Македонија
Секогаш е волшебно чувството да се биде тука каде што се поставени темелите на нашиот јазик, рече Гаши при посетата на Музејот на албанската азбука во Битола

Со денешната посета на Битола, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, ги продолжи теренските обиколки на општините низ земјава, каде што има или се во фаза на отворање пратенички канцеларии за контакт со граѓаните.
Гаши ја почна оваа посета со средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој го запозна претседателот на Собрaнието со тековните предизвици и проекти за развој на Општината. На средбата беа разменети и мислења околу можностите за поблиска соработка меѓу законодавната и локалната власт, со цел да се реализираат заеднички проекти кои ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните на Битола и да се создадат најдобри можности за развој во овој регион.
Во придружба на пратениците од Битола, Олга Лозановска, Силвана Ангелевска, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Пеце Милевски, Гаши ги посети и пратеничките канцеларии, како негова редовна пракса за ставање во функција на канцелариите во секоја општина.
Во таа пригода, Гаши ја истакна својата заложба за зајакнување на комуникацијата со граѓаните, гарантирајќи дека нивниот глас ќе биде слушнат и нивните барања ќе бидат земени предвид во процесите на носење одлуки. Претседателот на Собранието, исто така, се заложи за унапредување и подобрување на капацитетите на овие канцеларии и ги охрабри пратениците да организираат што повеќе средби со граѓаните, со цел нивните потреби да бидат соодветно застапени во Собранието.
За време на престојот во Битола, претседателот Гаши го посети и Музејот на албанската азбука во овој град, посочувајќи дека ова место е вечно засолниште на националната историја и за страста за албанско образование.
„Секогаш е волшебно чувството да се биде тука каде што се поставени темелите на азбуката на нашиот јазик, бесмртен симбол на националното единство и гордост. Оваа пријатна посета послужи како момент на размислување за визијата, храброста и пожртвуваноста на нашите предци, кои ни овозможија да ја имаме и зачуваме азбуката на убавиот албански јазик“, рече Гаши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коридорот 8 е национален приоритет за Бугарија, велат од бугарското министерство за транспорт

Министерството за транспорт и врски не ја одложи изградбата на пругата кон Република Северна Македонија, се истакнува во информацијата на ова министерство која ја пренесуваат бугарските медиуми.
Министерството за транспорт и врски со години работи на развој на Коридорот 8, кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море преку Албанија, Република Северна Македонија и Бугарија, се нагласува во информацијата.
„Од вкупно 1.220 километри железница, повеќе од половина од нејзината должина – 747 километри – е на територијата на Република Бугарија. Од нив останува да се изградат само 2,5 километри железничка пруга – од Гуешево до Деве Баир (границата со Република Северна Македонија)“, информираат од бугарското министерството за транспорт, пренесува БГНЕС.
Делницата, како што велат е финансирана во рамките на Програмата „Транспортно поврзување“ 2021 – 2027 година и ќе биде завршена во планираниот период од 2029 година. За споредба, делот што недостасува од територијата на РСМ е приближно 70 километри.
„Медиумска шпекулација е тврдењето дека нашата земја ја одложи модернизацијата на бугарската делница. Железничката линија Радомир – Ѓуешево е во функција и по завршувањето на делницата од Ѓуешево до Деве Баир долга 2,5 километри ќе може да се приклучи на мрежата на операторот ПЦМ преку прекуграничен тунел. Исто така, NKŽI го нарача дизајнот на рехабилитација на целата делница за брзини до 160 km. Овој проект е финансиран и од Програмата за транспортна поврзаност 2021 – 2027 година.
На 15 јануари 2025 г. согласно утврдената процедура, Бугарија ѝ предаде на Република Северна Македонија нацрт-договор за прекуграничен железнички тунел со Република Северна Македонија, во кој се претпоставува дека страните имаат заедничка цел – изградба на прекуграничен железнички тунел меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во граничната област, вклучително и преку спроведување на јавна набавка за изградба и надзор на изградбата на тунелот од страна на една од договорните страни и напорите за обезбедување грант помош за негова изградба, бидејќи изградениот објект треба да ги исполнува барањата на ЕУ и НАТО за ваков тип на инфраструктура. До денес нема официјален одговор од РСМ, наведуваат во својот став од бугарското Министерство.
Македонија
ДОМ: Кривична одговорност за еколошката хаварија на Крива Река

Политичката парија ДОМ го повикува Обвинителството да покрене кривична пријава за денешното загадување на Крива Река поради испуштање на енормно количество јаловина со тешки метали и хемикалии од рудникот Тораница и помор на рибниот фонд долж сливот кон Пчиња и Вардар.
Согласно кривичниот закон ваквото загадување на животната средина претставува тешко кривично дело против природата и животната средина каде се предвидени затворски казни над 10 години за одговорните лица во правното лице, оценуваат од партијата.
Министерството за животна средина и Обвинителството, како што велат, треба да ги превземат сите дејствија во нивна надлежност, а не се исклучува можноста согласно Законот за животна средина за одземање на А интегрирана еколошка дозвола на рудникот Тораница поради тоа што ова е трета еколошка хаварија во последните 5-6 години.
Македонија
Ова е победа на правдата: ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката за притвор на Јахоски

ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката на Кривичниот суд за определување на притвор на Асмир Јахоски, Пуцко Петрол. Ова е победа на правдата, се вели во соопштението од оваа партија.
„Само со одлуката за ставање во притвор на Јахоски е единствено исправна и очекувана за криминалот од 160 милиони евра, криминална шема во која еден од обвинетите е во бегство.
Само со исправни одлуки ќе го победиме системот кој мора да го смениме“.
Оваа одлука, според владејачката партија немало да се случи без народот жеден за правда.
„П.С Порака до целата политичко бизнис бандитска исповрзана мрежа:
Заедно со народот жеден за правда ќе ве победиме сите вас кои ја злоупотребувавте државата, сите вас кои ја доведовте Македонија до ова дереџе. Правда ќе има. Ред ќе има“, порачуваат од партијата на Мицкоски.