продолжи да се однесува одговорно и секој следен чекор, ќе биде исклучиво во функција на сигурната иднина на граѓаните, а Мицкоски нека продолжи да спортува, така е најмалку опасен за македонското здравство, за македонската демократија“, се вели во соопштението.
Според СДСМ, граѓаните се уморни евтиното политиканство, деструктивно и неодговорното однесување на Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ и ги препознаваат нивните лаги со цел да шират паника во време на криза кога им е потребна сигурност.
„Граѓаните знаат дека Мицкоски е тој кој е против европска, безбедна и стабилна иднина на нашата држава, против членство на државата во НАТО и ЕУ.СДСМ и граѓаните сериозно се подготвуваат за новата реалност, за враќање на нормалниот тек на процесите и одговорност е на сите политички партии и институции тоа да го овозможат“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.