Македонија
Заев со предлог функционерите и административците да земаат минимална плата од 14.500 денари
Од СДСМ изготвиле низа економски мерки кои ќе ги достават до Владата, а со цел да им се помогне финансиски на граѓаните и на фирмите кои се погодени од кризата поради коронавирусот.
Лидерот на партијата, Зоран Заев, рече дека станува збор за мерки од околу 200 милиони евра за поддршка на граѓаните и на стопанството.
Дел од мерките предвидуваат сите функционери и раководители да земаат минимална плата од 14.500 денари за април и за мај.
Тука влегуваат сите избрани и именувани функционери и раководители на државно и на локално ниво, пратеници, премиер, вицепремиери, министри, градоначалници, директори, раководители, судии и обвинители.
Истото важи и за сите вработени во јавен сектор.
„Вработените во се она што се смета за јавен сектор, јавна администрација на државно и локално ниво ќе земат минимална нето плата од 14.500 денари за месеците април и мај“, рече Заев.
Оваа мерка не се однесува на вработените лекари и медицинскиот и помошен персонал, полицајците и војниците и тие што работат со нив и околу нив, за помагање за справувањето со коронавирусот.
„Во вакви времиња, најповикани сме на солидарност. Подобро да издржиме два месеци, солидарно, на минимална плата, отколку да дозволиме крах на економијата и последици по сите“, рече Заев.
Понатаму, СДСМ предлага претседателите и членовите на советите во општините, управни и надзорни одбори на јавни институции да работат без надоместок.
„Мерката предвидува претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции од извршната и локалната власт, како и претседатели и членови на советите на општините, и претседатели и членови на комисии формирани од извршната и локалната власт кои се истовремено некаде вработени, нема да земат никаков надоместок за месеците април и мај. Ова не е време за екстра надоместоци“, вели Заев.
При исплата на платите и надоместоците, заштедите кои ќе се постигнат, задолжително, сите јавни и државни субјекти се предлага да бидат уплатени во таканаречен фонд за борба против корона (Корона фонд) отворен во рамки на Буџетот на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

