Македонија
СДСМ: Насилството на антиевропската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја покажува нивната вистинска цел

Вечерва граѓаните беа сведоци на нови инциденти и насилство на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и проруската инсталација Русија пред Собранието; соопшти СДСМ.
„ Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието. Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи.
Првичните информации се дека има и повредени неколку припадници на полицијата. СДСМ најостро го осудува насилството, овој насилен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица го покажува нивното вистинско деструктивно и насилно лице.
Протестот е загарантирано право но насилството е кривично дело и одговорност за ова мора да понесат сите инволвирани. ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица сакаат да ја дестабилизираат државата, да и наштетат и со тоа да одработат на центри на моќ кои не и мислат добро на нашата земја и на нашиот народ и не сакаат земјата да биде дел од Европската уника.
СДСМ, институциите, заедно со граѓаните, нема да дозволиме насилничкото однесување и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрози државата. Нека не се обидуваат да го повторат упадот од 27 април. Тоа нема да го дозволиме“ порачаа од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути, на Табановце и Пелинце околу два часа

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу половина час. На ГП Табановце и ГП Пелинце се чека околу 2 часа за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Македонија
ДУИ: Охридскиот мировен договор ја спаси земјата од идеологиите на уништување и омраза

Демократската унија за интеграција по повод 21-годишнината од потпишувањето на Охридскиот мировен договор, оценува дека тој правен акт кој утврди вистинските вредности на демократијата во земјата и го отвори патот за непрекинатото партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
„Како политички субјект од своето формирање, ДУИ има примарен приоритет за континуирано спроведување на неговата содржина и денес можеме да констатираме дека прогресивната мисија и цел е целосно заокружена преку воспоставување на вредностите на еднаквост, консензуална демократија, социјална кохезија и зајакнување на мирниот соживот. Реалноста по 2001 година со факти зборува за забележителниот напредок, за правичната застапеност во институциите на државата, за официјалниот албански јазик, за непречената употреба на националните симболи, за универзитетите отворени на албански јазик и за сите ускратени права кои беа некаде пред 2001 година“, нагласуваат од ДУИ.
Во духот на Охридскиот мировен договор, успеавме, велат од таму, да го одржиме прозападниот курс на земјата, станавме дел од НАТО и успеавме да го започнеме процесот на интегративни преговори со Европската Унија.
Демократската унија за интеграција цени дека годишнините од Охридскиот договор им припаѓаат на сите граѓани бидејќи тој историски моментум ја спаси земјата од идеологиите на уништување и омраза, ја воспостави правдата што недостасуваше во земјата и го означи триумфот на вистинската кауза за еднаквост.
Македонија
Алијанса за Албанците: Албанците денес имаат финансиски проблеми, само тие од власта станаа милионери

Охридскиот договор е документот што направи промена во земјата и имаше за цел да ја промовира еднаквоста меѓу народите и развојот на земјата и нејзините граѓани. За овој документ многу млади мажи и жени ги жртвуваа своите животи, многу населени места беа тешко оштетени и се уште ги чувствуваат последиците, велат од Алијанса за Албанците.
„Денес, 21 години од потпишувањето на овој договор, целта се уште не е постигната во ниту еден од столбовите на овој документ, додека во некои од нив имаме и уназадување. Правична и соодветна застапеност не само што не е постигната, туку е пренасочена и заменета со партиско претставување на високи и клучни функции за системот. Денес не само што не постои еднаквост меѓу народите, туку нема и индивидуална правда за граѓаните. Во економската сфера не само што е зголемена сиромаштијата, туку се продлабочи и дискриминацијата во распределбата на буџетот по етничка основа. Албанците денес имаат финансиски проблеми, додека само тие од власта станаа милионери. Неспроведувањето на Охридскиот договор и неговиот дух доведе до зголемување на криминалот и корупцијата, главно на штета на албанскиот граѓанин“, потенцираат од оваа партија.
За појасно да се разбере неуспехот на владите од овие две децении, раководени од ДУИ, додаваат од Алијанса за Албанците, доволно е да се потсетиме, како што велат, дека дете родено во 2001 година, денес на 21 година возраст го прекинува учењето и ја напушта државата, тргнувајќи по патот во печалба. Многу негови врсници се деца на загинати борци кои се жртвуваа за овој договор, а многу жени коишто оттогаш останаа без сопружници денес ги испратија и своите синови.
„21 години по потпишувањето на Охридскиот договор, владејачката партија ДУИ се фали со миграцијата на младите и малкуте инвестиции на приватните бизнисмени, обидувајќи се да им го украдат трудот и нивното пожртвување“, е наведено во соопштението од оваа партија.