Македонија
(Видео) Седум години затвор за Катица Јанева, а 9 години за Бојан Јовановски за „Рекет“
Судот донесе пресуда за предметот „Рекет“ и го осуди Бојан Јовановски – Боки 13 на 9 години затвор, додека на Катица Јанева ѝ одреди 7 години затвор. Судијката Васка Николовска-Масевска кажа дека судечкиот совет ги ценел сите олеснителни и отежителни околности на сега осудените. Во судската сала присутен беше Јовановски, но не и Јанева, која претходно до судот доставила барање да не биде спроведувана од нејзиниот дом каде што издржува мерка куќен притвор.
„Виновни се затоа што во периодот од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски со искористување на своето влијание над Катица Јанева, која е јавен обвинител во СЈО, преку претходни пријателски односи, влијаел да му се одреди поблага мерка куќен притвор, а притворот бил предложен и одобрен, да му се укине мерката претпазливост, да биде заштитен сведок. Во ова учествувал и осудениот Зоран Милески – Кичеец со договарање средби. За посредувањето добиле 1.5 милиони евра“, рече Масевска.
Судијката објасни дека Јанева за себе прибавила предмети и пари, со незаконското постапување како прв човек на специјалното јавно обвинителство.
„Катица Јанева го прифатила влијанието од Јовановски и како јавен обвинител ја искористила својата службена положба и ги пречекорила границите на своето овластување. Таа за себе набавила предмети, мебел што за неа го набавил Бојан Јовановски, пари во износ од 50 илјади евра. Бојан Јовановски и Зоран Милески побарале 500.000 евра од Ана Камчева и таа им ги дала парите, а Јанева дала предлог да се укине мерката на Камчев и да му се одреди мерка куќен притвор. Апелациониот суд донел одлука за куќен притвор, а за време на нејзиното одржување, Јовановски и Милески го посетувале во неговиот дом. Катица Јанева била вклучувана на спикерфон, а велела дека обвинителката која го работи случајот ќе постапува како што ќе каже таа“, додаде судијката.

На Јовановски му беа ставени на товар две кривични дела, примање награда за противзаконито влијание за кое казната е една до 10 години затвор, а исто толку е и казната за другото дело што му се става на товар, односно перење пари и други приноси од казниво дело. Јанева, пак, Обвинителството ја товари за злоупотреба на службената положба и овластување, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 3 години. Милески беше веднаш осуден на три години затвор за примање награда за противзаконско влијание, по претходно признавање вина.
Обвинението против Бојан Јовановски – Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец беше поднесено во октомври минатата година од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Половина година траеше судењето за случајот „Рекет“ – рочиште по рочиште, вкупно 36. Јовановски се жалеше на лоша здравствена состојба, бараше домашен притвор, а Јанева со качулка на главата беше пренесена во домашен притвор.
Се редеа сведоци, но најголемо внимание предизвикаа Камчев и неговата сопруга Ана, кои тврдеа дека биле жртви на уцена и дека се бореле за правдата во Македонија. Русковска, пак, одеше со спротивна теза, дека Камчев го монтира случајот за да се спаси од случајот „Империја“.
Судскиот процес заврши пред две недели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

