Македонија
СДСМ: Нов дебакл на губитникот Мицкоски и очајната ВМРО-ДПМНЕ
Нов дебакл на очајната ВМРО-ДПМНЕ предводена од губитникот Христијан Мицкоски. Кога видоа дека граѓаните не им даваат поддршка на нивните лицемерни протести, денеска срамот од слабата поддршка се обидоа да го скријат со наводен протест, и тоа со нивните луксузни автомобили, соопшти СДСМ.
„Скапите автомобили што денеска граѓаните ги видоа се уште една потврда за вистинското, лицемерно лице на ВМРО-ДПМНЕ и поразениот Мицкоски.
Не постои поголем показател за нечесниот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните. Организира таканаречени протести за цената на електричната енергија кога токму оваа партија во своето владеење ја зголеми 100 отсто цената на електричната енергија и ја укина евтината дневна тарифа на струјата за домаќинствата.
Тоа го покажуваат и официјалните податоци за цената на киловат електрична енергија. Таа во 2006, годината кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, изнесувала 2,62 денара за киловат-час во скапа и 1,31 денар за киловат-час во евтина тарифа. Во 2017 кога ВМРО-ДПМНЕ оди во опозиција, цената за киловат-час изнесува 5,54 денари и не постои евтина тарифа.
Со доаѓањето на СДСМ, со одговорно работење, просечно македонско домаќинство има помали сметки, односно заштедува над 300 денари месечно само со враќање на евтината тарифа.
Мицкоски не разбира ниту математика ниту енергетика и не му се воопшто важни граѓаните, тој мисли само да си ја зачува партиската фотелја.
Затоа беше трипати по ред казнуван на фер, слободни и демократски избори и затоа уште долго останува во опозиција“, додаде партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Ноќ што испиша историја, Филхармонијата го воздигнува името на земјата во Виена
Вчера бевме сведоци на голем културен успех на нашата земја, историскиот концерт на Филхармонија на Македонија во Златната сала на Музикферајн во Виена, една од најпрестижните сцени за класична музика во светот.
Овој концерт, кој се одржа во величествена и емотивна атмосфера, го демонстрираше високото уметничко ниво и професионализам на нашата филхармонија, која со своите брилијантни интерпретации на делата на композиторите Бете Илин, Сони Петровски, Смокварски и Дворжак, го воздигна името на нашата држава и нашата култура во срцето на Европа, велат од „Вреди“.
„Вреди“ изразува посебна благодарност до директорот на Филхармонијата, Мустафа Имери, за визионерското управување, посветеноста и напорната работа што ја претворија Филхармонијата во примерна институција за успех и меѓународна културна соработка.
Посебна благодарност им упатуваме на Министерството за култура и туризам, предводено од министерот Зоран Љутков, државниот секретар Марија Ѓоргова, амбасадорот на Република Северна Македонија во Виена, Освит Росоклија и националниот координатор за интеркултурализам, Абаз Селмани, за нивната поддршка во реализацијата на овој важен национален проект.
Ова е пример за тоа како преку институционална соработка, професионализам и почитување на уметноста, нашата земја може достојно да се претстави пред светот“.
Културата, како што додаваат, е мостот што нè обединува и го зајакнува нашиот идентитет, а овој концерт во Виена беше јасен доказ дека Северна Македонија знае да го зборува јазикот на уметноста достоинствено и со светска класа.
„Вреди“ изразува благодарност до сите уметници, членови на оркестарот, диригентот Јерухам Шаровски, солистите Ана и Игор Дурловски и сите оние што придонесоа за оваа незаборавна вечер што ќе остане како златна страница во историјата на нашата култура.
Македонија
Димитриевски најави нови паркинзи, зелени површини и детски катчиња на повеќе локации во Куманово
Комплексот згради и просторот околу него на булеварот „Октомвриска револуција“ ќе добие сосема нов изглед многу скоро во наредниот период. Ова го вети кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски. Тој најави низа проекти насочени кон уредувањето на јавниот простор, подобрување на инфраструктурата и зачувување на зеленилото во тој дел од градот.
„Во следниот период сите партерни содржини околу вашите згради ќе бидат уредени, воедно ќе бидат и проширени сите постоечки паркинг простори, уредно обележани, како составен дел од втората зона за паркирање, а која ќе ги опфати и месните заедници „Панче Пешев“ и „БС Гојчо“ што ќе биде целосно бесплатна за сите што се со место на живеење на оваа адреса“, нагласи Димитриевски.
Посебен акцент во своето обраќање, Димитриевски стави на зачувувањето на зелените површини и спречувањето на прекумерната урбанизација. „Сите зелени површини вклучувајќи го и „Ореов лад“, ќе бидат задржани со акцент дека нема да се дозволи урбанизација на тој потег. На таа локација ќе се изгради нова детска градинка и дополнително нови зелени површини, рече Димитриевски.
Истовремено, најави дека кај локалитетот Табакана ќе се отстранат времените градби и ќе се направи нов паркинг простор, детско катче и повеќе зелени површини. Ист ќе биде пристапот и за просторот кај „Скара кај Жмара“, каде ќе се изгради и спортско-рекреативен комплекс и ново место за игра на најмладите, како и за комплексот К4 каде ќе никнат ново катче за најмалите, нови зелени површини и проширен паркинг простор.
Затоа, потенцираше тој, ќе се отворат нови градежни зони каде инвеститорите ќе може да градат, а градот да се шири надвор, бидејќи урбаниот развој на Куманово мора да биде балансиран меѓу изградбата и зачувувањето на просторот за живот.
Упати и повик до граѓаните за масовен одѕив на 2 ноември на вториот круг од изборите. „Ве повикувам масовно да излезете в недела и да ја дадете вашата поддршка за мене – вашиот кандидат Максим Димитриевски, затоа што Куманово заслужува континуитет и да продолжи да расте и да се развива“, порача Димитриевски.
Македонија
(Видео) Трајановски: Поддршка за млади претприемачи
Младите ќе бидат во фокусот на мојата работа како градоначалник на општина Аеродром, истакна Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром.
„Затоа предвидуваме формирање посебна програма што ќе нуди финансиска поддршка на млади лица до 29 години што сакаат да започнат сопствен бизнис. Грантови за стартапи до 4 000 евра по апликација. Обуки за претприемаштво, дигитален маркетинг и бизнис-планирање. Консултантски услуги за пристап до национални или европски фондови. Целта на оваа мерка е да се намали невработеноста кај младите и да се зголеми бројот на активни млади претприемачи.
Вие сте клучот на промените, затоа на 2 ноември да се избориме за подобра иднина, и за општина која ќе биде Ваш партнер“, порача тој.

