Македонија
СДСМ: Општина Аеродром официјално молчи за труењето на учениците во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“
И по пет дена од случајот на труењето со храна на учениците во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром остануваат отворени многу прашања од граѓаните. Општина Аеродром официјално молчи. Освен информациите дека е извршена вонредна инспекциска контрола од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – Скопје, дека се земени брисеви од примероци од храната, површини и персонал, дека се изречени времени мерки од ДЗСИ за затворање на училишната кујна и дека ИЈЗ откри токсини од бактерија во примероците од храна, ниту една дополнителна информација во насока на целосно разоткривање на случајот не е објавена во јавноста, велат од СДСМ.
„Родителите на учениците имаат право навремено и детално да бидат информирани за одговорите на следните прашања:
– Колку редовно се вршат контроли и кој е задолжен за одржувањето на хигиенските услови во кујните на училиштата на територија на Општина Аеродром?
– Какви се хигиенските услови во просториите каде што учениците ја консумираат храната и условите во тоалетите каде што учениците и персоналот одржуваат лична хигиена?
– Колку често се вршат контроли на исправноста и квалитетот на храната и каде се произведува храната за учениците? Во какви услови се чува храната пред и по подготвувањето до моментот на послужување на учениците?
– Колку често и на кој начин се вршат контроли на процесот на реализирање на јавни набавки и јавни повици за избор на доставувачи на храна во училиштата во општина Аеродром?
– Кој е задолжен за составувањето на дневното мени за храна и дали се консултирани стручни лица при утврдувањето на критериумите за избор на доставувачи на храна и избор на дневно мени прилагодено на возраста на учениците?
– Дали е точно дека во недостаток на средства за хигиена, родителите често сами се организираат за прибирање на дополнителни средства за набавка на течен сапун, влажни марамчиња, тоалетна хартија и слично? Потсетуваме дека ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе ги укине овие трошоци за родителите преку набавка на доволни количини на средства за хигиена.
– Конечно, колку време е потребно за утврдување на одговорноста за контаминирањето на храната и кои се мерките кои во таа насока ќе бидат преземени од страна на училиштата во Аеродром?, прашуваат од СДСМ и додаваат:
„Недозволиво е Општина Аеродром по пет дена официјално да молчи за случајот. Освен одговорот на советничкото прашање на СДСМ кој в.д. градоначалникот Дејан Митески го даде на седница на општинскиот Совет за првичните мерки преземени на денот на откривањето на случајот, ниту една дополнителна информација не е пласирана во јавноста, ниту едно официјално соопштение, прес конференција, објава на интернет страницата на општината и слично. Родителите на учениците имаат право да ги знаат овие детали поврзани со труењето на нивните деца. До кога Општина Аеродром ќе молчи за случајот?“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

