Македонија
СДСМ: Не може да има пари за луксузирање на власта, а да нема за минимална плата за работниците

„Владата на Христијан Мицкоски се луксузира на грбот на народот, изнајмува приватни авиони, нарачува егзотични овошја, додека за работниците, кои едвај врзуваат крај со крај, власта вели дека нема пари. Мицкоски ги понижува работниците. За владата има луксузни овошја, луксузни патувања, луксузни возила додека работниците не можат леб, јајца, млеко и месо да обезбедат за своите семејства преку цел месец. Не може да има пари за авиони, папаја и манго за владата а да нема пари за поголеми плати за работниците“, велат од СДСМ.
„Животниот стандард на граѓаните опаѓа, цените се покачени, за да се покрие основната синдикална кошничка се потребни веќе 3 минимални плати. Најмалку што заслужуваат работниците е фер минимална плата од 500 евра за достоинствен живот, но оваа власт дури и тоа го доведува во прашање. Парите од буџетот мора да бидат наменети за граѓаните“, посочуваат од СДСМ и додаваат:
„Што им е работа на министрите и на премиерот освен да најдат пари за поголеми плати на работниците? Па имаат историски најголем буџет од 6 милијарди евра како може да нема за работниците? Наместо расипничко трошење, власта треба да обезбеди пари за зголемување на минималната плата, подобрување на условите за работа и унапредување на квалитетот на животот на сите граѓани. Работниците заслужуваат достоинствен живот, а не беда и понижување“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Целосна поддршка за пратеничката Мимоза Муса, покажа висок политички и институционален интегритет во чувствителен период

„ВЛЕН ја изразува целосната поддршка и благодарност за принципиелниот и непоколеблив став на пратеничката Мимоза Муса, која покажа висок политички и институционален интегритет во чувствителен период за албанската политичка сцена во земјата“, велат од ВЛЕН.
„Пратеничката Муса, избрана претставничка од редовите на Алијансата за Албанците, остана лојална на волјата на 107 илјади албански граѓани кои му дадоа доверба на овој коалиционен блок со цел да донесе промени и да отвори ново поглавје на чесно политичко претставување.
Нејзиниот став е јасен доказ дека претставувањето во Собранието не е само политички мандат, туку мисија во служба на граѓаните, на вистината и на стремежот за длабока реформа на албанската политика.
ВЛЕН потврдува дека единството, принципите и лојалноста кон граѓаните се темелот врз кој ќе ја изградиме нашата политичка иднина. Нашите пратеници, без исклучок, се обврзани да ги застапуваат граѓанските интереси и да се држат далеку од каков било компромис што е во спротивност со волјата на слободниот глас.
Јавно ѝ се заблагодаруваме на г-ѓа Муса и ѝ посакуваме понатамошен успех во достоинственото претставување на интересите на албанските граѓани“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски на одбележувањето на Националниот ден на Власите

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва присуствуваше на Свечената академија што се одржа во Македонскиот Народен театар по повод 120 години од официјалното признавање на Власите како посебен народ.
На настанот беше присутен државниот врв, претставници на институции, организации и бројни членови на влашката заедница во Македонија.
„Влашкиот народ има длабоки историски корени и значајна трага во македонското културно и општествено ткиво. Со својот труд, со својата култура и посветеност, тие оставиле и сѐ уште оставаат длабоки траги во економскиот, културниот и општествениот развој на нашата држава.
Ова е ден кога се потсетуваме дека секоја етничка заедница е непроценлив дел од мозаикот на македонската државност. И токму затоа, наша обврска како институции е да продолжиме да создаваме општество во кое секој ќе се чувствува виден, вреднуван и подеднакво вклучен.
Горди сме што Општина Кисела Вода е дом и на бројни припадници на влашката заедница и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите иницијативи што водат кон градење на почит, соработка и траен соживот“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Сиљановска-Давкова во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил и се поклони на гробот на сесловенскиот просветител.
Молебенот, на којшто присуствуваа членовите на државно – црковната делегација, претставници од дипломатскиот кор и други гости, го отслужија владиката Јосиф и владиката Јаков со претставници на Македонската православна црква — Охридска архиепископија.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим, првпат е организирано во 1969 година по повод 1100 години од неговата смрт. Оттогаш секоја година, на 24 мај, со највисоки почести се одбележува во присуство на македонска државно – црковна делегација.