Македонија
СДСМ: Повторно нема истрага против никој од МВР одговорен таа ноќ

Проширувањето на истрагата за страшната трагедија во Кочани се уште е фокусирана само на минатото а никако на моментите кога се случил кривично-правниот настан ниту на актуелни полициски функционери, регира СДСМ по денешната прес-конференција за истрагата.
„Истрагата се уште нема одговор на клучните прашања:
-Кој е одговорен за пожарот поради кој згасна 61 живот а околу 200 млади луѓе беа повредени?
-Кој ќе одговара за пропустите во безбедноста, за кои директно се надлежни МВР и БЈБ?
На денот на трагедијата, 16 март, актуелните функционери на ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ кои биле на позиции биле одговорни за безбедноста и морале да постапуваат.
Ако затаиле контролните механизми и безбедноста, кои се под директна надлежност на ОВР Кочани, СВР Штип, односно МВР и БЈБ како е можно ниту еден од актуелните функционери да не биде приведен и да не биде опфатен со истрагата?
Фактите говорат дека овие институции под директна надлежност на МВР не постапиле соодветно за време на кривично-правниот настан и непосредно пред него.
Не само што не изготвиле безбедносен план и не направиле проценка на ризик, полицијата била на лице место кобната ноќ во диското – видела малолетници, пиротехника, непријавен настан, клуб без лиценца – и не презела ништо.
Дополнително, МВР е надлежно и за дозволите и контролата на употреба на пиротехника во затворен простор –што е основна причината за пожарот.
Тошковски наместо да дава политички изјави треба да одговори како е можно да нема никаква одговорност од актуелните полициски функционери кои биле на позиции тој ден?
СДСМ инсистира на неселективна правда за Кочани. Никој не смее да биде заштитен. Истрагата не смее да продолжи да се води селективно насочена само кон минатото.
Одговорност мора да има за сите, особено за оние пропустите во безбедноста, без разлика на функцијата или позицијата“, велат од СДСМ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски во ОАЕ: Очекувам плодни и успешни средби коишто ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави

Премиерот Христијан Мицкоски од денеска е во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) каде се најавуваат билатерални средби.
Како што најави, тој во ОАЕ ќе остане до четврток.
„Од денес па до четврток, заедно со тим од Владата, заедно со тим од мојот кабинет, се наоѓаме во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во билатерална посета. Деновите коишто следат очекувам да бидат многу плодни и успешни средби коишто ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави.
Денес, впрочем денот го започнавме со исклучително квалитетна и пријателска би рекол средба којашто ја имав со Неговото височество, претседателот на ОАЕ. На средбата и двајцата ја истакнавме потребата од многу поблиски односи, многу поплодни односи, а јас, од моја страна, накратко ги образложив нашите цели како Влада, но истовремено, го поканив Неговото височество, претседателот на ОАЕ, да ја посети Македонија, а нормално, бизнис заедницата од ОАЕ одблиску да ги согледа сите можности за директно инвестирање во делот на туризмот, инфраструктурата, енергијата, земјоделството и така натаму- нешто што, убеден сум дека може да претставува солидна основа за наша билатерална и подлабока соработка.
Во деновите коишто следат, ќе имам средби со стопанските комори на Емиратите- Дубаи, Абу Даби, Шарџа- како и многу средби со компании коишто се присутни во регионот и коишто покажуваа интерес да инвестираат кај нас, дома во Македонија“, вели Мицкоски.
Македонија
(Видео) „Сите идеали не се вредни колку солзите на едно дете“ со насолзени очи советничка во Кочани си поднесе оставка

Советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кочани, Кристина Атанасова Арсова, денес на седницата за избор на в.д. градоначалник си поднесе оставка и низ солзи ја напушти говорницата.
„Проектите кои им ги ветивме на граѓаните на изборите не беа погодни за раководството на мојот општински комитет, кои понесени од функцијата тргнаа по патот на своите амбиции“, рече Атанасова-Арсова.
Таа како советник им се извини и побара прошка од граѓаните што не успеала да го реализира она што им ветувала во кампањата.
„Пред граѓаните на Општина Кочани дадов заклетва дека ќе ги застапувам нивните интереси. Но, најпрво ќе барам прошка и извинување. Барам прошка и извинување на сите граѓани затоа што не успеав многу работи да реализирам а им имам ветено. Имав храброст и визија, но бев сама. Тоа не беше погодно за челниците на мојот општински комитет. Тие водени од своите суети и понесени од моќта на функциите, кои за прв пат во животот им се случија, тргнаа по патот на сопствените амбиции, притоа заборавајќи ја доктрината на нашата партија донесена 2021 година. За кандидатите имам да го кажам следново. Едниот својот кредибилитет го гради само преку медиумиски ситни реклами. Сите овие години не се запрашал за правилностите или неправилностите на дискотеката, веројатно му годела збавата во објектот по користење на забранети супстанци. Другиот зедно со своите блиски другарчиња, кој пропагира чесност и солидарност, понесен од влијанието на позицијата, тргна по осовојување на било која функционерска позиција со физички напади и јадење на живи луѓе и не го гласаше буџетот, а сега сака да раководи со него. Сметам дека е коректно, функцијата треба да ја превземе претседтелот на општинскиот совет. Мојот здрав разум и заклетва не ми дозволува ниту еден кандидат“, рече таа.
„Во оваа прилика сакам да ја доставам мојата оставка. Мислам дека ова е страшно недостојно и понижувачки. Оние кои ме познаваат знаат зошто го правам ова. Следниот период ќе се посветам на син ми кој е се уште во болница по несреќата. На сите деца кои треба да се вратат и да се рехабилитираат, тоа им е потребно. Периодот ќе биде многу долг. Јас ќе се борам за нив со сите мои сили. Сите идеали на овој свет не се вредни колку што се солзите на едно дете, рече Атанасова Арсова и во солзи ја напушти говорницата.
Македонија
(Видео) Струшкиот градоначалник Мерко го прослави роденденот: „Покажа стабилно лидерство“, го пофалија вработените

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко денеска организираше прослава за 68-от роденден, a вработените во администрацијата на Општина Струга му упатија и честитки и благодарност.
Во објавата на социјалните мрежи вработените во општината пишуваат дека Мерко покажал стабилно лидерство, бескомпромисна посветеност и висока сензитивност кон потребите на граѓаните и вработените во администрацијата.
„Хармонијата и меѓусебното разбирање, како и односот изграден врз основа на заемна почит и отворена комуникација, се доказ за вредностите кои тој ги пренесува во секој чекор од институционалното работење.
Високо ја цениме плодната соработка и позитивната атмосфера која секојдневно ја негува во институцијата што ја води, мотивирајќи нè за чесна, посветена работа со јасна визија.
На овој значаен ден, кој се совпаѓа и со уште еден јубилеен датум, му посакуваме на градоначалникот Мерко добро здравје, семејна среќа и континуирани успеси во неговата натамошна мисија за развој на Општина Струга“, му пишуваат на Мерко вработените во општината.