Македонија
СДСМ: Највисока реализација на капитални инвестиции во 2022 година

„Економските политики на Владата предводена од СДСМ даваат видливи резултати. 2022 е година на најголема реализација на капитални инвестиции досега, во вредност од 465 милиони евра“ соопштуваат од владејачкиот СДСМ.
Од таму посочуваат дека „и покрај тоа што минатата година ја одбележа светска економска криза, реализирани се речиси 90 отсто од планираните капитални проекти, што е највисок процент во споредба со претходните 10 години. Вредноста на инвестициите на државата по тој основ во последните три години изнесува 1,1 милијарда евра. Реализирани се 1.300 километри патна инфраструктура, почната е изградбата на железничка пруга во вредност од 600 милиони евра“.
„Комплетирана е изградбата на гасоводот од Жидилово до Битола и многу други капитални проекти значајни за граѓаните и стопанството. За оваа година во буџетот планирани се дури 51,8 отсто повисоки капитални инвестиции. СДСМ како одговорна партија продолжува со мерките и политиките што обезбедуваат развој, европска перспектива на земјата и европски услови за живеење на граѓаните“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР: Декларацијата усвоена во бугарското собрание не соодветствува на договорената политика

Министерството за надворешни работи соопшти дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни анти-бугарски активности во Македонија“, усвоена денеска, на последниот ден од работата на Народното Собрание на Бугарија, не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.
„ Со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи. Секој чин на провокација од било која страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји.
По однос на содржината на декларацијата, би сакале да издвоиме:
Северна Македонија во изминатиов период преку конкретни проекти и активности, покажа дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската.
Исто така, Министерството за надворешни работи во повеќе наврати посочи дека Законот за фондации и здруженија не е насочен против здружувањето на ниту една етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности кои претставуваат провокација не само за етничките македонци, туку и за сите граѓани кои живеат во Северна Македонија.
Во истиот контекст, не постои никаква оправдана основа ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженија и фондации. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации.
Остануваме на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид, институциите на системот реагираа соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се Претседателот, Премиерот и Министерот за надворешни работи. Притоа Министерот Османи оствари и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани подеднакво. Оттука бројните изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на Декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниту еден начин не соодветствуваат на реалноста“ се вели во реакцијата на МНР.
Од таму повикуваат на воздржаност од натамошни одлуки и дејствија кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани, токму во духот на европските вредности и слободи.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска и Агелер: Во Битола има уникатно богатство на чија заштита посветено работиме

Битола е богат град, и културно и историски. Секое делче од неа раскажува посебна приказна. Имаме уникатно богатство за чија заштита треба посветена работа“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која првата работна средба со амбасадорката на САД во нашата држава, Анџела Агелер, ја искористи за заедно да посетат неколку значајни локалитети и институции во Битола.
Костадиновска-Стојчевска и Агелер ги посетија археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Историскиот архив – Битола, а имаа и средба со пратенички и советнички од овој регион.
При посетата на локалитетот Хераклеја се запознаа со текот на активностите во рамките на проектот за конзервација и презентација на мозаици и архитектура на локалитетот, кој треба да биде финализиран до јуни годинава, а за кој беше обезбеден грант од американската амбасада во земјата.
Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до амбасадорката Агелер за стратегиското пријателство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, за грижата и солидарноста на американскиот народ, кој преку амбасадорскот фонд во континуитет учествува во заштитата на македонските културни богатства за идните генерации што доаѓаат.
При посетата беше истакнато дека конзерваторските интервенции, кои првпат се преземаат во толку голем обем токму благодарение на овој грант, не само што ќе овозможат зачувување на овие исклучително вредни културни добра по кои е препознатлива Хераклеја туку ќе дадат и ново светло и значење на самиот локалитет.
Македонија
(Видео) Адвокатот на Лидија Димова: Не ги злоупотребила фондовите

Ексдиректорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, не ги злоупотребила фондовите. Ова го тврди нејзиниот адвокат Зоран Молчанов. Тој посочи: „Па до сега нема ниеден што пријавил оштета на тоа“, иако Обвинителството тврди дека штетата што ја направила е 20 милиони денари.
„Тезата е таква, од една страна. Меѓутоа, нема предочено спротивно од кои одредби на Законот за јавните набавки е постапено. Наспроти тоа, ние објаснивме дека целокупната процедура е запазена баш во согласност со Закон за јавните набавки цитирајќи по кои членови тоа е направено“, рече адвокатот.
Тој додава дека ОЛАФ ја затворило истрагата за Лидија Димова и посочува: „Се има интересирано, меѓутоа нема утврдено никаква неправилност во работењето“.
Лидија Димова не чувствува вина за делата злоупотреба на службената положба и овластувањето и измама на штета на европската заедница. Александар Гочев, второобвинет, призна вина за делото измама на штета на европската заедница. Со тоа судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска ја раздвои постапката за Гочев.
Обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска поднесе обвинителен акт против Лидија Димова, разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Александар Гочев, тогашен нејзин близок соработник, и Ана Павлиду, пензионира благајничка во институцијата. Според обвинителката, сите три лица оштетиле средства на европската заедница. Лидија Димова се гони дека со намера за друг да прибави имотна корист ја злоупотребила положбата и овластувањето, па постапила спротивно на Законот за јавните набавки и на Законот за основање Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Таа ангажирала соработници во Агенцијата, без да објави оглас, а меѓу нив е и ангажирањето на Зоран Златковски. Истовремено, Димова се гони и за исплаќањето издатоци за службени патувања. Обвинителката бара одговорност од Димова и за склучени договори без јавни набавки.