Македонија
СДСМ: Ние сме единствената партија во која што членството бира претседател на директни внатрепартиски избори што говори за демократскиот капацитет
Попладнево се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ.
На седницата, Централниот одбор оцени дека со погрешните политики на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ животниот стандард на граѓаните со месеци се влошува, граѓаните имаат се помалку пари додека платите стагнираат.
„Власта покажува голема неспособност, нема одговор за покачувањето на цените, за осум месеци не понуди ниту една успешна економска мерка додека во здравството се случува хаос и недостаток на лекови, образованието уназадува и генерално земјата се движи во погрешна насока. СДСМ останува посветена на борбата за подобар животен стандард. Како одговорна партија СДСМ ќе понуди пакет на законски решенија за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Согласно Статутарните одредби, Централниот одбор донесе Одлука за распишување на директни внатрепартиски избори за избор на Претседател на СДСМ кои ќе се одржат на 16 март 2025 година“, велат од Централниот одбор на СДСМ.
Воедно Централниот одбор избра нов состав на Централна изборна комисија на СДСМ и го усвои Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на Претседател на партијата.
„СДСМ е единствената партија во земјата во која што членството бира претседател на директни внатрепартиски избори што говори за демократскиот капацитет и на партијата и на членовите. На оваа седница Централниот одбор го одобри и планот за интензивни теренски активности кои ќе започнат овој месец, на средби со членовите и граѓаните ширум земјата. Паралелно ќе течат и подготовките за локалните избори оваа година“, рекоа оттаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

