Македонија
Семејна заштеда и помал притисок за родителите: Дурмиши за поевтинувањето на училишниот прибор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја промовира новата владина мерка „Училишна кошничка“, насочена кон намалување на трошоците за училиштен прибор и заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година.
„Веруваме дека образованието треба да биде еднакво достапно за сите, без оглед на семејниот приход. Затоа, заедно со Владата, преземаме мерки што овозможуваат секое дете да почне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување“, изјави министерот Дурмиши.
Во согласност со членот 29 од Законот за трговијата, Владата на Република Северна Македонија вчера усвои одлука за утврдување највисоки цени за продажба на училиштен прибор во малопродажба и во големопродажба, која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година.
Според одлуката, се предвидува намалување на цените на училиштен прибор најмалку за 10 % во трговијата на големо и 15 % во трговијата на мало.
Мерката, според соопштеното, важи за сите видови продавници што продаваат училиштен прибор – од книжарници преку супермаркети до спортски продавници.
„Ќе биде опфатен широк спектар на производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепило, папки и други основни материјали.
Секој производ што ќе биде опфатен со оваа мерка ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката, со цел потрошувачите да имаат целосна и транспарентна слика.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесени производи. Тоа значи дека намалувањето е реално, проверливо и фер – и за потрошувачите и за трговците“, појасни министерот.
Оваа мерка, како што потенцира Дурмиши, е дел од поширок системски пристап на Владата да интервенира онаму каде што трошоците се највисоки, а потребите најголеми.
„Минатогодишната училишна кошничка беше исклучително успешна – заштедите од ученик изнесуваа од 750 до 2.000 денари. Секоја семејна заштеда значеше повеќе можности за децата, а помал притисок за родителите“, изјави Дурмиши.
Министерот истакна дека целта останува иста, да им се овозможи на сите ученици еднаков и достоинствен почеток на учебната година, без финансиски бариери.
„Продолжуваме со следење на состојбите на терен, анализи и дискусии за нови мерки – секогаш водени од интересот на граѓаните. Образованието треба да почне со насмевка, а ние сме тука да помогнеме тоа навистина да се случи“, вели Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.

